Бизнисот бара реформи во образованието и вештините на кадарот за квалификувана работна сила

Бизнисот бара реформи во образованието и вештините на кадарот за квалификувана работна сила
БизнисРегулатива | 30.10.2019

Претставниците на деловната заедница се соочуваат со големи предизвици во однос на обезбедување на квалитетна работна сила, која ќе биде носител на процесот на развој на приватниот сектор. Без оглед на бројот на невработени лица кои бараат работа, како и на нивниот степен на образование, компаниите се соочуваат со несоодветен кадар кој не може да одговори на зададените задачи. Од тука, задоволувањето на понудата и побарувачката со квалификувана работна потребно е задолжително да се анализира како врвен приоритет. Затоа барањата на бизнис заедницата се поставени во конкретна информација до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог, во рамки на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива.

 

Недостигот на квалитетна работна сила има големо влијание во конкурентноста на сите претпријатија, а пред се во намалување на ефикасноста на работењето. Исто така влијае и во зголемување на трошоците на фирмите, на кои им треба подолго време да најдат работници како и истите да ги обучуваат за да можат да ги извршуваат активностите кои од нив се бараат.

 

Гледано на компаративен аспект, најдоброто решение за овој проблем се применува во Швајцарија, Германија и Австрија, каде се применува дуалното образование. Учениците се вклучени додека се многу млади и по завршување на средното училиште имаат практично искуство и најчесто завршуваат на работа во фирмите каде ја реализирале практичната обука.

 

Компаниите, особено големите имаат можности за плаќање на дополнителни обуки за работната сила, па затоа законски најдобро е да се овозможи полесно извршување на привремените договори со скратено работно време, работа од дома како и практиканство, кое не вклучува обврска за плаќање за групите кои ќе доаѓаат. Новите квалификувани вработени ќе придонесат кон значително зголемување на ефикасноста и продуктивноста на самите претпријатија со што ќе се допринесе за поголеми добивки т.е. даноци и други давачки кон државата. Исто така, со решавање на проблемот ќе се намали невработеноста, особено кај младите, а со тоа ќе се подобри состојбата со иселувањето на младите имајќи предвид дека најголем број од нив ќе можат веднаш по завршување на средно образование или факултет да бидат вработени или во одредени случаи платени во текот на студиите.

 

Во однос на наведениот проблем во доставеното барање се наведува дека е потребно да се реализираат активности на краток и на долг рок.

 

На краток рок:

·      · Да се создадат регионални центри за обуки/прекфалификација. Откако компаниите ќе пријават слободни работни места ќе се преквалификуваат кандидати за таа позиција. Многу е важно центрите активно да го вклучат деловниот сектор и со взаемна соработка да ги спроведуваат активностите, како и да бидат делумно финансиски поддржани за преквалификацијата преку националниот годишен Оперативниот план за мерки за вработување;

· Истражување со цел точно утврдување на потребите на претпријатијата од кадар и поголема соработка со истите во обука на вработените;

· Активните мерки на пазарот на трудот потребно е да се оценуваат од страна на независна институција, приватна и/или меѓународна, на тема субвенции и одржливост.

 

Во однос на долгорочното решение треба:

·       ·  Да се интензивира процесот на воведување на дуално образование;

· Поделба на факултетите на стручни и академски во рамките на Универзитетот, преку кои во професионалните универзитети наставата би била модуларна т.е 30-40% предавања и другиот дел 60-70 % работа во конкретна компанија.

· Програми кои ќе ги ориентираат дипломираните студенти на одредени работни места и ќе ги следат нивните можности за вработување и кариера (на пример, центри за кариера, иницијативи за стипендирање, клубови за студентски центар за кариера, одделенија/службеници кои ќе им помагаат на учениците/студентите да најдат работа и да водат евиденција за дипломирани студенти по училишта / универзитети); на страната на бизнисот ваквите програми се појавуваат како понуди за работа, постојано земање на биографии и консултации за бројот на потребниот персонал.

 

Барањата на бизнис заедницата произлегоа од Форумот „Предизвиците на компаниите за изнаоѓање на квалитетна работна сила во модерното време“ во организација на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, финансиран од страна на УСАИД, имплементиран од Друштвото за услуги и трговија ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во партнерство со Стопанска Комора на Македонија, Стопанска Комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојуз на Стопански Комори на Македонија.



Сподели