Изотов: За десетина години ќе ги жнееме плодовите од стартапите ако продолжат инвестициите

Изотов: За десетина години ќе ги жнееме плодовите од стартапите ако продолжат инвестициите
БизнисРегулатива | 17.07.2019

Македонската стартап сцена покажува нови знаци на придвижување, се поголем интерес за отпочнување на стартап бизнис, искористување на достапните средства преку државниот Фонд за иновации и технолошки развој, приватните фондови на ризичен капитал, како и на новите инкубатори и акцелератори. Дилемите се како да се стигне до успешни стартапи кои ќе освојуваат нови пазари и индустрии, ќе достигнат огромен раст и вредност проценета во милиони долари, а самата претприемачка култура во Северна Македонија ќе се издигне на следното ниво. За перспективите, потребите од промена во бизнис регулативата која ќе го следи модерниот начин на водење на бизнис и градењето на капацитети, разговараме со Игор Изотов, иновациски и менаџмент консултант. Од неодамна ја основа менаџмент конуслтанската компанија „Изотов Консалтинг“, која е специјализирана да им помогне на стартапите во подобрување на стратегиското работење, интернационализација, пристап до нови пазари и развивање на добитна стратегија за финансирање.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

БизнисРегулатива: Во последниот период се развија дискусии дали е потребна промена на бизнис регулативата за регистрирање на стартапи со цел да се поддржат храбрите претприемачи. Постои ли таква потреба стартап компаниите да имаат посебен дел во регулативата за трговски друштва и какви услови се потребни од самиот почеток за да профункционира ваков вид на проект?

 

Изотов: Мислам дека не може да очекуваме поголем развој ако нема промена на бизнис регулативата. Голем дел од членовите во Законот за трговски друштва се напишани во некој минат век и не ја отсликуваат новата бизнис реалност во која живеат и работат современите бизниси. Во однос на регистрацијата на нови бизниси мислам дека нема некои големи пречки, бидејќи компанија може да се регистрира за краток временски период, но да се инвестира во нова брзорастечка компанија е прилично тешко.

Ако го разгледаме Законот за трговски друштва во членот 29, ќе увидиме дека со него се ограничува кој и како може да инвестира или отвори нови компании. Имено ако врз било кој од содружниците има отворено стечајна постапка или има блокирана сметка тој не може да основа компанија.

 

Ова од страна на приватните инвеститори е неприфатливо бидејќи секое нивно инвестирање во стартап компанија, каде нели 1 од 10 стартапи успеваат во првата година, може да им донесе забрана за нивно понатамошно работење, додека не се разреши проблемот со таа стартап компанија која не успеала. Понатаму други членови од истиот закон како 198 и 252, го ограничуваат малцинскиот инвеститор во ДОО и наложуваат 2/3 мнозинство од содружниците за било која одлука. Во ваква поставеност на ДОО содружништво никој инвеститор не е заинтересиран за инвестирање поради тоа што тој ефективно нема сопственост на својот дел во компанијата, него мнозинството.

 

Само што се вратив од професионален fellowship во Америка каде на грешките се гледа како процес на учење и дури и се форсира инвестирање во така наречени сериски претприемачи кои низ својот професионален живот отвориле и затвориле, успешно или не, поголем број на стартап компании. Дури и нивниот сегашен претседател е доста успешен бизнисмен поради нивниот закон за банкрот. Би сакал да видам и ние да развиваме таква бизнис регулатива бидејќи во моментов немаме што да изгубиме.

 

БизнисРегулатива: Многу активен е Фондот за иновации, постојат повеќе програми за поддршка на само-вработување, државни, но и се повеќе приватни извори на финансии. Од аспект на почетен капитал и добивање на инвестиција, имаме ли доволно инструменти на располагање?

 

Изотов: Во моментов можам со сигурност да кажам дека во Македонија има повеќе расположливи пари отколку што има интересни бизниси спремни за инвестиција. Покрај Фондот за иновации кој неколку пати годишно распишува повици за инвестирање, 3 бизнис акцелератори кои располагаат со вкупно со 1,5 милиони евра наменети за инвестирање во стартап компании, има и доста приватни питчинг настани каде еден или повеќе инвеститор од Македонија или странство преговараат со избрани стартапи. Вакви приватни питчинг средби имаме организирано и ние од „Изотов Консалтинг“ во соработка со израелски инвеститори. Но, од друга страна имаме еден поразителен податок каде според податоците од Народна Банка на РМ, во банкарски депозити имаме некои 5 милијарди евра, со годишен континуиран раст.  Овие податоци може да не наведат на заклучок, дека инвеститорите или немаат кај да го инвестираат својот слободен капитал, нема доволно интересни идеи на пазарот или пак се плашат од ризик, поради некои поранешни лоши приказни, ако може така да ги наречеме.

