Каровска Божиноска: Funderbeam е платформа и за компаниите и за инвеститорите која ќе донесе свеж капитал, иновации и развој

Каровска Божиноска: Funderbeam е платформа и за компаниите и за инвеститорите која ќе донесе свеж капитал, иновации и развој
БизнисРегулатива | 25.12.2019

Македонските компании имаат на располагање нов пазарен начин на прибирање на капитал за нивниот развој, без оглед дали се нов стартап со веќе видлив и тестиран производ и бизнис модел или пак иновативна компании со голем потенцијал за глобален успех. Станува збор за Funderbeam платформата која овозможува прибирање на средства преку влоговои на инвеститори од кои еден треба да биде водечки. Овој иновативен пристап во наоѓање на свежи финансии за развој на бизнисот е целосно регулиран од правна и даночна гледна точка во македонската легислатива. Главен промотор на Funderbeam е Македонска берза кои се задолжени за едукација и доближување на сите можности за компаниите. За сите детали околу опциите за финансирање на бизнис модели, Разговаравме со Каролина Каровска Божиноска раководител на оддел за промоција, едукација и развој на Македонска берза и проект менаџер за Funderbeam. Исто така се осврнавме и на прашања за развој на македонскиот пазар на капитал и како промените во регулативата, особено во даночната политика изминатата година влијае врз приватниот сектор.

 

 

Бизнис Регулатива: Што претставува платформата Funderbeam и на кој начин може да ја користат македонските компании за да стигнат до финансии и капитал за нивното работење?

 

Каровска Божиноска: Funderbeam е crowdfunding платформа која е развиена во Естонија и која овозможува компаниите во ран развој и растечките компании да имаат брз, транспарентен и едноставен начин за финансирање на нивните иновативни идеи, а инвеститорите да вложат финансиски средства во овој дел од бизнис секторот. Иновативниот систем на Funderbeam базиран на технологијата blockchain овозможува компаниите да добијат пристап до нов капитал од домашните и странските инвеститори, преку спроведување на посебни кампањи во кои ќе ги презентираат клучните информации за своето работење. Од друга страна пак, инвеститорите се информираат за овој вид на вложувања и добиваат можност за инвестирање во компании во ран развој и растечки компании, во рамки на инвестициската структура што ја нуди платформата. Она што треба да се потенцира е дека инвеститорите преку платформата добиваат пристап и до секундарен пазар за понатамошно тргување со нивните инвестиции.  

 

Македонската берза преку воспоставената деловна соработка со Funderbeam SEE (заедничка компанија на Funderbeam и Загребачка берза) им помага и ги едуцира македонските компании да искористат можност за финансирање на своите развојни планови на ваков начин (што ќе зависи пред се од нивната иновативност и компетитивност), а истовремено заинтересираните домашни инвеститори да можат да вложуваат во домашни проекти со добар потенцијал, што ќе изврши поефикасна алокација на домашните заштеди и во овој дел од економијата.

 

Бизнис Регулатива: Каква е улогата на Македонска берза во соработката со Funderbeam и како досега им ја приближивте платформата на македонските компании кои бараат инвеститори?

 

Каровска Божиноска: Улогата на Берзата е од едукативно-промотивен карактер, првенствено насочена кон презентирање на Funderbeam платформата пред малите и средните претпријатија и стартап компании како алтернативен начин на прибирање на дополнителен капитал со цел развој на нивните бизниси. Потенцијални корисници на оваа платформа во делот на македонските компании се исклучиво правните лица кои не се основани како акционерски друштва. Со оглед на големата важност на прашањето на развојот на малите и средни претпријатија, активностите на Берзата во овој домен добија официјална поддршка и од УСАИД Македонија, во рамки на активностите на Проектот за развој на деловниот екосистем. 

