Стамболиев: Да ги охрабриме младите претприемачи да го преземат ризикот

Стамболиев: Да ги охрабриме младите претприемачи да го преземат ризикот
БизнисРегулатива | 01.10.2019

 Бизнис акцелераторот на УКИМ кој постои веќе една година наскоро ќе ја започне новата акцелераторска програма за развој на бизнис модели на стартапи на студенти и млади претприемачи и иноватори. На овој начин планирано е да се искористи техничкото знаење и капацитетите на УКИМ за поддршка на претприемачите кои ќе добијат и финансиски средства за развој на нивните стартап компании со цел да дојдат до решение кое ќе биде глобално применливо. Александар Стамболиски, директорот на БАУ смета дека претприемачите мора да се охрабрат да го преземат ризикот. БАУ преку акцелераторската програма ќе обезбеди менторирање, стручна, финансиска и техничка поддршка со можност за вкупна инвестиција од 133 илјади евра од нивниот фонд по стартап компанија. Ние го посетивме акцелераторот лоциран на техничкиот кампус кој ги нуди своите капацитети за сите иноватори.  

Разговараше: Христијан Станоевиќ

Бизнис регулатива: Заврши новиот повик за пријавување на стартапи кои треба да бидат дел од вашата акцелераторска програма. Што ќе им понудите на претприемачите и тимовите на стартапи за развој на нивната бизнис идеја?

Стамболиев: Бизнис акцелераторот УКИМ нуди два типа на услуги кои на претприемачите и иноваторите, односно на луѓето со бизнис идеи ќе им се овозможи структуирано да стигнат до реализација на нивните идеи. Првата програма е предакцелераторска која ја правиме со постоечките предмети во рамки на факултетите на УКИМ кои веќе се апликативни во својата основа, односно во текот на тој предмет студентот или група на студенти треба да изработат бизнис модел или прототип или минимално вреден производ. Тоа ни ја олеснува работата нам да стигнеме до оние студенти кои се мотивирани и сакаат да го преземат ризикот да водат сопствен бизнис. Во изминатиот семестар од првата година на нашето постоење соработувавме со над десетина вакви предмети и успеавме да таргетираме над петстотини студенти кои имаат различни перспективи како своето знаење да го стават во функција на создавање на дополнителна вредност. Тоа е дел од нашата предакцелераторска програма каде се обидуваме да ги ставиме нивните идеи во една форма. Втората услуга која ја нудиме е акцелераторската програма каде се фокусираме на веќе развиени идеи кои што имаат прв клиент, кои сакаат да излезат на нов пазар. Досега спроведовме една акцелераторска програма во изминатата пролет во која имавме над 40 апликанти, а 6 компании кои ги акцелериравме. Третата услуга е на тие компании кои ќе бидат подготвени за инвестиции да почнеме да ги инвестираме нашите средства со кои како Бизнис акцелератор УКИМ располагаме во вкупен износ од 533,000 евра. Веќе сме во преговори со неколку од тие акцелерирани компании за да ги договориме условите за инвестирање. Нашата обврска не застанува тука бидејќи инвестицијата треба да биде поддржана од дополнителни услуги за тимот подобро, побрзо да ја унапреди својата услуга или производ и да ја понуди на нови пазари. Тоа што нас не интересира се идеите кои се технолошко засновани и имаат глобален потенцијал. Дури 90% од иновативните идеи и стартапи не преживуваат, односно не успеваат да креираат производ чии карактеристики ќе ги задоволи потребите на клиентите. Тоа е светска статистика и ние тоа не може да го промениме. Односно ако 10% од инвестираните компании успеат, ќе ја вратат инвестицијата за целокупниот фонд за да се биде одржлив. Често имаме идеи за производи кои се наменети за македонскиот пазар и потоа треба да се адаптираат на други пазари што влијае на одолговлекување на повратот на инвестицијата и затоа во оваа фаза не интересираат идеи кои може да бидат глобално успешни.

Бизнис регулатива: Какви се внатрешните капацитети на БАУ, дали се потпирате само на кадрите на УКИМ или соработувате со надворешни консултанти, советници и експерти од странство, има ли претприемачи од стартап светот кои би го пренеле своето искуство?

Стамболиев: Акцелераторот е основан од пет содружници со УКИМ како доминантен сопственик, понатаму е Кримсон Капитал инвестицискиот фонд кој изминатите години инвестираше 30 милиони долари во македонската индустрија со капацитет на менаџирање на инвестиции од 60 милиони евра севкупно во регионот. Следен е ЦЕЕД Хаб Скоопје кој во минатите четири години спроведе десетина предакцелераторски и акцелераторски програми со цел да им овозможат на компаниите да бидат подготвени за инвестиции. Четвртиот содружник е РСМ Македонија која има за цел да им ја даде целокупната административна, финансиска, сметководствена, даночна и правна поддршка на нашите стартапи, во Македонија и во 120 земји каде што имаат филијали. Последна е Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев која во изминатите 25 години поддржа над 200 талентирани студенти со награди и стипендии. Ние имаме потенцијал со внатрешните ресурси да ги покриеме потребите на студентите и стартапите. УКИМ со своите лаборатории и простории, техничко знаење и способности, Кримсон капитал да обезбеди инвестициите да отидат во оние стартапи кои нудат глобални производи, а останатите институции да ги дадат своите услуги за поддршка. Ние не ги таргетираме само студентите на УКИМ, туку сме отворени за сите субјекти во Македонија кои имаат доминантно домашно учество над 50% поради условите во кофинансираниот грантот кој го добивме од ФИТР и немаме останати ограничувања.

