Манчевски: Инспекциите мора да имаат едукативна и корективна, а не репресивна улога

БизнисРегулатива | 14.12.2018

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива неодамна одржа инфо сесија за предлог решенијата кои се предвидени со новиот законот за инспекциски надзор. Токму новините се повод да поразговараме со министерот за информатично општество и администрација Дамјан Манчевски

 

Бизнис Регулатива: Министре Манчевски, би сакале на бизнис заедницата преку „Бизнис регулатива“ да и објасниме која е главната цел на носењето нов закон за инспекциски надзор!

 

Како што и кажавме на дебатата, една од главните причини за носење на нов закон е воведување на политиката која долго време ја најавувавме, а тоа е воведувањето на опомената како дел од инспекцискиот надзор. Станува збор за еден вид едукативен аспект на инспекциските служби наспротив казнивоста и глобите во системот. Соочени со дел од сугестиите кои што ги кажаа самите претставници од компаниите на дебатата и на други места, можеме да го зајакнеме едукативниот механизам пред да се оди на казнување. Ова е во согласност со измените коишто ги прави Министерството за правда во однос на генералната казнена политика, така што се спуштаат висините на казните и на глобите. Oва надополнето со воведување и примена на опомена пред казнување мислиме дека ќе донесе поповолен амбиент за работење на компаниите.

Втората новина е инспекциските надзори да бидат многу попредвидливи. Некои од инспекциските служби коишто не се опфаќаат со овој закон, како на пример УЈП, која не е дел од Законот за инспекциски надзор, најпрвин ќе доставуваат листи за проверка во компаниите пред да дојдат во инспекција. Тоа значи дека компаниите кои ќе бидат предмет на инспекциски надзор однапред ќе знаат со што се соочуваат и што треба да обезбедат. Ќе им се даде соодветно време за да ги исправат неправилностите, освен ако се работи за индикации за сторено криминално или кривично дело.

Третата работа е се обидеме да ја намалиме субјективноста при изборот на фирмите кај кои што ќе врши инспекциски надзор. Во минатото бевме сведоци дека делумно од бизнис причини, од политички или можеби лични причини одредени фирми неколку пати беа предмет на инспекциски надзор од страна на една иста инспекција, додека кај други пак воопшто никогаш не бил направен. Се воведува т.н. проценка на ризик, каде што ќе се гледа кои се поризични фирми и категории и тука ќе се става фокусот. Оние што редовно работат и ги подмируваат своите обврски кон државата нема причина да бидат предмет на чест инспециски надзор и да не чувствуваат притисок од страна на државата.

Ова се најинтересните предложени измени во законот, коишто би биле интересни за фирмите и за бизнис секторот. Особено мислам дека се важни измените за малите фирми и претпријатија, кај кои не ретко, за жал, глобите по инспекциски надзор значеле нивно затворање. Овие фирми ниту имаат капацитет, ниту може да се очекува да имаат капацитет да ги следат сите законски измени коишто се случуваат и да се адаптираат на сето она што го бараат законите и инспекциските служби. Се обидуваме ова да го елиминираме и прво ќе се изрекува опомена, па после казна.

 

Бизнис Регулатива: Што се однесува на опомената, дали секогаш ќе има прво опомена?

 

Во основа, така треба да биде. Секогаш треба да има прво опомена и рок за корекација. Ако во тој рок не се изврши промената, тогаш ќе се оди со следниот чекор, односно изрекувањето на глобата. Но, тоа да не биде веднаш. Нормално, пак ќе кажам дека ќе им исклучоци каде што јасно ќе се знае дека има криминал, има намера во тоа што се работи. Повторно проценката ќе биде само на инспекциите и на инспекторите, но токму затоа ја зајакнуваме улогата на Инспекцискиот совет и конечно му даваме смисла на неговото постоење - да се води сметка дека законите ќе се применуваат во духот како што се наменети и што е намерата на законодавецот.

 

 

Бизнис Регулатива: На презентацијата смоменавте дека во насока на намалување на субјективизмот и човечкиот фактор ќе се воведе и посебен тип на софтвер. На што ќе се однесува тој софтвер и што ќе регулира? Кој дел од работата ќе се автоматизира?

 

Софтверот ќе го врши изборот на фирмите во коишто ќе се врши инспекциски надзор по случаен избор. На тој начин се елиминира субјективноста или каква било зла намера. Во рамки на еден проект финансиран од Европската унија равиваме сличен софтвер и на почетокот на идната година ќе ги имаме резултатите. Доколку тестирањата покажат добри резултати, тогаш ќе се наметне и на другите инспекциски служби.

 

Бизнис Регулатива: Најавивте воведување т.н. check листи или листи за проверка со помош на кои секоја фирма ќе може самата да си направи проценка за усогласеност со законските правила. Вакви листи за проверка веќе се изработени во рамки на УСАИД проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ и објавени на веб порталот “Бизнис Регулатива“. Дали истите ќе бидат искористени?

