Деребанов: Доколку нема координација меѓу владите за кризата ќе настрада земјоделското производство

Деребанов: Доколку нема координација меѓу владите за кризата ќе настрада земјоделското производство
БизнисРегулатива | 02.04.2020

 Во екот на економската криза предизвикана од ширењето на корона вирусот и бројните ограничувања за граѓаните, компаниите кои се занимаваат со земјоделско производство се загрижени дека ќе има огромни загуби во одредени сектори кои претежно се насочени кон извоз. Исто така голем предизвик ќе биде да се задржат работните места, односно ќе има влијание и врз ангажирањето на сезонските работници. Никола Деребанов, главниот извршен директор на „Перминдекс“ порачува дека Владата мора да се координира со земјите од регионот и да обезбеди непречено движење на стоките бидејќи само така може да се преброди кризата, секако земајќи ги во предвид сите неопходни заштитни мерки за здравјето на луѓето. 

 
 
„Многу важно е колку време ќе трае ограничувањето на движењето, како на граѓаните односно потрошувачите, така и на компаниите, вклучувајќи ги и земјоделците. Нас најмногу не загрижува заштитата на вработените кои се ангажирани, колку ќе имаат тие услови за работа. Второ ќе биде ограничувањето на каналите на набавка и дистрибуција, а потоа и потешкотиите со логистиката. Цените се зголемени за 30 до 50 проценти. Доколку нема договори пред се со земјите од регионот ќе има големи последици ако се наметнат нови ограничувања што директно ќе влијае на земјоделското производство. Транспортните трошоци се далеку повисоки и многу тешко е да се организира превоз на големи количини на производи како грозје и слично. Најмногу ќе бидат погодени извозно ориентираните земјоделски култури како раноградинарските производи. Затоа сметаме дека многу ќе биде важно да се кооридинираат владите од регионот за примена на најдобрите мерки кои сега се на располагање за да се заштитат земјоделците и нивната егзистенција“ вели Деребанов за БизнисРегулатива. 
 
 
Доколку се овозможи слободна трговија на стоки и производи оваа криза многу полесно ќе се преброди заклучува Деребанов. 
 


Сподели