Жуниќ: Македонија треба да цели кон олеснувања за ИКТ секторот

Жуниќ: Македонија треба да цели кон олеснувања за ИКТ секторот
БизнисРегулатива | 28.10.2019

Немања Жуниќ, правник и експерт за работа со ИКТ компании смета дека треба да се биде многу внимателен кога се носат одредени мерки за стимулирање на ИКТ секторот, но дека секако потребна е поддршка за компаниите да бидат конкурентни, да привлечат и задржат квалитетен кадар и да инвестираат во иновации и развој. 

 
Гледајќи според српското искуство каде поединец може да се регистрира и на тој начин да плаќа паушален данок се овозможува раст на платите, но оваа политика во Србија во изминатите години донела и повеќе фискални проблеми.
 

 
„Искуствата од Србија се дека со текот на времето ИКТ индустријата беше стимулирана преку повеќе претприемачки мерки на начин кој даде резултат на економски план, но направи многу други проблеми како фискални и правни и други системски проблеми со контрола на трудот, како во ИКТ секторот така и во други индустрии. Мислам дека Македонија треба да цели можеби да го постигне економскиот резултат и повластувањата кои постојат во Србија во овој момент, но моделот треба да биде различен. Предлогот да се стави максимален лимит на придонесите за исплаќање на плата што веќе успешно се покажува во Бугарија може да влијае во раст на платите и стимул за ИКТ компаниите кои би останале на пазарот и не би барале алтернативни начини за да опстојат“, вели Жуниќ.
 
Во Србија програмерите ја користат можноста да се регистрираат како поединци што создава одредени проблеми во компаниите со кадарот. Тие може да плаќаат паушален данок од 180 до 280 евра без оглед колкави им се приходите, само да не надминат 51 илјади евра годишно. Од позитивните мерки за ИКТ индустријата се издвојува IP Box мерката со двојно даночно олеснување за истражување и развој 80% помал данок на добивка остварена од продажба или искористување на интелектуална сопственост. Со оваа мерка Србија станува конкурент на Кипар и Унгарија како место каде компаниите ќе ја собираат добивката од интелектуална сопственост поради нискиот данок.
 
Немања Жуниќ беше еден од говорниците и странски експерти на неодамнешниот Форум за деловна клима за ИКТ индустријата што се одржа во организација на Проектот Партнерство за подобра бизнис клима поддржан од УСАИД. Целта на настанот беше да се слушне ставот на ИКТ секторот за мерки кои може да помогнат компаниите да бидат покомпетитивни и да имаат можност повеќе да инвестираат во својот кадар каде платите се највисоки споредено со другите области. Овие иницијативи веќе имаат конкретна форма и проектот ќе продолжи да ги застапува пред надлежните органи.


Сподели