 

Тие check листи не само што ќе бидат доставувани до фирмите кои се предмет на инспекциски надзор, туку ќе бидат и објавени. Фирмите нема да мора да чекаат да им се најави инспекциски надзор, па да се подготвуваат под притисок.

Тие мора да бидат јавно достапни затоа што е илузорно да се очекува мала или средна фирма може да ги следи сите интерни правилници и подзаконски акти на сите институции. Исто така, од екстремна важност е ние институциите да ги објавуваме сите податоци. Јас исто така сфаќам дека голем број од институциите немале механизми за објавување вести затоа што секоја институција нема своја веб страница.

Со новиот портал за отворени податоци, којшто ќе го лансираме до крајот на оваа година, сите институции, особено тие што се клучни во делот на инспекцискиот надзор во фирмите, ќе ги објавуваат сите информации од значење за компаниите и граѓаните. Колку повеќе податоци објавуваат на порталот толку порстоварени ќе бидат од барања за слободен пристап до информации.

Оние листи за проверка што веќе постојат во рамки на проектот поддржан од УСАИД секако ќе се користат и ажурираат, а ќе се направат нови за оние области во коишто недостигаат.

Бизнис Регулатива: Дали од она што досега го слушнавте од експертската и бизнис заедницата има некои крупни забелешки коишто не се имплементирани во сегашниот предлог на законот?

Крупни забелешки не гледам, но простор за подобрување гледам. Треба да се зајакнат одредени одредби за да нема двојно толкување или погрешно толкување на одредбите и со тоа да се намали субјективноста. Факт е дека со сегашната предлог-одредба се остава прилично простор на самата инспекција да одлучи што ќе прави. Втората работа е во делот на транспарентноста и објавувањето и на check листи и на барањата којашто секоја институција ја има кон правните или физичките лица.

Јас ги гледам работите од страна на бизнис секторот затоа што доаѓам од приватен сектор, меѓутоа сепак ќе оставам експертите коишто работеа на законот да ги прегледаат сите предлози коишто пристигнаа во текот на јавната расправа. Ќе оставиме уште малку простор и време, нема потреба да се брза законот. Најважно е дојдеме до најиздржано решение.

 

Бизнис Регулатива:  Недостига ли во моментот кадар во инспекциските служби и на кој начин ќе се работи со луѓето кои што до вчера работеле по еден терк, а сега има комплетна промена на пристапот?

 

Имаме голем недостаток на инспектори. Во одредени сектори има сериозен недостаток на служби коишто се администрација за инспекторите. Ова се случува и на централно и на локално ниво. Ова е дел од една поголема реформа што ќе биде резултат на хоризонталната функционална анализа што ќе резултира со целосна реорганизација и оптимизација на системот. Што значи тоа? Ќе имаме области на политики каде што министерствата треба да бидат креатори на политиките, агенции да бидат спроведувачи на тие политики, а инспекциите да ја контролираат работата.

За да го постигнеме тоа неопходно е да се променат условите за да се стане инспектор, кои сега се премногу ригорозни. Голем број инспектори заради старост ќе се пензионираат и ќе има уште поголемо намалување на бројот на инспектори. Ако останеме со сегашните критериуми за станување инспектор, во следните неколку години ќе се соочиме со уште поголем недостаток, без притоа да постои можност кој било да го надополни. Со промена на условите отвораме можност да им се даде шанса на сегашните вработени во самите инспекциски служби да можат да станат инспектори. Воведуваме еден вид на едногодишен стаж, којшто мораат да го изодат внатре во соодветната иснпекција пред да станат инспектори. Новина е што лиценцата ќе биде трајна и ќе се одземе во случај ако се детектира несовесна и нестручна работа.

Третиот аспект којшто го адресираме се малите плати. Голем дел од инспекторите се соочуваат и со голем ризик при работа, особено пазарната и трудовата инспекција. Во законот предлагаме нивната плата да се зголеми за 30%, а воведуваме и друг тип на поволности како што е осигурување. Неопходно е да имаат некаков вид на заштита за ризичната работа што ја работат, но ќе направиме и категоризација затоа што не сите се изложени на ист ризик.

 

 

Бизнис Регулатива: Доколку некој има дополнителна забелешка за предлог законот, каде можат да ги достават?

 

Може да ги достават на имејлот на МИОА, можат на проектот кој што работи на USAID.

 

Бизнис Регулатива: Кога очекувате да се заврши процесот?

 

Јас не брзам. Сакам до крајот на оваа година да имаме финален текст за да го пуштиме во процедура. Тоа значи дека прво ќе треба да го пуштиме во владина процедура, па да оди во Собрание. Оваа влада, исто така, избегнува, освен кога е апсолутно неопходно, да пушта закони по скратена постапка, така што владината и собраниската процедура ќе траат минимум околу два месеци и се надеваме дека до март следната година ќе успееме да го донесеме законот во Собранието.

 

Подготви- Верица Јорданова