Ценков: Позитивните економски трендови меѓу С. Македонија и Бугарија ќе продолжат

Ценков: Позитивните економски трендови меѓу С. Македонија и Бугарија ќе продолжат
БизнисРегулатива | 24.10.2019

Трговската размена и економска соработка со Бугарија е во пораст и се очекуваат многу поголеми инвестиции во инфраструктурата, поврзувањето, туризмот и енергетиката. По потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка се очекува бизнис заедниците од двете земји многу полесно да соработуваат и комуницираат. Бугарија исто така треба да биде еден од најсилните поддржувачи на европските интеграции на С. Македонија, особено со сопственото искуство во процесот на преговори кои се надеваме дека и покрај сите пречки ќе се отворат. За перспективите за соработка, за бугарското искуство во финансирање на мали и средни претпријатија и нивен развој, подобрување на бизнис климата и олеснување на бизнис регулативата разговараме со Николај Ценков Директор на општински гарантен фонд од Софија, Бугарија. Тој ќе биде еден од говорниците на претстојниот Самит Македонија 2025 и ќе говори за стимулативни мерки за привлекување на инвестиции. Според Ценков најголем интерес на С. Македонија и Бугарија е економскиот просперитет и позитивните трендови мора да продолжат и во иднина.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

Бизнис Регулатива: Се зголемува ли економската соработка, со Договорот за пријателство очекувавме многу големи инвестиции, вложување во инфраструктурата и отворен пазар за трговија меѓу Македонија и Бугарија, застанаа ли работите или пак постојат шанси за развој на односите како две блиски соседни и пријателски земји?

 

Ценков: Бугарија е меѓу шесте најголеми инвеститори во С. Македонија во последните 10 години. Бугарскиот бизнис инвестираше повеќе од 800 милиони евра во македонската економија. Во 2018 трговската размена меѓу Бугарија и С. Македонија достигна рекордни 730 милиони евра. Протокот на туристи исто така порасна, и сега го имаме најголемиот број на македонски туристи кои ја посетиле Бугарија минатата година – околу 560 илјади луѓе и обратно, околу 420 илјади Бугари ја посетија Македонија за туризам.

 

Убеден сум дека споменатите трендови ќе продолжат да се развиваат во иста насока и во иднина. Ова е целта и намерата на бугарската бизнис заедница и Бугарија како држава исто така. Секој од нас има интерес за економски просперитет на нашите соседи. Ова е валидно тврдење и за Бугарија и за С. Македонија. Вообичаено земјите од Југоисточна Европа се помалку атрактивни за привлекување на бизнис инвестиции. Затоа треба да организираме и понудиме интегриран регионален пазар со цел да обезбедиме подобри можности за производство и трговија.

 

Договорот за пријателство и добрососедство е многу добар начин за да ги решиме сите пречки од минатото, кои ги ограничуваа нашите бизнис релации. Сега е време да започнеме со конкретни акции. Создавањето на соодветна инфраструктура е клучен предуслов со кој мора да се започне. Во следните години ние треба да работиме и да се сконцентрираме на завршување на транспортниот коридор 8 за поврзување на Варна од Црното море до Драч до Јадранското море. Многу е важно и неопходно да изградиме железничка линија помеѓу Софија и Скопје. Зошто да не мислиме за воздушно поврзување на Скопје и аеродромите покрај Бугарското крајбрежје? Транспортните коридори се крвниот систем на секоја регионална економија.

 

Бизнис Регулатива: Како да се подобри бизнис климата, особено за малите и средните претпријатија кои имаат проблеми со пристап до финансии, а претприемачите се плашат да преземат ризик во непредвидливо окружување, но и со бројни општествени препреки што ако не успеат?

 

Ценков: Не постои таков концепт како бизнис без ризик. Деловната клима ќе се подобри кога ризикот ќе започне да дава резултати.

 

Бизнис Регулатива: Какво е вашето искуство со промени на бизнис регулативата, колку компаниите треба да бидат усогласени, колку е важен јавно-приватниот дијалог и инпутот на бизнис заедницата и кои се препораките до законодавците?

 

Ценков: Формулата е многу јасна – сведете ја регулативата и административните оптоварување на бизнисот на минимално ниво. Во Бугарија има 580 административни структури и околу 2000 режими за дозволи и лиценци. Овие бројки се застрашувачки. Од една страна тоа преставува големо трошење на време за бизнисот, а од друга страна создава предуслови за корупција и злокобни практики.

 

Исто така, некои државни такси се неразумно високи, а е-Владата не напредува со саканото темпо. Единственото нешто што можам да го препорачам за македонскиот бизнис е да побарам од државата да започне што поскоро со овие реформи.

 

Бизнис Регулатива: На Македонија и претстои започнување на преговорите за членство во ЕУ, колку бугарското искуство ќе ни биде од помош, постои ли интерес за поддршка на овие чекори во Бугарија?

 

Ценков: Како што споменав Бугарија има интерес во развојот и прогресот на Македонија. Преговорите нема да бидат лесни и ќе имаат своја цена, но мислам дека придобивките за С. Македонија ќе бидат несомнено многу поголеми. Убеден сум дека иднината на Н. Македонија е во ЕУ. Овој став последователно го поддржува бугарската влада, која е силен поддржувач на евро-интеграциите на Македонија. Не смееме да заборавиме дека на Самитот ЕУ-Западен Балкан во 2018 година, премиерот на Бугарија Борисов ја иницираше Софиската декларација, со која ЕУ прогласи недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.

 

Мислам дека е грешка и многу се надевам дека, иако Советот на министри не успеа да одлучи за темата за проширување, дека лидерите можат да го сторат тоа. Мислам дека ќе биде навистина голема грешка ако уште еднаш се одложи почетокот на преговорите со С. Македонија и Албанија, тоа ќе го дестабилизира целиот регион.

 

Бизнис Регулатива: Со надеж дека ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ се отвора и шансата за учество во проекти за претпристапна помош. Каков капацитет треба да се вложи за искористување на овие фондови и што тие ќе значат за македонската економија?

 

Ценков: Нашето искуство покажува дека постојат две области во кои претпристапните фондови се добри за инвестирање. Првата е да се изгради инфраструктура. Асфалтот не е за јадење, но без него, парите не можат да се движат и да ги достигнат потребни области. И втората е квалитетно образование и квалификација на луѓето. После 4-5 години, ниската цена на трудот нема да биде конкурентна предност за Македонија.

 

Бизнис Регулатива: Ќе бидете дел од претстојниот Самит Македонија2025, кој ќе се случува од 13-ти до 15-ти ноември во Скопје. На што ќе се фокусирате во вашето излагање? Кои се вашите очекувања?

 

Ценков: Ќе се обидам да бидам што е можно поконкретен на форумот со споделување на бугарското искуство во три области - можности за финансирање на бизнисот, стимулативни мерки за привлекување инвеститори, како и гарантни финансиски инструменти за споделување кредитен ризик со банкарско финансирање.

 

Иако нашите јазици се толку блиски, и покрај нашата заедничка историја, македонските и бугарските претприемачи се чини дека не се познаваат многу добро. Тие не комуницираат доволно. И, мислам, дека тоа е најважниот предуслов за успех во бизнисот - луѓето што зборуваат и размислуваат во една насока.



Сподели