Јовановски: Зошто е суштински важно да постои среднорочно буџетирање?

Јовановски: Зошто е суштински важно да постои среднорочно буџетирање?
БизнисРегулатива | 25.11.2019

Во нашава земја, јавноста се занимава со буџетот на државата на еден вообичаен, предвидлив начин. Секоја година, некаде од октомври почнуваат првите информации за буџетот за наредната година, тоа се интензивира во наредните месеци, околу декември во парламентот пристигнува владиниот предлог буџет за наредната година, таму се разгледува и пред Нова година се усвојува. Откако ќе почне наредната година главно никој не зборува за буџетот некаде до месец мај. Тогаш започнуваат најавите за можен ребаланс на буџетот, неколку месеци се разговара за тоа и ребалансот се случува во текот на летото. Кругот се затвора во октомври кога започнува нов циклус на муабети во јавноста, сега веќе за буџетот за наредната година.

 

Се’ наликува на една трка, на бркање подвижна мета, кога ќе треба да се разговара сериозно за остварувањата / потфрлањата на буџетот, метата се поместува. Прашањата остануваат неодговорени. И така, со години, со децении. Всушност, во земјава никогаш нема длабок суштински разговор за буџетот, бидејќи фокусот секогаш е само на она што е актуелно во моментот. Разговорот никогаш не се става во една долгорочна временска рамка, буџетот на државата да се гледа низ призмата на долгорочна одржливост на работите, а тоа е најважната работа околу буџетот.

 

А, тој заслужува многу внимание, бидејќи е важен, ја прикажува филозофијата на носителите на економските политики, ги одразува нивните приоритети. Затоа е важно кога се анализира тоа да се прави без непотребната, а во наши услови толку многу присутна политизација.

 

Имајќи го сето ова предвид, кои се всушност прашањата што треба да добијат одговор кога се зборува за буџетот на државата? Тие прашања не се од друга планета, тие се многу едноставни, затоа што целиот концепт е многу едноставен, логиката на државниот буџет, на едно базично ниво, е слична на логиката на семејниот буџет.

 

Најпрвин, за системските аспекти. Дали буџетот за некоја година, било која, е дел од веќе направено среднорочно буџетирање, веќе направен буџет за 5 или повеќе години, или среднорочен буџет не постои и буџетот за конкретната година е целина сама за себе? Зошто е суштински важно да постои среднорочно буџетирање? Затоа што тоа ги стабилизира работите и ја намалува опасноста од буџетски егзибиции и авантури во поодделни години. Понатаму, каква е во моментот и каква би можела да биде во иднина координацијата меѓу фискалната и монетарната политика? Како тоа ќе се одрази на нивото на каматните стапки во земјата?

 

Гледано од деловите на буџетот, да тргнеме од приходите на државниот буџет. Дали ќе се остварат предвидените приходи? Тоа зависи од неколку работи. Прво, дали се реални претпоставките за економскиот раст, ако економијата расте колку што е предвидено тогаш и проектираните приходи ќе се влеваат во буџетот. Ако проекцијата е вештачки надувана, преоптимистичка, тогаш ќе се остварат пониски приходи од планираните. Имајќи ја предвид важноста на проекцијата за економскиот раст, следното прашање е каква е репутацијата на тие што ги прават макроекономските проекции, колку се тие независни во својата работа, каква историја на (не)точност имаат нивните проекции низ годините? Во каква корелација се нивните проекции за економскиот раст со проекциите на меѓународните финансиски институции?

 

Второ, дали е добро поставена даночната политика? Какво однесување мотивира даночната политика кај даночните обврзници? Да ги плаќаат своите даночни и други обврски? Или поттикнува даночна евазија? Трето, како се менува даночниот инструментариум, дали постои предвидливост или економските субјекти, граѓаните и правните лица се предмет на ад-хок изненадувања?

 

За страната на расходите. Прво, каква е структурата на буџетските расходи? Дали е добра? Дали е во подолг период непроменета или се менува? Ако се менува, во која насока е тоа? Второ, дали се мери и каква е ефикасноста на трошењето на парите што излегуваат од буџетот? Кои се можните извори на евентуална неефикасност и како може тоа да се подобри? Трето, како влијаат буџетските расходи на економскиот раст? Четврто, дали постои флексибилност при креирањето на расходите во буџетот или тие се однапред фиксирани со тоа што се врзани за плати, трансфери за пензии и други слични исплати? Петто, дали се предвидува зголемување на некои ставки на страната на буџетските расходи? Дали се тие промени од привремен карактер или од моментот на примена ќе произведуваат перманентни ефекти? Дали буџетот ќе може да го издржи тоа и на долг рок, не само во конкретната година? Шесто, зошто некои делови на расходната страна на буџетот, на пример капиталните расходи, со години не можат да се реализираат во предвидениот обем? Какви се екстерните услови и можности за капиталните расходи?

 

Конечно, колкав ќе биде буџетскиот дефицит, како процент од бруто домашниот производ? Дали постои тенденција на негово движење и во која насока? Дали е тоа долгорочно одржливо? Како ќе се финансира таа „дупка“ во буџетот? По која цена и од кои извори? Дали изворите на финансирање ќе предизвикаат некакви пореметувања во македонската економија? Дали буџетот на државата има маневарски простор за случај на непосакувани случувања, на пример глобална рецесија или неповолни економски движења кај земјите коишто се наши најголеми трговски партнери?

 

Отсекогаш сум мислел дека поголема мајсторија е да се постават вистинските прашања одошто само да се дадат одговорите. Затоа, одговорите следат наредната недела.

 

М-р Зоран Јовановски
Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања



Сподели