Јовановски: Растот на минималната плата не е бесплатен ручек

Јовановски: Растот на минималната плата не е бесплатен ручек
БизнисРегулатива | 04.11.2019

Најпрвин, дали минималната плата е воопшто тема за дискусија во овој момент во земјава? Кој уште зема минимална плата во приватниот сектор во земјава во ситуација кога драстично се промени ситуацијата на пазарот на труд?

 

„Внимавам да не го налутам мајсторот затоа што ако си отиде не можам да најдам замена. Платата му е многу повисока од минималната. Ако сака да оди на пауза јас одам да му купам јадење“ - беше кажано на една моја регионална средба со бизнисмени во рамки на активностите на Стопанската Комора на Македонија. Навистина, за разлика од порано кога имаше многу работници, а малку работни места, па моќта на избор беше кај работодавачите, сега има малку работници, а многу работа и моќта премина кај работниците. Во такви околности навистина може да изгледа излишно да се зборува за порастот на минималната плата, но сепак, треба да се разложи прашањето и да се види кои се клучните аспекти.

 

Кој добива, а кој губи од порастот на минималната плата?

 

Дефинитивно добиваат работниците кои ќе ја добијат таквата зголемена плата, а ќе успеат и понатаму да го задржат своето работно место. Ако работниците со зголемената плата купуваат производи од домашно производство тогаш се зголемува личната потрошувачка и добитник е македонската економија која расте. Следствено, добитник е и државниот буџет, бидејќи економскиот раст носи и поголеми буџетски приходи за државата. Добитници се и носителите на економските политики, бидејќи успеваат да ја намали крајната сиромаштија без да трошат буџетски пари, бидејќи растот на минималната плата финансиски паѓа на грбот на приватниот сектор и е бесплатна за владата. Потенцијални губитници од растот на минималната плата се фирмите во трудоинтензивните дејности, бидејќи нивниот маневарски простор за апсорпција на зголемениот финансиски издаток е мал. Ова уште повеќе е случај, ако зголемената минимална плата не резултира и со зголемена мотивираност и продуктивност на работниците. Владата може да им помогне на трудоинтензивните сектори со мерки за зголемување на нивната продуктивност.

 

Какви ефекти врз економијата и бизнисот произведува растот на минималната плата?

 

Одговорот на ова прашање го даваат разни истражувања што во земјава и во странство се правени на темава. Прво, ефектот врз вработеноста. Ако минималната плата расте со пребрзо темпо тогаш ќе се намали вработеноста, но врската меѓу двете не е толку силна како пред неколку децении. Второ, ефектот врз структурата на платите. Ако минималната плата расте побрзо од средната плата (не просечната туку средната, онаа на средина меѓу најниската и највисоката) тогаш платите ќе се „збијат“ меѓу минималната и средната. Тоа значи дека работници коишто припаѓаат на различни категории на продуктивност почнуваат да припаѓаат на иста група на плати. Разликата во платите станува премногу мала помеѓу работници што извршуваат квалитативно различни работни задачи и народски кажано, се случува „уравниловка“ кај голем дел од платите. Во такви околности постои притисок врз работодавачите да ја подигнат целата структура на платите и да ги зголемат и другите плати во фирмите. Трето, ефектот врз конкурентноста. Светска банка во делот за Македонија во свој извештај од пред еден месец посочува дека: „Континуираниот пораст на платите, особено во трудоинтензивните индустрии, придружен од падот на продуктивноста во најголемиот број сектори, ја загрозува конкурентноста на економијата, бидејќи се зголемуваат трошоците по единица производ“. ММФ во извештај од минатата година посочи дека „Во периодот 2012 – 2018 година минималната бруто плата во земјава порасна многу повеќе во споредба со просечната бруто плата и продуктивноста“. Ова се сериозни пораки.

 

Како се менува минималната плата?

 

За да нема ad-hoc промени постои законско решение кое предвидува постапка на менување на минималната плата. Воведен е механизам за нејзино индексирање, при што една третина од нејизната промена доаѓа од промената на просечната плата, една третина од порастот на трошоците на животот и една третина од растот на економијата (БДП). Секој март во годината треба да се направи пресек за овие фактори, да се одреди новото ниво на минималната плата и тоа да започне да се исплаќа од април и така сé до наредниот март кога постапката се повторува. Ова е добар механизам, бидејќи внесува елемент на предвидливост за бизнис секторот. Она што е суштински важно е ваквиот механизам стриктно да се применува. Во спротивно се губи предвидливоста во економскиот амбиент.

 

Од сето наведено, една работа е сепак најважна. Растот на минималната плата не е бесплатен ручек. Ако тој не е придружен со зголемена продуктивност, тој не е одржлив на долг рок.

 

М-р Зоран Јовановски Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања



Сподели