Алиу: Неопходна ни е национална програма за иновации за младите полни со идеи и енергија

БизнисРегулатива | 16.07.2019

Развојот на стартап културата на отворање на нови бизнис со големи потенцијали за брз раст и освојување на глобални пазари мора да добие системски пристап и да се воведат реформи и поддршка уште во почетната фаза на образование. Потоа треба да се земат во предвид успешните приказни на технолошки паркови, акцелератори и инкубатори на универзитетите кои од раната фаза на идеја на студентите започнуваат со менторство и насочување на младите претприемачи за освојување на пазарот. За неопходните реформи, промена во начинот на размислување и делување, разговараме со професорот Азир Алиу од Факултетот за Современи Науки и Технологии при Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово. Тој е Потпретседател на Бордот на Универзитетот како и Supervisory бордот на Технолошкиот Парк. Азир Алиу од 2010 година е активен во областа на Иновациите и е еден од пионерите за креирање на троен хеликс во Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

БизнисРегулатива: Колку е значајна улогата на образованието за поттикнување на претприемачка култура а со тоа и отворање и развој на стартап компании?

 

Алиу: Високото образование е клучна алка за поттикнување на претприемачки дух на младите и за развој на економијата. Универзитетите располагаат со голем човечки потенцијал, млади со иновативни идеи и енергија за да создадат нешто ново, подготвени да одговорат на надворешните стимули и потреби на пазарот. Таа енергија треба правилно да се искористи и тие млади ентузијасти треба да се поттикнуваат и поддржуваат за претворање на нивната идеја во реален проект кој што може да биде во многу форми, но најчесто како стартап компанија. Младите денеска знаат што сакат да прават, но им недостасуваат пари, одредени знаења и вештини како и деловни односи. Овие вештини треба да се обезбедат од Високообразовните институции и инкубаторите во нив, кои треба да се креираат во секоја високообразовна институција за таа намена. Затоа ценам дека државата треба да ги стимулира Универзитетите да ги зајакнат вештините за претприемачко учење. Во Македонија полека се развива и оваа култура и се повеќе станува составен дел од културата на стартување на бизнис со нов иновативен пристап и основање на стартап компанија преку барање на стручна помош од инкубаторите кои им се на располагање на младите. Освен инкубатори, високообразовните институции треба да развиваат и акцелератори кои што ќе помагаат на веќе постоечките компании за нивно акцелерирање.

 

СЕЕУ од 2010 година како институција беше агилна и им претходеше на овие процеси, со што во 2010 како пилот проект го направивме Технолошкиот парк, а во 2013 и официјално стана главна алка на нашата институција со цел поддржување и поттикнување на иновациите и претприемачкиот дух во нашиот универзитет.  Денеска со задоволство можам да кажам дека Технолошкиот парк е единствен со реални резултати и креиран еко-систем за иновации кој што веќе се докажа како успешен.  Во ТП Тетово моментално имаме 12 компании кои претежно се од ИТ секторот. Преку овој еко-систем во СЕЕУ креирани се 142 нови работни места за студентите, располагаме со 3400м2 простор и канцеларии, како и над 2 милиони евра промет на нашите кираџии за првата половина од 2019 година.

 

Државата преку разни мерки и инструменти помага на стартап заедницата но, за жал се уште немаме податоци за нивниот прогрес во првите години од нивното основање, знаејќи дека стартапите се ризичен бизнис како за основачите така и за  инвеститорите, овие податоци се неопходни за да знаеме дали сме на прав пат со нашите мерки и инструменти. Ние се уште немаме информации, колку од компаниите подржани од државата се активни на пазарот и оперираат, тој податок е многу важен знаејќи дека и на светско ниво стартапите се сензитивни и не секој од нив успева да преживее. Пример, се шпекулира дека во САД, дури 9 од 10 стартапи се затвараат во првите четири години, и покрај инвестициите кои што го добиле. За развивање на културата на претприемачки дух, државата треба многу да инвестира во тој еко-систем кој ги поддржува сите процеси поврзани со иновации и претприемништво. Инкубаторите се покажаа како најдобриот начин за поттикнување и стимулирање на тој еко-систем и подобрување на економскиот развој.

 

БизнисРегулатива: Како тука се вклопува технолошкиот парк на Универзитетот на Југоисточна Европа, колку компании досега се поддржани може ли да ни го доближите целиот процес на менторство и акцелерација?