Бизнис регулатива: Колку е важно функционирањето на ваков вид на акселератори на универзитетите за поттикнување на претприемништвото, поддршка на стартапи и развој на екосистемот за давање на дополнителна вредност и зголемување на инвестициите во ваков вид на компании?

Стамболиев: Акцелераторот УКИМ не е прва иницијатива од ваков вид на Универзитетот за да се зголеми претприемачкиот дух на нашите идни лидери. Претходници на овој акцелераторот беа Бизнис стартап центарот од пред десетина години и YES инкубаторот до кампусот во Автокоманда кои се уште функционираат. Тоа што сега е дополнителна услуга се финансиските инструменти. Сега очекуваме освен градење на капацитетот со давање на целокупната поддршка од наша страна, да успееме да ги охрабри младите претприемачи да го преземат ризикот. Пречка е што не живееме во технолошко окружување поради степенот на развој на економијата за да ги мотивира младите да ги надградат постоечките технички решенија, и кога не ги гледаме тие технолошки предизвици секојдневно не може да ги најдеме соодветните решенија како во напредните технолошки земји како САД, Израел и азиските кои ја создаваат технологијата и потоа ја надградуваат со нови верзии. Се надевам дека тој предизвик ќе го надминеме во соработка со техничките факултети и трансформирањето на теоретските во практични предмети за наоѓање на решенија.

Бизнис регулатива: Во делот на подобрување на регулатива за иновациите што е потребно да се подобри за работната сила во ИКТ и како да се задржат професионалните високообразовани кадри во земјата, да не ги напуштаат своите позиции и да го дадат својот придонес во развојот?

Стамболиев: Миграцијата е глобален тренд кој ги погодува и најразвиените земји бидејќи тие што се најдобри сакаат да бидат во окружување кое одговара на нивните потреби, тоа не го вклучува само квалитетот на живот, туку и нивото на технологијата со кое се соочуваат. Затоа било која држава не може да ја сопре миграцијата. Предностите во изминатите години е енормниот раст на ИКТ компании кои во најголем дел се „outsourcing“, односно подизведувачи на глобалниот пазар што им овозможува да креираат поголеми плати за своите вработени и тој сектор да стане многу вибрантен и да има честа флуктуација на работната сила што ги става работодавачите во незавидна позиција да бидат креативни за да ги задржат вработените, што е тренд насекаде во светот во оваа индустрија. Постоењето на различни финансиски инструменти кои се на располагање за развој на сопствениот бизнис треба да биде мотив плус на претприемачите. Во комуникација со многу специјалисти и професионалци доаѓаме до заклучок дека имаме квалитетен кадар но, тој не сака да преземе ризик да води бизнис што влече корени од претходниот систем на уредување, транзицијата и недостигот на технологија за да им овозможиме на најдобрите да останат овде. Најдобрите сакаат да работат во најдоброто опкружување.

Бизнис регулатива: Како понатаму ќе се развива акцелераторот, какви се очекувањата за пласман на компаниите во кои се инвестира и дали ќе има успешни приказни кои ќе бидат пример за останатите и ќе делуваат мотивирачки?

Стамболиев: Согласно фондот со кој располагаме од 500 илјади евра имаме можност да инвестираме во не повеќе од 15 компании со двата финансиски инструменти, во почетни (Seed) инвестиција до 33 илјади евра и последователна инвестиција од 100 илјади евра. Тоа значи дека еден стартап може добие максимална инвестиција од 133 илјади евра. Ако ја земеме во предвид статистиката од 90% „смртноста“ на стартап компаниите нашите очекување се дека во некој разумен рок може да добиеме поврат на инвестицијата во една до три компании, но рано е да се говори колкав ќе биде повратот.

Бизнис регулатива: Може ли да ни опишете како изгледа еден работен ден во Бизнис акцелераторот УКИМ. Постои ли соработка меѓу тимовите?

Стамболиев: БАУ е лоциран во Центарот за трансфер на иновации и технологии ИНОФЕИТ на Факултетот за електротехника и информатички технологии во Скопје како трговско друштво основано од УКИМ со цел да го комерцијализира знаењето на универзитетот. Тука имаме различни тимови кои што работат на нивните проекти. Во некој случај имаме повеќе од десетина тимови кои во реално време се присутни тука. Минатиот семестар обезбедивме 80 студенти од мастер студии од Швајцарија кои на нашите студенти им даваа директна поддршка цела недела токму тука, а подоцна продолжија и со онлајн сесии за менторирање на стартап тимовите. Ние постојано се обидуваме да им помогнеме на стартапите да развијат решение за глобалниот пазар. Останува на иноваторите, студентите, претприемачите и сите кои гледаат како одредено решение може да се надгради да ни се обратат нам да им бидеме партнер во реализацијата.



Сподели