Фондот за иновации ќе пласира 12,5 милиони евра за иновативни идеи во 2019 година!

БизнисРегулатива | 05.12.2018

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) минатиот месец објави нов повик од 1 милион евра за финансиска поддршка на новоосновани „стартап“ и „спиноф“ компании. Тоа е поводот да поразговараме со г-н Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија

 

Повикот е отворен 50 дена, од 22 октомври заклучно со 11 декември 2018, кога најдоцна до 23:59 часот е последната можност да се поднесе електронската апликација. Се работи за кофинансиран грант за новоосновани трговски друштва „стартап“ и „спиноф“, наменет за микро, мали или средни компании во доминантна сопственост на македонски државјани. Компаниите не треба да не бидат постари од 6 години до денот на поднесување на апликацијата и да не остваруваат повеќе од еден милион евра годишни приходи. Во рамки на овој инструмент компаниите може да аплицираат за најмногу 85 проценти кофинансирање од страна на ФИТР со максимален износ од 30 илјади евра, додека останатите 15 проценти мора да бидат сопствени средства на апликантот.  

 

Во фокусот на оваа програма поддржана од Светската банка се младите, а целта е поттикнување на иновативноста преку истражување и развој на нови бизниси. Дали тоа значи дека бизнис идеите и претприемачите кои излегуваат од овие рамки не би можеле да се пријават за повикот?

 

Поддршката за младите е еден од нашите приоритети, не само како Фонд, туку генерално, како држава. Од една страна вложувањето во стартапи значи високо ризична инвестиција, што може да се врати илјадници пати повеќе за што има успешни примери во светот. Од друга, вложувањето во стартап компаниите е инвестиција што ги задржува младите во земјата. Со финансирање на нивните идеи, нивниот потенцијален бизнис, државата всушност покажува дека има интерес да ги задржи младите да си ја создадат својата иднина дома. Убеден сум дека Македонија има и капацитет, а сега и јасна политика и волја да ги следи младите во развивање на нивните идеи за бизнис.

Младите ни се во фокусот, но тоа не ја исклучува можноста во рамки на овој повик да бидат поддржани и други бизнис идеи и претприемачи, доколку ги исполнуваат условите кои веќе ги наведов. ФИТР има и други инструменти преку кои финансираме широк опфат на компании, така што обезбедуваме целосен и рамноправен третман на сите кои имаат иновативни идеи и проекти.


 

Со оглед на тоа дека повикот се однесува на користење на средства од Светска банка и со евалуација од меѓународен тим на искусни експерти, може ли да ни споделите детали за самата суштина на овој повик и крајната цел за користење на средствата. Кои компании би можеле да се пронајдат во истиот?

 

Постапката за аплицирање, самите критериуми и евалуација не прават разлика дали средствата се од Светска банка или од Владата. Напротив, имаме еден систем, што е прифатен од двата финансиски партнери и како таков го следиме и спроведуваме.

Апликациите подлежат на двостепена евалуација односно фаза на пред-селекција која ја спроведуваат локални експерти и финална селекција, што ја спроведуваат меѓународни експерти. Во фазата за финална селекција влегуваат само оние компании кои ја поминале пред-селекцијата, а конечната одлука за доделување на грантови за кофинансирање од ФИТР ја носи Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од пет меѓународни експерти, според критериуми утврдени во самиот повик.

Крајната цел на активниот повик е да се поттикне иновативноста преку поддршка на активности за истражување и развој, комерцијализација на научно-истражувачки проекти и поттикнување култура на преземање ризик. Во повикот може да се пронајдат компании кои сакаат да развијат нов или подобрен производ или услуга и чиј што проект е во фаза на потврден концепт се до пред-пазарна фаза со реален план за комерцијализација.  

 

Рокот се приближува, кажете ни за сите оние кои имаат идеи или можеби проекти во фиока, каква поддршка можат да добијат компаниите кои ќе решат да аплицираат во ФИТР?

 

Често пати велам, не постои глупава идеjа. Сите идеи може да бидат успешни доколку се во вистинско време и имаат поддршка за нивната реализација. Мисијата на ФИТР е, пред се преку финансиска поддршка, да помогне секоја надежна идеја или проект од фиока да се најде на пазар. Убеден сум дека со инвестирање во иновации инвестираме и во луѓето, особено младите кои имаат потенцијал и се подготвени да ги преминат сите бариери на патот кон успехот. Свесни сме дека не секогаш идејата е созреана до таа фаза, или пак компаниите се доволно информирани за сите можности. Затоа Фондот нуди различен тип на советување и техничка поддршка, меѓу кои советување во нашиот инфо центар, специјално креирани работилници со странски и домашни експерти како и индивидуална обука со експерти од областа на иновациски менаџмент, истражување на потенцијал за заштита на права од индустриска сопственост, анализа на пазар и изработка на предлог проекти. Конечно, за секој активен повик се обидуваме условите и можностите да ги доближиме и до компаниите надвор од главниот град. ФИТР организира инфо сесии низ целата држава на кои се презентираат условите на повикот, се појаснуваат проектните обрасци и се одговараат прашања на заинтересираните компании.

 

Со оглед на тоа дека веќе поминаа неколку круга од искористувањето на овој инструмент, кажете ни како оди реализацијата на претходно одобрените проекти? Колку сте задоволни од ефектите?

 

Инструментот за поддршка на старт ап компании во периодот 2015 – 2017 година е објавен во три повици и доделени се околу 25 милиони денари (0,4 милиони евра) на околу 20 корисници. Дел од проектите се во фаза на финализација и подготвуваме посебна анализа за ефектите од истите. Сепак, ова се реално малку средства за да се искористи потенцијалот што верувам дека Македонија и особено младите луѓе тука го поседуваат. Не сакам воопшто да споредувам со светските искуства, каде бројките се илјадници пати поголеми. Затоа, наша цел за овој и сите следни повици е да поттикнеме значително поголем интерес, а со тоа и критична маса на квалитетни проекти, во кои би се вложиле значително повеќе средства во развој на старт ап компании. Со ваков пристап, очекувам значително поголеми резултати во блиска иднина.

 

Освен ИКТ индустријата, кои други индустрии предничат со аликации за иновативни проекти?

 

Секако дека ИКТ индустријата е најдоминантна, но она што не радува е дека имаме се повеќе апликации и од други области, како што се биотехнологија, градежништво, машинство, енергетика, земјоделие и прехрамбена индустрија, текстил и сл. Околу 45% од проектите што беа одобрени за финансирање во рамки на Планот за економски раст на Владата беа од овие области. Нашата порака е дека иновацијата не познава граници и ние сакаме да поттикнеме примена на иновации во сите сектори.

 

За сите компании кои нема да успеат да аплицираат на овој повик, што може да очекуваат следната 2019 година?

 

Фондот за иновации и технолошки развој ќе продолжи со спроведување на Среднорочната програма за работа 2018 – 2020г. За следната година предвидени се околу 12,5 милиони евра, што би се реализирале преку неколку јавни повици. Продолжуваме со нови програми во делот на примена на иновациите во јавниот сектор, како и отворање на програми во делот на социјални иновации. Работиме и на нови инструменти и иницијативи, со кои ќе се опфатат сегменти од пазарот што досега воопшто не се вклучени. Очекувам и први инвестиции преку фондот за еквити и мезанин инвестиции. За овие и сите останати можности за финансиска поддршка остануваме целосно отворени и ќе комуницираме со потенцијалните апликанти и пошироката јавност секојдневно, како и досега.

 

Автор- Верица Јорданова