Засега доходот од депозити и акции нема да се оданочува – Ќе има само две стапки

Засега доходот од депозити и акции нема да се оданочува – Ќе има само две стапки
БизнисРегулатива | 04.11.2019

 Министерството за финансии предложи одложување на мерката за оданочување на доходите од камати на штедни депозити, како и на доходите од капитални добивки на хартиите од вредност, кои наместо од следната година ќе се оданочуваат од 2023 години.

 

Во новите мерки ќе биде предвидено да се применуваат две даночни стапки, една од 10% и една до 15% за капиталните добивки, во зависност од тоа од каде и како доаѓа доходот. Со цел да не се дестимулира штедењето во депозити, даночната стапка ќе изнесува 10% односно нема да се применува стапката од 15% како што претходно се предвидуваше. Стапката на добивка од хартии од вредност ќе се движи до 15% и ќе зависи од рокот на поседување на акциите или обврзниците.

 

Ова ќе биде предвидено со измените на Законот за данок на личен доход кои ќе ги предложи Министерството за финансии врз основа на сеопфатни анализи. Министерката за финансии Ангеловска истакна дека значаен исчекор е и дека решението кое ќе стапи на сила од 2023 година, на јавноста и е познато уште сега.

 

„Ќе се воведат 2 даночни стапки зависно од периодот на поседување на хартиите од вредност односно, стапка од 15% за сите оние кои шпекулативно тргуваат на пазарите на капитал и со уделите, односно истите ги држат кај себе до 1 година. Инвеститорите кои ги држат хартиите од вредност од 1 до 10 години ќе се оданочуваат со стапка од 10%. Ослободени од овој данок ќе бидат долгорочните инвеститори кои хартиите од вредност и уделите издадени од инвестициски фонд ги чуваат повеќе од 10 години од денот на продажбата, но и хартиите од вредност стекнати од иницијална јавна понуда, со цел охрабрување на компаниите за првично отворање кон јавноста преку издавање на акции по пат на иницијална јавна понуда“ откри Ангеловска.

 

Таа посочи дека Комисијата за хартии од вредност и Македонската берза доставиле до Министерството за финансии компаративна анализа и проценка на ефектите од имплементација на моменталното законско решение, кои се навистина незначителни.

 

„Во услови кога полека се враќа довербата на граѓаните во македонскиот пазар на хартии од вредност и физичките лица се се’ повеќе присутни на пазарот, она што најмалку сакаме е дестимулативно да влијаеме врз истиот. Особено важна работа е обврската која се спремни да ја преземат сите инволвирани страни - Македонска берза, Комисијата за хартии од вредност, Централниот депозитар на хартии од вредност, да се ангажираат во градењето на електронски-поврзан систем со кој спроведувањето на одредбите од Законот нема да биде оставен на товар и волја на граѓаните, а данокот автоматски ќе биде пресметан и уплатен во Буџетот“ вели министерката Ангеловска.



Сподели