 

После потпишување на ексклузивен договор помеѓу Македонска берза и компанијата Funderbeam SEE за стратешко партнерство и завршување на сите потребни подготовки за платформата да стане оперативна кај нас (за што добивме голема поддршка од Комисијата за хартии од вредност и Народна банка), Берзата самостојно или заеднички со другите чинители на македонскиот стартап екосистем досега има организирано низа промотивни настани за подетално запознавање со оваа crowdfunding платформа. Покрај ваквите промотивни настани, се организираат и индивидуални состаноци со заинтересирани компании/инвеститори. Резултат од ваквите активности засега се неколку формални апликации на македонски компании на Funderbeam, при што компаниите добија соодветен feedback што уште треба да направат за евентуално да се организираат и конкретни кампањи за прибирање средства во иднина.

 

Бизнис Регулатива: Колку платформа како Funderbeam може да биде од корист за стартап и иновативните компании кои од една страна имаат потенцијал за глобален успех, а од друга страна потребни им се соодветни средства за развој на прототип, нова услуга или дефинирање на бизнис планот?

 

Каровска Божиноска: Треба да се напомене дека компании кои можат до го користат овој алтернативен начин за финансирање преку оваа платформа се постоечки правни лица ( без разлика дали се стартапи) кои веќе имаат развиено прототип на производ /услуга и бараат средства за финансирање на нивниот раст. Компанијата  која ќе одлучи да ја користи  платформата ќе има сеопфатна логистичка поддршка од тимот на Funderbeam.

 

Funderbeam ги проверува идентитетите на инвеститорите, ја испитува стручноста на водечките инвеститори и го разгледува квалитетот на бизнис плановите на компаниите, како и нивната подготвеност да комуницираат со инвеститорите. Презентацијата на компаниите што бараат инвеститори преку Funderbeam, односно нивните кампањи се врзуваат со  т.н. водечки инвеститор, обично искусен претприемач којшто и самиот верува во проектот и инвестира во него и којшто им помага на претприемачите да се презентираат преку онлајн платформата.

 

Бизнис моделот на Funderbeam подразбира дека за финансирање на секоја компанија ќе биде основано SPV – Special Purpose Vehicle во Естонија. SPV ќе го претставува единствениот нов ко-сопственик во компанијата која прибира средства и се појавува во име на сите инвеститори. На тој начин стартап-от нема десетици или стотици инвеститори, туку само еден, SPV-то, управувано од водечкиот инвеститор и претставник од Funderbeam.  Минималната инвестиција за секој поединечен инвеститор во компанија изнесува 100 евра.

 

Бизнис Регулатива: За сите претприемачи кои имаат двоумење, како е дефиниран настапот на Funderbeam во поглед на правната и даночната регулатива, што треба да знаат македонските компании?

 

Каровска Божиноска: Треба да се потенцира дека користењето на платформата од страна на инвеститорите и компаниите е согласно постојните правни прописи. Во изминатиот период Македонска Берза ги анализираше сите нормативни аспекти се’ со цел  платформата да биде функционална. Позитивен момент беше што се направи либерализација на девизниот режим, па домашните инвеститори можат да инвестираат преку структурата на Funderbeam платформата, односно да извршуваат девизни плаќања по овој основ во странство што порано не беше возможно. Со Народната банка и деловните банки ги проверивме и потребните канали за плаќање. Спомнавме дека добивме поддршка, преку Проектот за деловно окружување УСАИД Македонија на при што дел  од средствата беа наменети за темелно да се испитаат сите правни и даночни аспекти кои ги тангираат корисниците на платформата.

 

Оттука, Македонската берза ангажираше даночен и правен консултант кои изготвија даночно и правно упатство каде што  детално е разработено функционирањето на самата платформа, даночните и правните импликации како на страната на инвеститорите, така и на страната на компаниите кои ќе одлучат своите развојни активности да ги финансираат преку оваа платформа. Упатствата се јавно достапни на интернет страната на Берзата.

 

Бизнис Регулатива: Кои се вашите прогнози или желби за Funderbeam платформата, имате ли поставено цели според кои ќе ја оцените самата успешност на проектот и кога може да ги очекуваме првите компании кои ќе поминат низ успешни фази на прибирање на капитал?

