Да се смени Законот за финансиска дисциплина поради нерамноправност и неконкурентност

Да се смени Законот за финансиска дисциплина поради нерамноправност и неконкурентност
БизнисРегулатива | 29.10.2019

Бизнис заедницата претставена преку Платформата за јавно-приватен дијалог достави конкретно барање за промена и подобрување на Законот за финансиска дисциплина до Министерството за финансии со цел да се надминат проблемите со кои се соочуваат фирмите.

 

Меѓу нив се нерамноправност меѓу економските оператори од приватниот сектор и економските оператори од јавниот сектор, немање сигурност дека должникот ќе го исплати долгот, дуплирање на постапката за наплата, трошоци за иницирање постапка за наплата на долг пред нотари, плаќање прво на казната а потоа на долгот, трошоци за извршители и судови, како и намалена конкурентност и солвентност.

 

Нерамноправноста се гледа во роковите за наплата, при што јавниот сектор има подобра положба.  За економските оператори максимален рок кој може да се предвиди е 60 дена, а по исклучок може да се предвиди и рок подолг од 60 дена, но не подолг од 120 дена, доколку постои изречна писмена согласност од двете страни. Кога во должничко-доверителските односи учествуваат економски оператор од приватниот и економски оператор од јавниот сектор каде економскиот оператор од јавниот сектор се јавува како должник, предвиден е рок од 60 дена и рок подолг од 60 дена доколку се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка, но нема јасна дефиниција што подразбира овој член, бидејќи не предвидува максимален рок за вакви видови на договори.

 

Кога во деловните трансакции се јавуваат економски оператори од приватниот сектор законот предвидува максимален рок за наплата кој не може да биде подолг од 120 дена, од друга страна доколку како должник во деловната трансакција се јавува економски оператор од јавниот сектор не е јасно предвиден максималниот рок за наплата. За економските оператори од јавниот сектор законот е со одложена примена, додека за економските оператори од приватниот сектор примената на одредбите од законот започнува со донесување на истиот.

 

Во поднесениот позиционен документ за измени на Законот за финансиска дисциплина објаснето е како недоследната примена на актуелното законско решение негативно влијае врз работата на компаниите. Имено, доколку еден должник во договорениот рок не ја исполни својата обврска да го плати паричниот надомест за извршената деловна трансакција има директно негативно влијание на ликвидноста и управување со финансиите кај економскиот оператор-доверител. Секако, ова има негативно влијание и на конкурентноста и профитабилноста во работењето на економските оператори особено што треба да обезбеди други извори на финансирање поради задоцнување во наплатата. На овој начин директно се загрозува ликвидноста на компаниите.

 

За да се надминат предизвиците од идентификуваниот проблем, неопходно е да се направат измени и дополнувања во Законот за финансиска дисциплина во следната насока:

 

1.      Во однос на роковите кои се предвидуваат за субјектите од јавен сектор (чл. 6 ст. 3 од ЗФД)  да се прецизира и да се даде јасна дефиниција што точно подразбира договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка и за истиот да се предвиди максимален рок;

 

2.      Да се воведе одредба каде ќе се предвиди дека плаќањето на долгот има приоритет пред плаќањето на казната (за да се исполни целта на законот т.е. исполнување на побарувачката и сигурноста и заштита на доверителите); или да се направи  категоризација, односно глобата да се пресметува согласно долгот

 

3.      Еднаква примена на роковите за исполнување на деловните трансакции кои се однесуваат на економски оператори од приватниот сектор и на субјекти од јавен сектор, со фокус на примена и почитување на максималните рокови за реализација на деловна трансакција во која субјект од јавниот сектор се јавува како должник.

 

Дополнително се предлага надлежните институции да спроведат континуирано следење, евидентирање и селектирање по дејности на економски оператори кои не се придржуваат на договорениот рок за наплата со тоа што би се добиле податок кои дејности се најзастапени во неисполнување на договорени рокови и зошто. Ова ќе овозможи да се анализира и утврди во кои матични закони треба да се направат идни измени и дополнувања за да се подобри состојбата со наплата во соодветни сектори.

 

Позициониот документ како барањето за измени и дополнување на Законот за финансиска дисциплина е дел од активностите на Проектот партнерство за подобра бизнис регулатива, поддржан од УСАИД, а спроведуван од четирите најактивни комори Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори, заедно со консултантската куќа ЕПИ Центар Интернационал од Скопје.



Сподели