Македонскиот стартап еко-систем стабилно се развива во последните пет години со амбиција да се развие претприемачката култура, да се поттикнат иновациите, да влезат нови фондови кои ќе вложат инвестиции во големи проекти со потенцијал за глобален успех. Од тој аспект државата треба да го следи развојот на стартапите преку соодветна регулатива, како и да создаде услови да нема пречки во нивниот брз раст. Претприемачите кои имаат одлични идеи треба да се охрабрат да го направат првиот чекор кој е и најтежок, но затоа потребен е системски пристап кон овозможување на целокупна клима за развој. За потенцијалите на македонската стартап сцена разговараме со Игор Маџов, инвестициски фасцилитатор за Западен Балкан и startup scout во регионалниот фонд за ризичен капитал South Central Ventures. Со повеќе од 15 години искуство работа со стартап компании и иновативни бизниси Игор безусловно го поддржува развојот и растот на стартап еко-системите во Западен Балкан. Ко/основач е на Startup Mакедонија со која работат на вмрежување на сите чинители и обезбедување подобра клима за развој и раст на стартапи. Се појавува како ко-организатор е на Startup Europe Week, Startup Weekend, Global Enrepreneurship Week и учество како ментор, советник и организатор на интернационални програми, конференции и настани. Неговата експертиза е во развојот на бизнисот на tech компании, финансирање на стартап компании и корпоративни иновации.
Разговараше: Христијан Станоевиќ
Веќе постојат повеќе иницијативи за развој на стартапи како вид на претприемништво. Самиот термин стартап стана премногу популарен, а со тоа и голем број на различни дефиниции. Треба ли да се направи потесен фокус на тоа што може да опфати една бизнис иницијатива како стартап и какви се трендовите?
Најпрво би сакал да направам еден пресек на тоа што се случуваше досега и зошто терминот стартап стана премногу популарен. Причината лежи во големиот успех на компании кои за многу кратко време се наметнаа на глобалната сцена и преку дигитализација на многу сервиси се наметнаа како лидери. Македонија не заостанува многу зад овие трендови и влијание на технологијата и кај нас има одлични технолошки кадри кои помагаат да се креираат успешни глобални приказни. Не радува што за разлика од пред пет години кога на прсти се броеја надежни стартап приказни сега имаме многу поразвиен еко-систем кој ја дава поддршката на компаниите, на стартапи кои веќе го градат својот бренд надвор од границите.
Што може да ни кажете од вашето искуство со стартапи и тимови на претприемачи, што е потребно да се промени во бизнис регулативата за да се овозможи развој на оваа гранка?
Стартапот по дефиниција е компанија помлада од 6 години, со голем потенцијал за раст, кој работи во иновативна средина и применува технологии, и постојано е во потрага по бизнис модел со кој ќе се издвои на пазарот. Од таа страна не станува збор за мал бизнис и затоа треба да се направи разлика меѓу стартапот и малото претпријатие и со тоа и регулативата да ги третира различно. Стартапот има одредени потреби и затоа во делот на правната регулатива често велиме дека треба да им се овозможи на стартапите да растат и затоа државата во законската рамка не треба да поставува кочници, туку да го поддржува нивниот раст. Не е погрешно се да не биде регулирано, туку лошо е кога е погрешно регулирано. Во одредени примери кога станува збор за инвестициите не само во Македонија, туку и во Југоисточна Европа не е целосно регулиран делот за ангел инвестиции, инвестициски фондови или фондови за ризичен капитал но со подобрена регулатива може да се влијае драстично на подобрување на климата за инвестиции. Затоа поради подобната регулатива во Европа најголем дел од фондовите се регистрираат во Холандија, Лихтенштајн, Велика Британија каде регулативата постои повеќе од половина век. Не треба регулативата да се фокусира премногу на големите фондови, туку да се фокусира на тоа како малите претприемачи и оние успешни приказни да го пренесат своето искуство, да се најде начин како да бидат мотивирани тоа да го прават почесто. Многу важен е и уделот на бизнис ангелите, влијанието на новите акселератори, и можам да кажам дека секоја поддршка што треба да биде дадена за млади претприемачи до 35 години цврсто ја поддржувам, бидејќи тие имаат можност со ресурсите кои ги нуди еко-системот да успеат и брзо да се развијат. И во овој дел Стартап Македонија дава поддршка преку својата платформа.
