Македонските стартапи добија сопствен центар за едукација и вмрежување

БизнисРегулатива | 02.09.2019

 Startup Macedonia ќе може да ги користи поранешните канцеларии на Фондот за иновации и технолошки развој во центарот на Скопје, на локацијата кај Рекорд. ФИТР го отстапи овој простор за македонската стартап заедница да има еден вистински простор каде ќе може да одржува средби со сите претприемачи на кои им се потребни совети и насоки за реализирање на нивните идеи.

 

 
„Сега е вистински подвиг да споиме уште еден важен дел во сложувалката, со цел градење и управување со “дом“ на стартап заедницата, физички простор и претприемачки центар, со што ќе ги споиме сите актери во македонскиот екосистем под еден покрив. Во MKstartups центарот ќе ја продлабочуваме соработката со компаниите која треба во иднина да придонесе до иновативни идеи, размена на знаење, вмрежување, како и аплицирање на активни програми за финансиска поддршка” изјави Дејан Алексов, претседател на Стартап Македонија.

 

Асоцијацијата Startup Macedonia веќе е во фаза на изработка на првата дигитална платформа за сите стартапи во државата. На едно централно место ќе може да се најдат податоци за постоечките стартапи, за услугите кои може да ги добијат, како и да се вмрежуваат меѓусебе за надминување на предизвиците.

 

„Верувам дека поддршката на креативните млади луѓе и нивните идеи преку најразлични мерки е поттик да ја градат нивната иднина во нашата држава, а своите успешни бизнис приказни да ги извезуваат надвор од нашите граници. Со нашата помош на Стартап Македонија  целиме сите засегнати страни во стартап екосистемот кохерентно да работат на подобрување на деловните услови во земјава и создавање повеќе можности за одржливи бизниси.  Република Северна Македонија годинава бележи скок од 25 места на ранг листата на Глобалниот иновациски индекс што е уште еден показател дека сме на добар пат и дека треба да продолжиме заедно со Владата да им бидеме партнери на оние кои имаат желба да направат позитивни промени и да ја зајакнат економијата во државава“ потенцираше Јован Деспотовски , директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

 

Фондот за иновации и технолошки развој досега има вложено околу 2,5 милиони евра во стотина стартап компании со што се поттикнуваат младите луѓе да се охрабрат своите идеи да ги претворат во успешни бизниси.



Сподели