Македонската берза ja донесе crowdfunding платформата Funderbeam во Македонија. Преку воспоставената соработка меѓу Funderbeam SEE и Maкедонска берза, оваа глобална и иновативна crowdfunding платформа стана достапна и на македонскиот пазар.
Funderbeam е crowdfunding платформа која е развиена во Естонија за финансирање на стартапи и мали и средни претпријатија, кои во актуелните услови на домашниот пазар на капитал се соочуваат со хроничен недостаток и потежок пристап до финансии. На оваа тема разговараме со првиот човек на Македонска Берза, Иван Штериев
Разговараше- Верица Јорданова
Г-дин Штериев, кажете ни повеќе за Funderbeam, платформа која веќе е активна во земјава?
Она ште е важно инвеститорите и компаниите да го знаат е дека користењето на платформата е согласно постојните правни прописи. Таа постои од 2014 година во меѓународни рамки, при што го има минато филтерот на регулаторите во неколку земји. Во изминатиот период Македонска Берза ги анализираше сите нормативни аспекти за истата и во Македонија да може да биде функционална. Позитивен момент беше што се направи либерализација на девизниот режим, па домашните инвеститори можат да инвестираат преку структурата на Funderbeam платформата, односно да извршуваат девизни плаќања што порано не беше возможно. Funderbeam преферира во нашиот регион да влегува во партнерски односи со берзите (Хрватска, Словенија, се водеа разговори и во Србија), а Македонска Берза од Комисијата за хартии од вредност доби „виза“ да се бави со промоција на оваа платформата во нашата држава. Со Народната банка и деловните банки ги проверивме и потребните канали за плаќање. Добивме поддршка, односно грант од Проектот за развој на деловниот еко-систем поддржан од УСАИД.
Funderbeam групацијата, која е регистрирана во Велика Британија и има подружници во Естонија и Хрватска, е во доминантна сопственост на луѓе кои се излезени од формалниот дел на пазарот на капитал (берзи, комисии за хартии од вредност итн.) кој е поконзервативен и се стреми да обезбеди поголемо ниво на заштита. Оттука, довербата што овие луѓе ја имаат во берзите како институции. Во Хрватска главен партнер е Загребската Берза. Тие таму формираа и заедничка компанија со берзата од Загреб, Funderbeam Southeast Europe, со која ние склучивме договор за соработка.
Во регионот неколку берзи делиме иста визија, дека треба да ја прошириме лепезата на услуги, да не бидеме фокусирани само кон позрелите компании. Логиката на небанкарското, алтернативно пазарно финансирање ќе се обидеме да ја доближиме до организационите форми кои не се АД, туку се ДОО или ДООЕЛ. Тоа ќе значи дека ќе можеме да дадеме помош за небанкарско финансирање на фирми во сите фази на развој, од стартапи, мали и семејни фирми, преку ДОО, до големи акционерски друштва.
Кој тип компании кои можат да бидат финансирани преку Funderbeam?
Пристапот на Funderbeam е да се финансираат компании кои веќе имаат барем протитип на производ или услуга. Искуствата од Естонија и од Хрватска покажуваат дека во оваа платформа најчесто успешно влегуваат иновативни компании од ИТ секторот, но и локални бизниси од други дејности кои можат дополнително локално да се развиваат. Во Хрватска досега имаше осум кампањи од кои седум успешни, во кои прибрани се околу три милиони евра. Сега во тек е деветатата. Една од нив е кампањата за паметните клупи на Include, потоа може да го споменеме Sense Consulting, крафт пиварницата Медведград, мала, семејна пиварница за производство на домашно пиво која имала потреба да ги зголеми капацитетите и преку Funderbeam собрала милион евра. Тоа значи дека платформата нема формални ограничувања за дејностите на фирмите кои можат да собираат средства преку истата.
Во моментов сме во фаза на информирање и разговори со повеќе чинители на овој екосистем и пријатно сме изненадени од отвореноста на потенцијалните водечки инвеститори, но и на претприемачите. За првите три компании кои ќе излезат на платформата со поддршка од Проектот за развој на деловниот еко-систем поддржан од УСАИД обезбедивме и мала финансиска помош за нивна промоција.
Кој може да се јави како инвеститор на платформата?
Во поглед на типот на инвеститори нема никакво ограничување, тоа можат да бидат и физички и правни лица. Платформата е онлајн и секој може да се регистрира како потенцијален инвеститор за било која кампања која оди на Funderbeam. Треба само да отидете на funderbeam.com и да ја следите соодветната постапка за регистрација. Во моментов има регистрирано инвеститори од 113 земји и тие се во тек со кампањите кои се одвиваат во различни земји. Тоа значи дека и македонските инвеститори можат да инвестираат во било која кампања. Во Хрватска, на пример, 60 отсто од инвеститори во наведените досегашни успешни кампањи се физички лица од Хрватска, а другите се од странство, многу од нив и од нивната дијаспора. Долниот лимит на инвестиција е 100 евра.
Funderbeam се базира на структура дека не се градат директни сопственички односи помеѓу малите инвеститори и самата фирма, заради што за секоја кампања се основа посебна фирма во Естонија преку која одат сите вложувања во домашната фирма и која во Централниот регистар ќе се регистрира како содружник кој ќе стане сопственик на определен процент од стартапот. Фирмата има двајца управители, еден е претставник од Funderbeam (кој се грижи за правата на инвеститорите согласно договорената структура на инвестицијата и правилата на Funderbeam), а другиот е т.н. водечки инвеститор (кој го направил т.н. инвестициски синдикат и кој на некој начин ги застапува другите мали инвеститори во управувањето со стартапот). Сите вложувачи добиваат поврат на инвестицијата, но само ако има некои потенцијалните распределби на идните добивки. Суштествена е улогата на т.н. водечки инвеститор кој може да биде самиот претприемач или било кој друг успешен деловен човек, кој заедно со претприемачот ја осмислува и води целата кампања за прибирање на капитал.
Постоењето на водечки инвеститор е задолжително. Тој прави евалуација на компанијата – пред и после прибирањето на новиот капитал. Додека трае кампањата сите подетални прашања одат и кон него, бидејќи тој е компетентен и е лицето на кампањата.