СКСЗМ го презема претседавањето со Платформата за јавно-приватен дијалог

БизнисРегулатива | 25.07.2019

 Стопанската комора на северозападна Македонија го презеде претседавањето со Платформата за јавно-приватен дијалог, откако заврши ротацијата предводена од Стопанската комора на Македонија.

 

Платформата за јавно-приватен дијалог се воспостави како одговор на потребите за претставување на компаниите во разговорите со Владата на Република Северна Македонија за подобрување на бизнис климата и учество во процесот на носење на нови законски решенија, како и примена на подобри решенија на актуелни закони кои ги засегаат компаниите.

 

СКСЗМ ќе претседава со Платформата која произлезе по потпишување на Меморандумот за соработка меѓу четирите најактивни комори во земјата со најголем број на членки и на тој начин се обезбедува гласот на бизнис заедницата да биде слушнат од надлежните институции.

 

Во заедничката Платформа за јавно-приватен дијалог се обединети Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.

 

На 23 јули се одржа и третата седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог меѓу коморите  обединети во Платформата и Владата. Претставниците од стопанските комори изразија очекување дека соработката помеѓу Владата, министерствата и бизнис-секторот ќе продолжи да се развива во позитивна насока и дека ќе се задржи позитивниот тренд да бидат консултирани при носењето важни законски решенија, со кои би било засегнато стопанството.



Сподели