 

Каровска Божиноска: Берзата преку реализација на овој проект од своја страна има зацртано неколку цели. Првенствено, со ова повторно генерално ќе продолжиме да ја промовираме идејата за пазарно финансирање на компаниите. Второ, кај некои од компаниите, доколку адекватно пораснат, постои можност излезот на инвеститорите на среден и долг рок да се случи преку берза – ИПО и слично. На крај Берзата добива процент од процентот на Funderbeam, кој за целата работа наплатува одреден процент од прибраните средства како надомест за својата услуга.

 

Пред да дискутираме за успешноста на овој проект треба уште еднаш да се спомене дека моделот на Funderbeam поразбира нудење на прецизна структура со права и обврски и за компаниите и за инвеститорите. Поради неможноста да се изгради ваква структура во билатералните разговори помеѓу претприемачите и инвеститорите многу потенцијални зделки не се комплетираат. Исто така, многу е важно дека Funderbeam платформата  финансирањето го овозможува на чисто пазарни основи, што подразбира дека компаниите на пазарна основа и во услови на конкуренција, а врз база на своите добри конкретни проекти треба да обезбедат финансии од инвеститорите. Ќе видиме колку такви компании има во нашето окружување, но и колку компаниите што се созреани за вакво финансирање се расположени за истото.

 

Треба да се спомене дека ваквиот equity crowdfunding е повисока фаза на финансирање и дека компаниите, посебно стартапите, иницијално се насочени кон инкубатори, акцелератори и директни преговори со бизнис ангели и private equity фондови. Спомнавме дека како резултат на нашите активности има неколку формални апликации на македонски компании на Funderbeam, но дека се уште нема спроведена кампања. Се надеваме дека во 2020 година ќе имаме премиерна кампања. Патем, за првите три компании кои ќе излезат на платформата со поддршка на УСАИД обезбедивме и мала финансиска помош за нивна промоција.  За целиот екосистем ќе биде корисно наскоро да ја имаме првата успешна приказна на прибирање капитал преку платформата.

 

 

Бизнис Регулатива: Развојот на стартап еко-системот добива се поголема поддршка од организации, државни институции, и образованието иако во почетна фаза гледано според активностите на најголемите универзитети. Каква треба да биде улогата на Македонска берза во лансирање на стартапите, има ли потенцијал за IPO на некоја македонска иновативна компанија?

 

Каровска Божиноска: Во регионот неколку берзи делиме иста визија, дека треба да ја прошириме лепезата на услуги, да не бидеме фокусирани само кон зрелите компании. Преку нашето ангажирање во овој проект, логиката на небанкарското, алтернативно пазарно финансирање ќе се обидеме да ја доближиме до организационите форми кои не се АД, односно кон ДОО или ДООЕЛ. Тоа ќе значи дека ќе можеме да дадеме помош за небанкарско финансирање на фирми во сите фази на развој, од стартапи, мали и семејни фирми, преку ДОО, до големи акционерски друштва. Со тоа што ќе им помагаме на малите домашни фирми да пораснат преку полесно финансирање, се надеваме  дека со тек на време некои од нив ќе станат природни кандидати за котација на берза, како акционерски друштва. Тоа е големата слика.

 

Бизнис Регулатива: Во изминатиот период имавме чести промени на даночната регулатива гледано од временска дистанца во само една година се промени прогресивното оданочување, а се одложи и даночењето на капиталните добивки. Како овие политики се одразија на пазарот на капитал, но и воопшто на деловната клима?

 

Каровска Божиноска: Берзата заедно со другите чинители на пазарот на хартии од вредност како што знаете поднесе формална иницијатива за одложување на оданочувањето на капиталните добивки, при што гласот на индустријата на хартии од вредност беше акцептиран и се најави продолжување на даночните ослободувања на капиталните добивки од продажба на хартии од вредност за физичките лица. Спротивното решение дефинитивно ќе се одразеше негативно на берзанската динамика во иднина.  



Сподели