Веќе подолго време функционира фондот South Central Ventures, колку компании досега беа разгледани од ваша страна и колку компании добија инвестиции. Што очекувате од нивниот развој, може ли да станат глобално успешни и препознатливи?
Во Македонија малку е познато како функционира светот на фондови на ризичен капитал (venture capital), ние сме прва компанија која има присуство на овој пазар што беше голем предизвик на почетокот бидејќи треба да се едуцира пазарот. Се очекуваше дека овој фонд ќе биде уште еден европски фонд во кој се пополнуваат апликации и се добиваат грантови. Не станува збор за такво нешто, туку фонд со капитал од 40 милиони евра кој инвестира во удели во компаниите кои навистина имаат можност да ја зголемат својата вредност повеќекратно, преку финансиските средства и поддршката која ја обезбедува фондот и партнерите. Од таа причина беше тешко да се идентификуваат квалификувани компании од Х причини кои ги имаме разгледувано и не беа на потребното ниво да се инвестира во нив. Имаме разгледано повеќе од 400 бизнис идеи во последниот период од регионот, меѓу кои има иницијативи основани од едно лице, потоа компании кои допрва се основаат, идеи кои се само на хартија, како и проекти кои на учесници во различни програми за развој, но и компании кои веќе функционираат и им се потребни инвестиции.
Во каков вид на компании инвестира фондот и што барате од компаниите?
Фондот бара пред се тим кој има капацитет да ја подигне идејата за бизнисот на комерцијално ниво да ги надмине македонските граници и да стане во најмала рака регионален шампион, како и да „наруши“ одредена индустрија на глобалната сцена.
Досега имаме инвестирано во 27 компании во Западен Балкан, од кои четири во Македонија. Потрошивме многу време во работа со институциите кои за првпат се сретнуваа со овој вид на инвестиции и од големо значење ни беше соработката со институциите и тоа што во составот на фондот како инвеститор се појавува и Владата на Република Северна Македонија. За успехот е рано да се зборува зошто ние трчаме маратон а не спринтови па така е потребно 3 до 5 години за да се развие успешна компанија. Тоа што не радува е дека веќе три компании од македонските веќе се глобално присутни, а две од нив се топ играчи во својот домен и бележат раст од над 20% месечно.
Благодарение на одредени квалитети (талент, флексибилност, заедница) што ги нуди Македонија се градат успешни приказни и се привлекуваат инвеститори кои ги донесовме од Холандија, Велика Британија и Австрија. Компаниите кои ги поддржавме навистина бележат успеси и затоа бројот на одбрани проекти е мал. Износот на инвестиции се движи од почетни 100 илјади евра, па се до 3 милиони евра етапно во наредните фази на инвестирање. Специфичноста во Македонија е што немаме прилика да имаме пристап до многу фондови поради недоволната развиеност на финансискиот сектор, понудите на финансиски инструменти, големата конзервативност на банките и нормално преземањето на ризик на самите основачи кои што си ги ограничуваат своите визии и цели и поставуваат „стаклен“ кров.
Како да се направи еден системски пристап на развојот на стартапите од моментот што се е потребно да се преземе во образованието, потоа во делот на акселераторските програми, па се до оној крајниот чин на доделување на инвестиција од страна на државниот фонд, фондот со ризичен капитал како и на другите фондови кои би влегле на пазарот?