 

Така да во тој аспект мислам дека стартап еко-системот е покриен со почетен капитал и само се бара добар тим составен од професионалци од повеќе области и добра идеја која не мора да е светска може да е и географска иновација која би била имплементирана беспрекорно на овој нов пазар.

 

БизнисРегулатива: На Балканот веќе имаме инспиративни приказни од Словенија со Talking Tom која се продаде за над 1 милијарда долари во Кина, а Rimac на иноваторот Матеј Римац од Хрватска доби инвестиции од десетици милиони долари. Кога ќе го добиеме првиот македонски стартап кој ќе има вредност од барем 100 милиони долари?

 

Изотов: За поточно да го одговориме на ова прашање мораме да видиме колку пари и време се инвестирани во овие стартап еко-системи. Од 2005 па навака во Словенија само во стартапи се вложени повеќе од 700 мил$, со рекордни 140 мил$ во 2017, во овие пари не се вклучени парите кои OUTFIT7, екипата зад Talking Tom, ги доби за да ја продаде својата компанија United Luck Consortium за 1 милијарда долари. Хрватските стартапи само во последниве 4 години имаат собрано преку 250 милиони долари од кои Римац има некаде над 150 милиони.

 

Понатаму во Хрватска има 3 активни фондови за ризичен капитал додека во Словенија има 9, во Хрватска има 7 Бизнис Акцелератори и инкубатори додека во Словенија има 11. Во овие земји бизнис ангел мрежите се прилично активни и обично нивните парични инвестиции се од 500.000 евра па нагоре. За Хрватските бизнис ангели можам да кажам дека се прилично добро позиционирани и на регионалниот пазар и имаат инвестирано во многу стартап компании.

 

Но, исто така треба да имаме на ум дека на пример хрватските стартапи имаат еден менталитет „направи го самиот“. На пример Мате Римац неколку пати има јавно споменато дека е многу тешко да се развива бизнис во Хрватска и дека во неговата фабрика морале да дизајнираат и произведат сè од најобичниот шраф до електричниот мотор и софтверот на Concept One, најбрзата кола на електричен погон во светот, бидејќи едноставно немало добавувачи или компании кои работат на такви производи. И ова е макотрпен и долг процес.

 

Во однос на прашањето кога Македонија ќе се „израдува“ на 100 милионски стартап мислам дека имаме неколку стартапи кои работат во Македонија и кои ја имаат таа вредност, проблемот со нив е што техничкиот персонал е во Македонија додека корпоративниот персонал им е некаде во светот и Македонци немаат некој поголем удел од 5% во таа компанија. Ако зборуваме за првиот 100 милионски exit, мислам дека имаме уште фурни леб да јадеме.


Погоре зборувавме за OUTFIT7, екипата зад Talking Tom, тие како стартап се формирана во 2009 година, додека Римац својата идеја првпат ја покажа некаде 2011, а првите поголеми инвеститори, како што кажувате погоре, дојдоа многу години покасно. Да сумирам, Македонија почна да инвестира во стартап еко-системот во 2014-2015 година, и треба да поминат барем 10 години за да почнеме да ги жнееме плодовите од тие инвестиции.

 

БизнисРегулатива: Колку е важна самата стартап заедница за продавање успешна приказна. Израел веќе е препознатлив по напредната технологија која во комерцијална употреба се продава многу скапо. Може ли да се подобри ИКТ културата во Македонија за поголема препознатливост на нашиот кадар, претприемачки и иноваторски, за достигнување таков вид успеси?

 

Изотов: Имањето на развиен стартап еко-систем е од круцијално значење за успехот на еден стартап. Иако многу малку внимание беше посветено од официјалните институции за развивање на овој сегмент, можеме да бидеме горди на мал број ентузијасти кои уште од 2013-2014 година работат на развивање на Македонскиот стартап еко-систем. Доста пати на шала со овие луѓе говориме дека да ги споиме своите конекции и познанства можеме лесно да дојдеме и до Марк Цукеберг или Елон Маск ;).

 

Во однос на Израел, земја која ја имам посетено повеќе пати, де за надградба преку Машав програмата за размена на професионалци де како водач на првата стартап делегација од Македонија, можам само да кажам дека сме светлосни години назад. Целокупната Venture Capital и R&D активност во Израел на годишно ниво се проценува на 15 милијарди долари, додека брендот Стартап Нација - Израел (Startup Nation) се „крчка“ повеќе од 20 години со производството на најнапредниот Intel чип за времето во почетокот на 90-те години додека Израел бил константно гранатиран од Хамас. Ако некој го интересира израелското стартап чудо драго ја советувам книгата од Саул Сингер Startup Nation, каде до детали е развиен претприемачкиот порив на Израелците од формирањето на нивната држава во 1948, влијанието на армијата и Кибуц, како и филозофијата на верувај во себе, chutzpah на Хибру, всадена во умовите на Израелците од мали нозе.



Сподели