Зафироски: Со еден погрешен потег ќе се наруши конкурентноста на ИКТ секторот

Зафироски: Со еден погрешен потег ќе се наруши конкурентноста на ИКТ секторот
БизнисРегулатива | 03.10.2019

ИКТ индустријата бележи голем раст, постојано ги зголемува платите и нуди атрактивни услови за стручниот кадар, но следејќи ги даночните политики по само една година, овој сектор бара подобрување на бизнис климата со цел да биде повеќе конкурентен на глобалниот пазар. Исто така природата на самото работење на ИКТ секторот подразбира примена на модерни системи и неопходно е да се интервенира во регулативата за да се користат дигитални алатки во работните односи. Со професорот Јован Зафироски од УКИМ правиме анализа кои мерки треба да се воведат со цел да се подобри бизнис климата во делот на фискалните давачки, стимулирање на истражување и развој, како и даночни олеснувања за едукација и развој на вработените во ИКТ секторот.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

Бизнис Регулатива: Кои мерки според вас може да овозможат подобрување на бизнис климата за ИКТ индустријата и зошто тие се потребни?

 

Зафироски: ИКТ индустријата е дел од нашето стопанство кој што носи бенефити за целокупната економија, но и за државата и општеството воопшто. Тоа е сектор кој што се натпреварува на глобалниот пазар што од една страна носи неограничени можности, но од друга страна значи дека конкуренцијата е немилосрдна. При секоја интервенција во легислативата односно усвојувањето на било која мерка која ќе има ефект на ИКТ индустријата државата мора да биде многу внимателна затоа што еден погрешен потег може да ја наруши нејзината конкурентност што ќе предизвика затворање на бизнисите и губење на работните места. Затоа, политиката на државата треба да е во насока на зголемување на конкурентноста на нашите фирми, а тоа може да биде и преку олеснувањата во делот на фискалните давачки и стимулирање на инвестирањето во истражување и развој на фирмите како и вложувања во образование на вработените. Се чини дека фирмите во ИКТ индустријата се најпогодени од воведувањето на прогресивното оданочување што дестимулирачки влијае на вработените, додека поскапувањето на цената на работната сила директно се одразува на конкурентноста на фирмите. Исто така, не постои можност за намалување на даночниот товар за вложувања во образованието на вработените што претставува основен предуслов, основна алатка за успешна работа и напредок. 

 

Бизнис Регулатива: Како да се регулира износот на придонесите кои се плаќаат за примањата на вработените во ИКТ секторот кои инаку имаат високи плати споредено со државниот просек и како овие мерки ќе се одразат на компаниите?

 

Зафироски: Покрај даноците, придонесите се фискални давачки од кои во голема мера зависи цената на трудот кој пак заедно со квалификуваноста на работната сила е еден од најважните фактори од кои зависат инвестиционите одлуки. Во време кога пазарите се интегрирани, а капиталот се движи слободно одлуката за тоа каде да се инвестира најповеќе зависи од профитот што би се извлекол од инвестицијата, а тој пак е во директна врска со висината на даноците и цената на работната сила. Вработените во ИКТ секторот плаќаат неспоредливо повеќе придонеси од вработените во останатите индустрии што директно влијае на нивната конкурентност, а во крајна мера создава и нееднаквост во контрибуцијата како на ниво на индустрија така и на ниво на вработени. Како пример, износот на уплатени придонеси за просечната исплатена плата во ИКТ секторот е три пати повисок од износот што се уплаќа за придонеси кај минималната плата. Познато ни е колкав е бројот на вработени кои земаат минимална плата, станува збор за цели индустрии. Затоа на неодамнешниот Форум на тема „Бизнис клима за ИКТ индустријата – Како да се стимулира растот на работната сила во ИКТ? организиран одстрана на МАСИТ во рамките на проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива финансиран од УСАИД се излезе со конкретен предлог за утврдување на горна граница за плаќање на придонесите која би изнесувала просечната плата исплатена во ИКТ секторот зголемена за 50 проценти.

 

Бизнис Регулатива: ИКТ компаниите, како и четирите комори преку Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, подолго време бараат измени во законот за работни односи. Предлог законот е во фаза на подготовка и се одржаа повеќе дебати, што според вас може да се промени на подобро?

 

Зафироски: Новиот закон за работни односи може да допринесе во создавање на подобра клима за водење на бизнис на компаниите во ИКТ индустријата со тоа што во него ќе се вградат одредби кои ќе ја препознаат специфичноста на работата на работниците во овој сектор и ќе се прецизира можноста работодавачот и работникот да се согласат за вршење на работи и работни задачи по обем и квалитет без разлика на времето и времетраењето на извршувањето на истите како основа за плата, а детално ќе се уреди и работата од дома. Исто така, во насока на подобрување на состојбата и условите за работа на вработените треба да се размисли за пронаоѓање на начин како да се стимулира инвестирањето во образованието на вработените во ИТ секторот кој што е Knowledge intensive сектор што значи дека како формалното така и неформалното образование се клучен предуслов за развој и успех во работата. За ова е потребно воспоставување на вистинска врска помеѓу државата, образованието и приватниот сектор. Еден од начините како државата може да интервенира е да го ослободи од оданочување, да го признае како трошок или да го намали утврдениот данок за трошоци поврзани со школарини, учество на конференции, семинари, обуки на вработените. Ако знаеме дека државата ги признава и ослободува од оданочување трошоците за инвестирање во нова опрема, компјутери на пример, логично би било да ги признае како трошок и инвестициите во образованието, во знаењето на вработените што е клучен предуслов и основна алатка за работа во ИТ секторот. Ова не е непознато решение. Ако погледнеме во регионот Хрватска има воспоставено одличен модел за државна помош за истражувачко-развојни проекти и државна помош за образование и обука на вработените. Така, кога е во прашање образованието на вработените хрватскиот модел предвидува намалување на основата за пресметка на данокот на добивка како за општото образование или обуки на вработените и така и за оправданите трошоци во случај на посебно образование.

 

Бизнис Регулатива: ИКТ индустријата носи голем број на иновации, нови системи и поголема ефикасност во работниот процес. Во тој правец е и барањето за електронска комуникација за размена на акти меѓу работодавачите и вработените, како овие промени ќе влијаат на ИКТ секторот?

 

Зафироски: Тоа е дел од пакетот на предлози кој се однесуваат на работните односи и предвидува овозможување на електронска комунијација за размена на акти работник/работодавач на официјалната е-маил адреса пријавена во договорот за вработување. Ова би заштедило време и пари, и би придонело во борбата за заштита на животната средина. Во некои индустрии каде немаме употреба на компјутер можеби би било потешко за спроведување, но кај ИКТ индустријата многу лесно би се реализирала електронската комунијација, а со тоа би се зголемила ефикасноста и би се придонело во борбата за заштита на животната средина.   



Сподели