Кога ќе започне субвенционирањето на повисоките плати?

Кога ќе започне субвенционирањето на повисоките плати?
БизнисРегулатива | 04.11.2019

Најавената мерка за субвенционирање на компаниите кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари иако беше најавено дека ќе важи за октомвриската плата, поради процедурите во Собранието, најверојатно ќе започне да се применува од следниот месец, односно со исплатата за ноемвриската плата/

 

Причина за ова е доцнењето со донесувањето на Предлогот на законот за субвенционирање на придонеси од задолжителното социјално осигурување, кое според агендата на Собранието треба да се случи во вторник, на 5 ноември.

 

Според роковите за изгласување на предлог законот и негова објава во Службен весник, новата мерка треба да стапи до крајот на месецот, за што потврда даде и министерката за финансии Нина Ангеловска на прес конференција дека субвенциите ќе бидат доделени. 

 

Со предлог-законот предвидено е од државниот буџет да се плаќаат придонесите за делот на платата кој е зголемен за сума што се движи од 600 до 6.000 денари, но не за сите вработени во една фирма, туку за оние кои работодавецот ќе ги означи во формуларот што го доставува до Управата за јавни приходи.

 

Субвенции ќе можат да бараат само приватни фирми кои не ѝ должат ништо на државата и редовно исплатуваат плати, а како референтен период за покачување на платата се земаат последните три месеци.



Сподели