Николиќ: Нашата генерација со паметно работење ќе ја надвладее поделбата за машка или женска професија

Николиќ: Нашата генерација со паметно работење ќе ја надвладее поделбата за машка или женска професија
БизнисРегулатива | 26.11.2019

 Еден од главните предизвици за стартапите кои се основани од жени се преговорите со инвеститорите, но и воопшто потребата од поголемо охрабрување на сите жени со иновативни бизнис идеи да започнат сопствен бизнис. Токму програмата на Womenpreneurs Stories треба да овозможи поголема информираност на жените заинтересирани за водење стартап бизниси, можности за добивање финансии, развој на бизнис моделот и поврзување во стартап еко-системот. Нина Николиќ од Womenpreneurs Stories истакнува дека промени се возможни, почнувајќи секој од сопствениот придонес во подобрување на условите кои ќе овозможат подобри и покомпетитивни работни места, повисоки но, и еднакви плати за мажите и жените и поголемо лидерство на жените на раководни позиции во бизнисот.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

 

Бизнис Регулатива: Што ќе донесе Start It Up настанот на Womenpreneurs Stories и како ќе придонесе во основање на нови стартап компании од страна на жени?

 

Нина Николиќ: Концептот за Womenpreneurs Stories Start It Up - пет дневниот bootcamp е да се поддржат жени кои за прв пат започнуваат свој бизнис. Најчесто повеќето од нив се обесхрабруваат на почетокот, бидејќи немаат доволно информации, не знаат каде да се обратат за поддршка и сл. Затоа спремивме програма која ќе ги поддржи при првите чекори како запознавање со стартап и иновативниот еко-систем во државата, правни аспекти, бизнис модел канвас, формирање на тим, креирање на презентација, инвестициски можности…

 

 

Бизнис Регулатива: Кој се е потребно да се вклучи во ваков вид на иницијативи за поддршка на жените основачи на стартапи, ќе има учество на експерти и како ќе се гради оваа инфраструктура на Womenpreneurs Stories?

 

Нина Николиќ: Сметам дека конечно достигнавме фаза на развој во еко-системот градена врз соработки, наместо конкуренција. Со асоцијацијата Стартап Македонија минатата недела ја промовиравме бета верзијата на платформата која го дигитализира екосистемот и ги поканувам сите организации, компании и институции да се регистрираат и/или да се вклучат со поддршка за понатамошен развој. Најголема поддршка до сега за функционирањето на Womenpreneurs Stories доаѓа од локалните експерти и лидери, како и од интернационалните експерти преку Swiss EP. Сите кои се заинтересирани да поддржат креирање на успешни стартап приказни водени од жени претприемачи се добредојдени да се придружат. Во иднина ќе се продолжи со мотивациските настани, барем еднаш годишно ќе има и 5 дневна програма, а дел од првите учеснички се надеваме понатаму да го продолжат растот на нивниот бизнис во некој од акселераторите во државата. Ќе се обидеме овој концепт со 5 дневна програма да го реплицираме и во земјите од регионот.

 

Бизнис Регулатива: Кои ќе бидат следните фази во поддршка на стартапите основани и водени од страна на жени, какви обуки ќе се спроведат, имате ли детектирано кои се клучните предизвици и како истите да се надминат?

 

 

Нина Николиќ: Еден од главните предизвици е начинот на кој се преговара со инвеститори. На една од сесиите учесничките имаа можност да ги дознаат сите извори на финансирање во регионот, а оваа среда преку Swiss EP имаме отворен настан со Барбара Фишер - инвеститорка од Швајцарија за сите што се заинтересирани да научат како да бидат поуспешни во таа фаза на нивниот бизнис.

 

Бизнис Регулатива: Во Македонија според последните статистики учеството на жените во сопственичката и управувачката структура на компаниите е многу под европскиот просек. Како да се подобри оваа состојба и да се унапреди женското лидерство, еднаквата плата и можности за основање и водење на бизнис?

 

Нина Николиќ: Само од нас зависи. Индивидуално е. Кога ќе почнеме да го менуваме начинот на кој размислуваме, околината во која сме опкружени, да истражуваме, да се самоедуцираме, да сме самоиницијативни, да посетуваме повеќе настани кои се од интерес на кариерата која сакаме да ја градиме, тогаш ќе ја изградиме и самодовербата дека можеме да успееме во тоа што сакаме да го постигнеме. Потребни се многу измени во нашето општество, од образование, до животна средина и основни човекови права (чист воздух како едно од нив), до компетитивни работни места, а од друга страна не постои подобар момент да се започне со бизнис. Тоа најмногу се должи на технологијата и поврзаноста која интернетот ни ја овозможува. Денес, познавам многу млади луѓе кои со минимални трошоци изградиле успешни стартапи од тука, вработуваат други млади луѓе со одлични работни услови и креираат можности... Глобално борбата за еднакви плати продолжува, како и поддршката на жени да се на лидерски позиции во бизнисот, политиката... Ние сме генерацијата која докажува дека квалитетно и паметно работење, ќе го надвладее тоа што некогаш се сметало за машка или женска работа. И драго ми е дека сум и сведок и активен учесник во ерата на овие промени.

 

 

Бизнис Регулатива: Што според вас е потребно да се преземе за подобрување на бизнис климата, особено за формирањето и водењето на стартапи, потребна ли е нова регулатива или нов сет на политики во оваа област?

 

Нина Николиќ: Асоцијацијата Стартап Македонија која соработува со и претставува огромен дел од нашиот екосистем во моментот работи на концепт предлог за законски измени и нови мерки кои се во насока да се овозможат уште подобри услови за стартапи, за водење бизнис, за бизнис ангели, стартап виза... Потребен е нов сет на регулативи, водење на политики а и нов начин на јавно-приватни партнерства. Со обострана комуникација сметам дека ќе бидеме во можност вистински да креираме подобри услови за сите.



Сподели