Исени: ТОП 100 ја поттикнува конкуренцијата и го промовира претприемништвото

Исени: ТОП 100 ја поттикнува конкуренцијата и го промовира претприемништвото
БизнисРегулатива | 07.11.2019

Бизнис секторот и покрај бројните предизвици успеа да се одржи и забележи раст за изминатата година, па затоа најуспешните компании и тие кои покажале најголем прогрес, ќе добијат соодветни признанија и награди од страна на Стопанска комора на Северозападна Македонија. На престижниот бизнис настан ТОП 100 ќе се направи пресек на изминатата година, ќе се истакнат позитивните примери на раст, а за прв пат ќе се доделат и нови награди. За самата манифестација, но и за состојбите во бизнис секторот разговараме со Дрилон Исени, извршен директор на СКСЗМ, за растот на компаниите во ТОП 100, зголемените добивки и профити, новите вработувања и инвестиции. Според Исени ваквите индекси овозможуваат поголема конкурентност, а главната цел да се промовира претприемништвото и иновациите за поголем раст на самата економија.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

Бизнис Регулатива: Утре ќе се одржи настанот Топ 100 на кој ќе ги прогласите најуспешните компании за изминатата година. Што ќе понуди манифестацијата оваа година во споредба со претходните?

 

Исени: ТОП 100 како најголем настан на комората на Северозападна Македонија, секоја година се труди да нуди новости по однос на манифестацијата како и по однос на темите што се промовираат. По теми се мисли на одредени области кои имаат потенцијал за развој и раст на општата економија на државата. Tоа што е новост е дека, оваа година наградуваме и бизнис предводен од жена. Групацијата на жените претприемачи е една од најважните во комората од своите почетоци. СКСЗМ промовира вклучување на жените во бизнисот во сите нивоа, постои огромен потенцијал кој треба да се стимулира и подржи од сите нас. За повеќе новости за овој Tоп 100, ве покануваме утре од 10:40 во хотел Александар Палас на настанот за да уживаме во успесите на нашите фирми.

 

 

Бизнис Регулатива: Кои награди ќе ги доделите оваа година и во кои категории?

 

Исени: И oваа година, исто како претходната година, според новиот концепт освен што се рангираат 100 најуспешни фирми во 5 различни категории, ќе се доделат и награди за ТОП 5 најуспешни компании, кои се определуваат според детална анализа и методологија за добивање на поени. Исто така  предвидени се и награди за Успешен бизнис предводен од жена, најбрзо растечка компанија, како и награда за проширување во глобалните пазари.

 

Бизнис Регулатива: Ги следите ли промените во споредба со 2018 години, колку успеале да пораснат компаниите оваа година според приходите, добивката и бројот на вработени?

 

Исени: Според податоците, од 2017 година до 2018 година, годишниот обрт на ТОП 100 најуспешни компании пораснал за 28 милиони евра, односно од 734 милиони евра во 2017 година, на околу 762 милиони евра во 2018 година. Во категоријата нето-добивка, во 2017 годинa се забележува зголемување на нето-добивката на ТОП 100 најуспешни компании. Во 2017 година реализираната нето- добивка на најуспешните 100 компании беше 48,9 милиони евра, а сега според податоците од 2018 година, нето–добивката на најуспешните 100 компании е 56,9 милиони евра или е еднакво на раст од 8 милиони за разлика од 2017 година. Исто така, и во категоријата – број на вработени – ТОП 100 најуспешните компании забележуваат пораст на бројот на вработени во последните 2 години. Во 2017 година бројот на вработени во ТОП 100 најуспешни компании беше 8,162, а заклучно со 2018 најуспешните 100 компании вработуваат 8,752 лица. Иако категоријата инвестиции прв пат ја применивме од пред две изданија на каталогот ТОП 100, сепак сметаме дека за оценување на успешноста на компаниите е и нивната моќ за  инвестирање. Според податоците од 2017 година, дури 6 компании имаат над 1 милиони евра повеќе инвестиции во споредба со 2016 година. За разлика од 2017-та година каде имавме инвестиции од 18, 8 милиони евра, во 2018 година таа бројка изнесува 41,9 милиони евра, што значи дека има пораст од 23 милиони евра.

 

Бизнис Регулатива: Колку индексите како Топ 100 придонесуваат за поттикнување на конкуренцијата во бизнис секторот за поамбициозни настапи на самите компании кои сакаат поголем раст и да се докажат на пазарот?

 

Исени: Промоцијата на претприемништвото, конкурентноста и иновативноста е главна стратешка определба на комората на Северозападнa Македонија. Промоцијата е клучен столб за успех, но исто така е и една од причините за поттикнување на конкуренцијата. Целта на овој настан е да се добие поширока слика за тоа што се случило минатата година во економијата на државата како и бизнис заедницата. На тој начин, се поттикнува конкуренцијата помеѓу компаниите и исто така го поттикнува нивниот развој со тоа што нивните финансиски податоци се покажуваат на транспарентен начин каде тие се гледаат меѓусебно, нешто што претставува добра основа за да се натпреваруваат уште повеќе за тоа кој ќе го придобие поголемиот дел од пазарот.

 

Промовирањето преставува многу важна област за успешниот тек на една компанија, особено во времето кога технологијата ја достигнува својата кулминација. Ова е исто така, еден многу важен чекор кој ќе ги поттикне компаниите кон целосна модернизација на нивната работа, со која ќе може да конкурираат на светскиот пазар со добро познати компании.



Сподели