Чаминска: За поддршка на претприемачите мора да се координираат политиките

Чаминска: За поддршка на претприемачите мора да се координираат политиките
БизнисРегулатива | 11.11.2019

Иницијативите за поддршка на претприемништвото преку настани, вмрежување и споделувања на искуства даваат се подобри резултати кога е во прашање поставување на правец за развој на нови компании, стартапи и иновации во бизнисот. Во Скопје наскоро ќе се одржи Глобалната недела на претприемништво на повеќе клучни теми како што се образованието за идните претприемачи, развој на капацитетите на еко-системот, креирање на соодветни политики за потребите на реалниот сектор и поголема инклузивност во можностите за отворање бизнис. За тоа што се им е потребно на македонските претприемачи разговараме со Симона Чаминска од Глобалната недела на претприемништвото. Според неа мора да постои поголема координација меѓу институциите кои ги носат политиките, сигурноста во правниот и даночниот систем, промена на регулативата за трговски друштва што ќе овозможи поголеми инвестиции во стартапи, како и примена на позитивни странски искуства за поддршка на квалитетни и иновативни бизнис идеи.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

Бизнис Регулатива: Наскоро ќе се одржи Глобалната недела на претприемништвото, може ли да ни кажете повеќе детали за целта на овој настан, од каде потекнува идејата и што треба да постигне на македонската бизнис сцена?

 

Чаминска: Секоја година во третата недела од месец ноември, партнери од 170 земји ширум светот се обединуваат во организација на над 35.000 настани кои мобилизираат околу 10 милиони лица во иницијатива позната како Глобална Недела на Претприемништвото (ГНП). Оваа иницијатива е основана од страна на Глобалната Мрежа на Претприемништвото (ГМП), интернационална мрежа на организации од граѓанскиот, јавниот, приватниот и академскиот сектор, која работи на подобрување и унапредување на условите за развој на претприемништвото. ГМП има за цел да ги поврзе сите засегнати страни во една држава кои сплотено можат да го подобрат деловното опкружување за започнување и водење бизниси. Во Македонија оваа година, Асоцијацијата Стартап Македонија оствари партнерства со 22 организации од граѓанскиот, приватниот и академскиот сектор кои ќе организираат настани и активности во периодот од 18-ти до 24-ти ноември, со цел интензивирање на разговорите за подобрување на условите за развој на претприемништвото во Македонија.

 

 

 

Бизнис Регулатива: Што е потребно за развој на претприемништвото, кои странски искуства може да ги примениме со цел развој на деловниот еко-систем?

 

Чаминска: Генерално, за развој на претприемништвото е потребно да постои координација меѓу креирањето и имплементацијата на политиките од страна на институциите, што е поврзано со довербата во истите и степенот на правна сигурност особено во делот на даночни политики, како и постоење на т.н. knowledge-based society од кое би произлегле производи и услуги кои се иновативни и засновани на соодветно знаење, што пак е поврзано со степенот на генерално образование, поддршка за истражувачки и научни проекти и развој на технологиите. За претприемачите би било поволно воведување на т.н. one-stop-shop (OSS) институции каде ќе постои поврзување на повеќе услуги во една установа, што би го поедноставило процесот за администрирање на потребната документација и би претставувало големо временско олеснување за добивање на соодветна услуга. Дополнително, некои ОСС институции предвидуваат консултантски услуги и помош со добивање на средства, како што е пример ОСС Центарот за бизнис поддршка на Крањска Гора во Словенија, кој е специјализиран за наоѓање финансиска поддршка за развојот на мали и средни претпријатија од регионот, а чии консултантски услуги се бесплатни од моментот на развивање на концептот за производот/услугата до реализацијата. Сличен ОСС центар е Агенцијата за регионален развој во Жежов, Полска кои покрај консултантска помош предвидуваат и опција за давање на заеми во вредност од 25.000 евра по компанија. Преку регионално делување за поддршка на претприемништвото може да се стимулира развојот на определени региони во Македонија, кои заради економски, политички и други фактори се значително помалку развиени од други региони. Позитивен пример за ова е еден од овогодинешните партнери на ГНП Х Фактор Акцелераторот од Велес кој се залага за развивање на стартап сцената во тој регион.

