Царовска ги повика работодавачите да ги зголемат платите со субвенции

Царовска ги повика работодавачите да ги зголемат платите со субвенции
БизнисРегулатива | 28.11.2019

 Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ги повика компаниите да ја искористат мерката за субвенции за зголемување на платите со тоа што работодавачите кои ќе дадат од 600 до 6.000 денари на своите вработени ќе бидат ослободени од дел од давачките за придонеси.

 

„Зголемувањето на платите директно ќе влијае на подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот раст и развој. Ваквото законско решение е на барање и е подготвено во соработка со бизнис-секторот, пред сè, со работодавците од трудоинтензивните дејности и тоа предвидува субвенционирање на придонесите од страна на државата за плати зголемени од 600 до 6.000 денари“, рече министерката Царовска.

 

За оваа намена во Буџетот за 2020 година се обезбедени 2,4 милијарди денари и овие средства ќе се уплаќаат како придонеси во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и во Агенцијата за вработување.

 

Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, истакна дека законските одредби и софтверското решение овозможуваат користење на субвенционирањето со самото поднесување МПИН-пресметката до Управата за јавни приходи.

 

„Барањето за субвенционирање придонеси работодавците го поднесуваат преку месечната пресметка за интегрирана наплата (образец МПИН), со внесување ознака за лицето за кое побаруваат субвенционирање на придонесите по основ на зголемување плата. Со внесување на шифрата Управата за јавни приходи за конкретното лице (осигуреник) и за работодавецот ја проверува исполнетоста на законските услови и во декларацијата за прием дава известување до работодавецот“, рече Лукаревска.

 

Законот за субвенционирање придонеси за раст на платите ќе се спроведува во следните три години и субвенциите може да се користат независно од висината на платата.



Сподели