Милевска: Битола е вториот ИТ центар во земјава, но бизнис климата мора да се подобрува

БизнисРегулатива | 19.07.2019

Поголемо придвижување на претприемништвото и формирањето стартапи се случува во последните месеци во Битола со неколку квалитетни иницијативи. Меѓу нив е и акцелераторската програма на проектот Employouth, а успешно се организираа и повеќе настани како „И од Битола се може(и)“. За развојот на новите претприемачки идеи разговараме со Маријана Милевска, директор на Преда Плус Фондацијата, која преку повеќе иницијативи дава поддршка на претприемачи и стартап тимови за развој на нивните бизнис идеи.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

На неодамнешната инфо-сесија која се одржа во Битола на иницијатива на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива се покренаа теми за промена на законот за трговски друштва, за олеснување на влезот на инвеститори, бизнис ангели и фондови како сопственици на удели во стартап компаниите. Што според вас треба да опфати бизнис регулативата која се однесува на стартап проекти?

 

Милевска: Не сум сигурна колку треба да се прават паралелни или посебни законски решенија кои ќе таргетираат стартапи. Законската рамка која е поставена за бизнис сектор секако одговара и за стартапите, но ни требаат повеќе дебати, едукација и простор за дискусија каде ќе се разменуваат добри практики на тоа што системот го овозможува. Заради тоа, инфо-сесијата во Битола беше одлична можност да се отвори таква дебата, да се разменат мислења, согледувања на поедини играчи од стартап еко-системот и да се воспостават релации за конкретни прашања. Потребни ни се повеќе средби, настани и со правници од стопанство кои ќе претстават практични решенија на здружувања, на конкретни начини на финансирање на даден стартап итн. Законската рамка сето тоа го дозволува, но често заради недоволно познавање на праксата, се гледа само да се задоволи законот без да се анализира што суштински и е потребно на една стартап констелација. Тука ни се потребни повеќе едукација на самите заинтересирани за стартапи или ако сакате на целата популација во делот на финансиите, модели на финансирање, како практично различните модели изгледаат, што би добиле или изгубиле во секој модел.  Практикувањето на законската рамка секогаш дозволува креативност која недостига во моментов.

 

 

ПРЕДА Плус фондацијата го спроведува проектот Employouth преку акцелераторска програма за претприемачи. Може ли да ни кажете во која фаза е проектот, што очекувате од него и колку тимови или поединци се опфатени?

 

Милевска: Employouth е проект поддржан од Европската унија преку програмата за прекугранична соработка со Грција каде партнер ни е и Факултетот за ИКТ во Битола и има за цел да воспостави пилот акцелераторска програма. Проектот ни помогна во изминатите 8 месеци да донесеме знаење во Пелагониски регион по однос на воспоставување акцелераторски програми за поддршка на стартапи, да ја конципираме за првпат таква програма во регионот и да ја пилотираме. Во целиот процес имавме повеќе експерти во различни периоди и најважно го имавме Игор Изотов да не храни со меѓународни искуства, но прилагодено сразмерно на тоа што во Битола денес е потребно.

 

На почеток бевме скептични како ќе мобилизираме и поттикнеме заинтересирани да се пријават на првата акцелераторска програма, во заспан регион по однос на претприемништво. За таа цел организиравме неколку настани каде успешни битолчани со меѓународни бизниси ја раскажаа својата приказна под мотото дека: И од Битола се може(и). Па така пилот програмата започна со 80 индивидуалци кои се пријавија и после саати менторство и обуки заврши со презентација на 23 тимови на ДЕМО денот. Значи, првата генерација на стартапи  ја помина акцелераторската програма и сега се во фаза на подготовка на завршна презентација и избор на најпотенцијалните идеа за нивно претставување во Солун и Атина.

 

 

Се развива ли стартап сцената во Битола, град кој досега беше познат по неколку успешни проекти во гејминг индустријата. Постои ли креативен набој, нови идеи и предизвици кои претприемачите се подготвени да ги реализираат и како да им се помогне во таа насока?

 

Милевска: Битола несомнено е вториот ИТ центар во земјава после Скопје. Но, додека целиот стартап еко-систем се воспоставуваше во Скопје каде позитивно кажано „никнаа“ мал број инкубатори, акцелератори, хабови, се организираа многу мотивациски настани, обуки, демо денови... во Битола не се случуваше ништо или практично многу малку, а сепак ИТ индустријата напредуваше, па дури и се случи тренд на отворање на претставништва на најголемите ИТ фирми. Тоа значеше дека ИТ кадарот кој се продуцира во регионот е добар, но многу  е лимитирано да се размислува дека тие нови кадри се добри само како вработени без да се негува нивниот претприемнички дух и потенцијал за стартапи. И сега кога првата генерација се охрабри да влезе во акцелераторска програма која им отвори нови видици, сега е многу полесно да се охрабрат и другите. Креативни идеи постојат, но потребно е да се негуваат, да се охрабруваат и канализираат правилно. За тоа е потребно играч кој ќе носи мотивациски говорници, кој ќе организира практична едукација за водење бизнис и кој ќе спојува ментори од пракса. Секако е важно и финансирањето на тие идеи и можноста тие идеи да се најдат пред соодветни инвеститори.

Формирање на стартап како опција е атрактивна за многу млади луѓе, но и поискусни кадри. Што е потребно за да се поддржи овој процес, гледате ли позитивен развој на ваквиот вид на претприемништво?

 

Милевска: Претходно разговараме дека бизнис регулативата е рамка каде нема потреба за паралелен систем кој ќе биде посебен за стартапи. Затоа пак, повеќе внимание треба да се даде на бизнис климата и поддршката каде стартапите делуваат. Креативните идеи и преземањето на ризик  за започнувањето на стартапи полесно се случува во клима каде регулативата се спроведува, постојат многу случувања за претприемачи и програми за поддршка. Краткорочно, програмите за поддршка кои несомнено се големи во моментов, ќе вродат плод, но потребни се и поодржливи и подолготрајни мерки, а тоа се институционална поддршка на играчите во стартап еко-системот и претприемничка едукација која ќе биде вистинска и воведена уште во најрана возраст кај децата.

 



Сподели