Многу добро кажано, значи во секоја фаза на развој потребни се различни видови на поддршка, различни видови на финансирање, на инструменти и учество на засегнати страни. Постојат многу програми кај нас, и тоа беше предизвикот на Стартап Македонија, во тоа море на информации и активности да ги систематизираме во фазите на развој и да ги канализираме и персонализираме податоците за стартап компаниите. Платформата е веќе во процес на креирање, се надеваме дека во наредниот период ќе ја завршиме листата на даватели на услуги, и паралелно ќе ја градиме базата на стартапи кои ќе бидат дел од таа платформа, за до крајот на годината истата да биде лансирана и достапна. Проблемот е како што кажавте и сами, компанијата започнува да работи на свој продукт, се јавуваат многу нејаснотии, доаѓа моментот „сега знам дека ништо знам“, бидејќи тие никогаш не размислуваат како нивниот производ ќе го продаваат, кои ќе бидат нивни клиенти, како ќе се постави цената, како и каде ќе се врши пласирањето. Затоа е многу полезно постоењето на акселераторски и инкубаторски програми, менторска поддршка која треба да ја обезбедат различни институции, да се одржуваат настани како хакатони и предизвици кои ќе ја поттикнат иновативноста, како и се поголемо вклучување на реалниот бизнис сектор кој треба да биде во контакт со овие иновативни тимови за да добијат нешто ново, а стартапите да добијат валидација.
Постои еден мит дека за стартап е доволно да се има само идеја и дека веднаш инвеститорите треба да вложат Х сума на пари без да се има конкретен производ или услуга. Каде лежи тука проблемот, дали е недостиг на образовниот процес или општествените околности, и како од друга страна да се поттикнат претприемачите да направат прв чекор кој ќе ги доближи до започнување на стартап бизнис?
Мислам дека има повеќе фактори и е микс помеѓу неискуството (непознавање на процесот), со менталитетот (желба за брз успех) и стравот од неуспех, тоа се сили кои паралелно влијаат врз еден млад претприемач. За да може навистина да напредува претприемачот треба да го напушти егото и напорно да работи, а да не го очекува својот успех преку ноќ. Тоа што го гледаме на телевизија не е реалноста и некогаш претприемачите имаат погрешни идоли. Се шегувавме со една компанија од нашето портфолио дека им биле потребни 5 години за да станат успешни „преку ноќ“. Тие пет години работеле макотрпно, не биле медиумски покриени, создавале клиенти и продажба, па потоа биле препознаени од јавноста.
Кај нас постои голема амбиција и потенцијал, претприемачи кои сакаат да го направат првиот чекор, но има и ризик дека ако ги инвестираат своите средства и нивниот обид пропадне ќе бидат обележани од нивната околина како неуспех. Несомнено формалното образование има улога во креирањето на лидерите во иднината и потребно е драстично редефинирање на програмите и задолжително вклучување на предмети за претприемништво во средните училишта и соработка помеѓу програмите на различни факултети.
Имаме квалитетен ИКТ кадар и претприемачи со добри идеи, колку е важно да се создаде перцепција за македонската стартап сцената и да се најде соодветен концепт на препознатливост. Пример може да направиме со политиката на Израел како нација на иновации кои откако ќе се комерцијализираат добиваат глобален успех, Waze беше продаден на Google за една милијарда долари. Можеме ли ние да станеме познати по одредена иновација, а со тоа и целата македонска стартап и претприемачка заедница да добие поголема вредност?
Нас во суштина ни се потребни една до две добри „exit“ приказни, кои што потоа стекнатите средства ќе ги вложат назад во еко-системот, и од нив ќе се пренесе значајно искуство. Такво искуство ни недостасува. Не е воопшто неблагодарно да се каже дека во изминатиот период сме направиле многу повеќе од тоа што сме очекувале во ваква мала економија, посебно во развој на стартап еко-системот за што ни укажуваат податоците од околните еко-системи, можеби не бугарскиот, но од останатите сме подобри, а речиси на исто ниво како и со српскиот еко-систем на стартапи иако соседната земја има многу поголем пазар. Израел како startup nation стратегиски преку армијата го гради својот стартап систем во последните 40 години, и ние тоа сега го гледаме и сакаме да го копираме на некој начин. Не треба да го пресликаме туку од него да учиме и да препознаеме каде може да додадеме дополнителна вредност. Естонија како приказна на дигитално општество е многу поблиска до нас бидејќи е помала земја но тие уште во 2000 година решија да бидат digital first држава. Ние се уште имаме системи во кои за да се придвижи нешто се потребни печати, потписи, гаранции кои го оневозможуваат или кочат работењето. Деловното работење кај нас мора да се подобри иако Македонија високо котира на Doing business за брзината на отворање на компанија, но доколку се дигитализира тековното работење и администрацијата многу ќе се подобри климата.