 

Алиу: Технолошкиот парк има систем за следење и помагање на младите од моментот на идеја па се до креирање правен субјект стартап. Значи кога еден студент има идеја која верува дека може да стане успешна приказна поднесува барање до администрацијата на Технолошкиот Парк со што по нејзино разгледување и оценување од страна на комисија, ако истата се оцени позитивно, кандидатот се повикува да направи презентација. По успешниот резултат од оваа фаза, на студентот или група студенти им се нуди шестмесечна програма за инкубација која што од страна на менторот доделен на групата се следи и се пишуваат месечни извештаи за нивниот напредок. Понатаму, следна фаза е креирање на правен субјект стартап каде што компанијата се сели во други просторни услови (посебни канцеларии) и во ова фаза исто така ТП има палета на услуги кои се неопходни за млада компанија.

 

 

БизнисРегулатива: Може ли да се дефинира што е тоа стартап бидејќи како термин станува се повеќе популарен и се поврзува со ИТ и иновации, за потоа да се направи стратегија која ќе даде слика за тоа што треба да се финансира и на каков начин со државна поддршка?

 

Алиу: Денеска има  многу дефиниции за стартап, еве ќе почнам од дефиницијата на професорот Стив Бланк, Професор на Стенфорд Универзитетот: стартап е привремена организација која бара репетитивен и скалабилен бизнис модел. Или Дејв Меклур основач на еден од најпознатите акцелератори во светот за стартап вели: Стартап е компанија која бара одговори на прашањата: 1. Кој е мојот производ, 2. Кои се купувачи на моите производи, 3. Како мојот бизнис ќе заработи пари?

 

Стартап е иновативен бизнис кој има потенцијал за брз раст и голем опсег. Значи тој се одликува со начинот и потенцијалот за скалирање. Под брз раст се подразбира во рок од неколку години (4-6) и тоа во милиони суми евра профит. За да се акцелерира една таква компанија нормално треба да се обезбедат соодветни инвестиции со цел да се забрза растот на компанијата. Но, од другата страна за да направи неколку милиони профит за релативно краток период од 4 до 6 години неопходно е и да се има пристап до голем пазар кој за жал во Македонија го немаме. Е сега, за да биде скалабилен стартапот мора да биде иновативен и да употребува современи технологии со цел брзо да расте. Тука не подразбирам само ИТ компании, туку секоја компанија која умее и може да употребува современи технологии во процесот на развој и услуги. Современите технологии денеска се многу рентабилни и во традиционалните индустрии  како сточарство на пример, рударство, земјоделство итн.

 

БизнисРегулатива: Можеме ли да станеме нација на иновации, на развој на нови технологии, а со тоа и нови стартап приказни од Македонија кои ќе бидат успешни на глобално ниво?

 

Алиу: Ако гледаме што се случува во Европа во стартап сцената се гледа дека недостасуваат резултатите во споредба со САД и други големи земји. Тоа е заради ограничениот капацитет на пазарот. Денеска ако во Европа креирате стартап со производ на кој целта му е локалниот пазар тоа тешко ќе може да се нарече скалабилен бизнис, што не е случај со на пример САД, Кина бидејќи нивната дефиниција за ЛОКАЛЕН ПАЗАР подразбира стотици милиони потенцијал на клиенти и побарувачка. Ако цениме според погоре дефинираните метрики и ако сакаме да започнеме со стартап компанија во Македонија па и во нашиот регион и притоа да постигнеме соодветен раст, ќе биде полесно ако одлучиме да изградиме компанија со глобален потенцијал и со тоа да создадеме компанија која може да се натпреварува со глобалната конкуренција.

 

БизнисРегулатива: Во кој дел од регулативата треба да се направат измени со цел да се поттикне развојот на стартап и спиноф компании?

 

Алиу: Нам ни е неопходна една национална програма за Иновации и Претприемништво каде што ќе бидат вклучени сите актери во иновативниот еко-систем на државата. Мислам дека има неколку неопходни чекори и активности кои треба државата да ги креира пример:  Национално тело како советодавно тело за дијалог меѓу Образовните институции, Индустрискиот сектор и владините институции. Модернизација на средно стручно образование, подигнување на свеста кај МСП за Интелектуална сопственост, поддршка на талентирани ученици и студенти, поддршка за МСП за креирање на компонентата за истражување и развој (R&D) кај нив со што би биле покомпетентни како локално така и интернационално, зајакнување на научната и технолошката соработка со други земји, формирање на канцеларија за трансфер на технологии со цел поттикнување на triple helix моделот. Креирање на Државен технолошки парк како и други активности кои ќе помагаат во тој еко-систем со цел полесно и поуспешно креирање на успешна стартап заедница во нашата земја. Значи мое мислење е дека потребни се измени во бизнис регулативата, и тоа во неколку закони со цел овозможување на погоре дефинираните процеси како неопходни за креирање на една здрава средина за иновации и претприемништво во РСМ.



Сподели