Мерките што ги најави Заев наскоро ќе бидат прифатени од Владата

Мерките што ги најави Заев наскоро ќе бидат прифатени од Владата
БизнисРегулатива | 24.03.2020

Поголемиот дел од најавениот пакет на мерки од страна на Зоран Заев претседателот на СДСМ за поддршка на стопанството и граѓаните во тешки услови на економска криза предизвикана од корона вирусот, најверојатно ќе бидат прифатени на некоја од следните владини седници. 

 

Заев како претседател на владејачката партија ги постави насоките во кои ќе делуваат неговите сопартијци во Владата, односно најави пакет вреден околу 200 милиони евра со предвидени намалувања на платите на сите вработени во јавниот сектор до износот на минималната плата за април и мај, освен за припадници на здравството, војската и полицијата, а од друга страна вети дека државата ќе исплати минимални плати на приватниот сектор под одредени услови за работодавците кои се погодени од кризата. 

 

Кои мерки ќе се прифатат, а кои ќе бидат одбиени, сепак, на крајот ќе пресече Владата, откако за нив ќе се произнесат и членовите на Економскиот совет, тело кое неодамна се формираше, и во кое членуваат врвни економски имиња, и треба да помогне во надминување на економската криза која е предизвикана од коронавирусот. 

 

„Има голем број економски барања и предлози што се стигнати на адреса на Владата. Односно, има барања од партии, како и од речиси сите стопански комори, кои даваат свој список на желби за тоа како треба да и се помогне на економијата. Но, на крај тие мерки треба да ги гледа и да даде за нив свое мислење Економскиот совет, а потоа да одлучи и Владата. Убаво е да се напише нешто на хартија, но мора да се разгледаат сите економски параметри“, велат владини извори за Фактор.мк.

 

Додаваат дека партиите имаат право, врз основа на мислењата на своите експерти, да даваат свои предлози за економијта, но за тоа мора да пресече Владата.

 

Но, не негираат дека многу од предлозите на Заев ќе бидат прифатени.

 

Минимална плата за април и мај, да биде обезбедена од државата, за секој работник во приватните фирми погодени од кризата. Фирмите сами ќе си ги платат придонесите за плати, како и персоналниот данок.  Потоа, месечна плата (паричен надоместок) и за граѓаните што останале без работа поради кризата, во висина од 50 отсто од просечната плата на работникот

 

Се предлага и сите функционери и раководители да одат на минимална плата, како и сите вработени во јавниот сектор, а претседателите и членовите на советите во општините, управни и надзорни одбори на јавни институции, да работат без надоместок

 

Исто така, 7.000 денари да се даваат по домаќинство за лица без работен ангажман или лица кои биле дел од неформална економија, а за оние лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија - брз влез во системот на социјална заштита за април и мај. Тие ќе добијат просечно по 7.000 денари по домаќинство.

 

Ќе се запре и Законот за извршување до крајот на јуни, ќе се одложат кредитите, а ќе се ослободат од плаќање закуп корисниците на социјалните станови, како и неколку други мерки, меѓу кои дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 6 милиони евра, нови 50 милиони евра евтини кредити преку комерцијалните банки, со уредба со законска сила ќе се забрани фирмите да одат во стечај за време на кризата.

 

Помош ќе има и за медиумските работници, како и за спортистите и уметниците.



Сподели