 

Бизнис Регулатива: Развојот на стартап компании го следи и развојот на самиот стартап систем за поддршка, сметате ли дека оваа област може да се подобри преку конкретни законски измени и соодветна бизнис регулатива?

 

Чаминска: Бизнис опкружувањето во законски рамки треба да предвидува правна сигурност, прагматичност и усогласеност со останатите закони, односно да се овозможи непречено носење на бизнис одлуки во согласност со позитивните законски прописи. Конкретни примери каде може да се размисли за измена на постоечките законски решенија се: овозможување на инвестирање во стартап компании преку конвертибилни заеми, корекција на членот 29 од Законот за трговските друштва за инвеститори основачи кои се малцински сопственици, олеснување на влезот и излезот при преносите на удел итн. Освен Законот за трговски друштва, треба да се олеснат и постапките за вработување и престој на странци кои основаат или се вработуваат во стартап компании, со цел да можат да пренесат и странско искуство.

 

Бизнис Регулатива: Бизнис секторот истакнува дека има потреба од квалификуван кадар, па како да се постигне поголема соработка меѓу образованието, компаниите и институциите за создавање на млади кадри со соодветни компетенции за модерниот пазар на труд?

 

Чаминска: За добивање на високо-квалификуван кадар од страна на академијата, бизнис секторот треба да има отворен и проактивен пристап во однос на профилите кои ќе им бидат потребни во иднина. Во соседството, успешен пример е Факултетот за технички науки од Нови Сад, каде во 2016 година беше покрената иницијатива од страна на неколку од најпознатите ИТ-компании во Србија да се основа правец кој ним им е потребен односно data science, под името „Информациски Инженеринг“ кој се воведе во академската 2017/2018 година. Следно, најдобра подготовка за релативно лесна транзиција меѓу академскиот и професионалниот свет се праксите кои може да се вршат за време на студиите. Успешен пример е германскиот модел на „Werkstudent„ кој предвидува работа до 20 часа неделно, социјално осигурување и надомест за студентите. Оттука, може да се размисли за партнерство меѓу академскиот и приватниот сектор каде за време на завршната година на студии на студентите би им се овозможила платена пракса, во замена за признавање на ЕКТС кредити, што може да се гледа и како модел на дополнително даночно олеснување за конкретната компанија.

 

Бизнис Регулатива: На кој начин треба да се поттикнуваат иновациите, постојат неколку акцелератори и менторски програми, во кој правец се развиваат овие услуги и достапноста до финансии за младите претприемачи и тие кои сакаат да ги реализираат своите идеи?

 

Чаминска: За развој и поттикнување на иновациите е потребно да постои соодветно опкружување кое ќе вкрсти човечки, технички и материјални ресурси. Во светот, најчеста форма за поттикнување и развивање на иновациите се универзитетските лаборатории кои често воспоставуваат соработка со приватниот сектор за определен надомест. Сепак, моменталната ставка од 0.2% од вкупниот буџет на РМ предвидена за наука и истражување, не делува ветувачки за лицата кои имаат интерес за вршење на ваков вид на активности. За споредба, просекот во Европа е околу 2%, или 10 пати повеќе во однос на нашиот пример. Во врска со акцелераторските и менторските програми кои имаат за цел да обезбедат простор за развој на стартапите и претприемачите и притоа им обезбедуваат разни видови на услуги, тие дефинитивно им помагаат на стартапите да ги развијат своите идеи во производи. Сепак, како една состојба која може во иднина да се подобри во оваа област, е координацијата при објавувањето на таквиот вид програми, со цел избегнување на преклопување на повиците што дополнително го ограничува пријавувањето на стартапите, како и евентуално таргетирање по индустрии: услуги, телекомуникации, финансиски технологии, е-трговија и слично. Оттука, континуирана координација меѓу организациите кои нудат ваков вид на услуги согласно потребите на стартапите ќе доведе до создавање на повеќе успешни приказни во Македонија.



Сподели