Како ќе расте минималната плата и субвенциите за придонеси за повисоки плати?

Како ќе расте минималната плата и субвенциите за придонеси за повисоки плати?
БизнисРегулатива | 17.09.2019

 Истовремено креаторите на економски политики планираат зголемување на минималната плата до 14 илјади денари што ќе ги задоволи барањата на синдикатите и работниците во повеќе индустрии, а од друга страна се ветува и доделување на субвенции за работодавачите кои ќе ги зголемат платите до 500 евра, односно за сума од 1000 до 6000 денари над актуелните плати на вработените кои според оваа пресметка изнесуваат околу 24 илјади денари во нето износ.

 

„Засега се уште немаме дефинирано вредност. Следниот период ќе имаме интензивни средби на кои што ќе разговараме се со цел да се најде заедничко решение и тоа нема да биде избрзана одлука. Да бидеме искрени, едно семјество не може да живее со 200 евра месечни примања и двајца да работат. Во сите држави минималната плата е да ги заштити најранливите категории“ изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев за Телма.

 

Економистите повикуваат на внимателност при креирање на новите политики бидејќи наметнатото зголемување на минималните плати може негативно да влијае врз повеќе гранки. Исто така и субвенционирањето на придонесите може да предизвика инфлација, а тој раст на платите во приватниот сектор ќе направат притисок да растат и платите во јавниот сектор со што дополнително ќе се оптовари и буџетот.

 

Минималец од 14.000 денари е црвена линија која не смее да се надмине. Но, прво треба да заживее мерката субвенционирање на придонесите што ја вети Владата, па потоа да се зголеми минималната плата, сметаат од Организацијата на работодавачи.

 

Викендов Конфедерацијата на слободни синдикати побара минималецот да изнесува 16 илјади денари затоа што расте просечната плата но, се зголемува и потрошувачката кошница на 32 илјади денари.



Сподели