Ѓоко Апостолов: Неопходна е синхронизација на сите мерки за Охрид да остане македонска туристичка мека!

БизнисРегулатива | 09.12.2018

   Охрид, најпопуларниот и најголем туристички центар во Македонија,  се соочува со повеќе предизвици што се однесува до идниот развој и можностите за раст. Долго се чека на изградба на автопатот Кичево-Охрид, се водат дебати дали може да се развие елитен туризам или пак фокусот да се стави на алтернативниот, етно, активен и еко туризам за што градот и околината имаат доволно природни услови. Во период кога се прават планови и стратегии за следните туристички сезони, но и за воопшто за пошироката состојба во Охрид во поглед на инфраструктурата, реализираните мерки и можните подобрувања кои ќе им помогнат како на претприемачите, хотелиерите и угостителите разговаравме со Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам, локален и економски развој на Општина Охрид.

 

БизнисРегулатива: На Форумот за Стратешки развој во туризмот, сопствениците на хотели и угостителски објекти ги искажаа своите предизвици на локално ниво во Охрид, како со инфраструктурата, сообраќајот и обврските за пријавување на посетите на гостите. Што може да направи општина Охрид за да им излезе во пресрет и да ги исполни нивните барања?

Треба да се разграничат ингеренциите и надлежностите кои ги имаат локалната самоуправата и централната власт. Во рамките на нашите надлежности и можности ние се трудиме да имплементираме се она што треба да го направи Охрид, да го подобриме имиџот како туристичко место, да ги подобриме условите за туристите и понудата. Сведоци сме изминатите години дека постојано бројот на туристи се зголемува, бројот на странски туристи перманентно бележи раст и тоа што посебно не радува е дека после долг период од речиси 7-8 години на опаѓање на бројот на домашни туристи, сега се зголемува откако во 2014 се стабилизираше.  И понатаму ќе продолжиме со овозможување на услови во рамки на надлежностите, подобрување на генералната слика за Охрид за и понатаму да се зголемува приливот на средства и да расте бројот на туристи.

 

БизнисРегулатива: Кои се најважни проекти со чие реализирање ќе се подобри функционирањето на Охрид и ќе се заокружи туристичката понуда?

Во однос на инфраструктурата која е под надлежност на општина Охрид се преземаат сите мерки во рамки на можностите за локалните улици и патишта. Но, треба да се земе  предвид дека булеварот Туристичка кој е магистрален пат, е под ингеренција на Министерството за транспорт и врски. Исто така, за жал, сведоци сме дека во изминатите години се одложува изградбата на автопатот Охрид-Кичево, кој  е најважна транспортна артерија за гостите кои доаѓаат во Охрид. Само патувањето од Скопје до Охрид трае најмалку три часа некогаш и повеќе во летната сезона. За тие три часа со авион може да се стигне до било која популарна европска дестинација. Треба да се земе предвид и финансиската моќ и буџетот на општина Охрид која со децении наназад работи со долгови и блокирана сметка. Тоа се надеваме дека сега ќе се подобри со најавите на Владата и ќе може повеќе средства да се инвестираат и потребите на туристите така и за локалното население.

 

БизнисРегулатива: Кои мерки досега дадоа добри резултати во поддршка на туризмот, што може понатаму да се преземе во Охрид?

Стимулирањето на одредени мерки како субвенциите за ниско-буџетните авиокомпании, како и на субвенциите за тур операторите го даваат посакуваниот резултат бидејќи се зголемува бројот на туристи од странство, но и бројот на летови кои се остваруваат на охридскиот аеродром со зголемен број на патници. Сите мерки кои се преземаат како на локално така и на централно ниво треба да бидат координирани и синхронизирани за да може да го добиеме оптималниот ефект. Крајната цел е да ги подобриме сите работи кои сметаме дека се негативни, а да ги задржиме позитивните страни и Охрид се повисоко да котира на туристичката мапа на светот.

 

Автор: Х.С.