Светска банка обезбеди 26,2 милиони евра за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан

БизнисРегулатива | 07.06.2019

Со 26,2 милиони евра од Светска банка ќе се подобрува инфраструктурата, модернизираат институциите и зајакне нивната соработка, со цел олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан.
 
 
Денеска беше потпишан договор помеѓу Министерството за финансии и Светска банка за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан. Ова е регионален проект, во кој покрај нашата земја, во првата фаза ќе се вклучат и Србија и Албанија, додека во втората фаза и Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
 
 
Министерот за финансии Драган Тевдовски на потпишувањето истакна дека целта на проектот е да се намалат трошоците за извоз и увоз и да се скрати времето за прекугранична трговија.
 
 
„Проценката на Светска банка е дека со реализацијата на проектот, ќе се намалат трошоците за извоз и за увоз во регионот за околу 10%. Сето ова ќе придонесе за унапредување на трговската размена, како и за повисок економски раст во регионот“, рече Тевдовски.
 
 
Тој посочи дека проектот има четири компоненти: Олеснување на движењето на стоките и услугите низ Западен Балкан, Подобрување на транспортната ефикасност и предвидливост, Подобрување на пристапот до пазарот за трговијата и инвестициите и Поддршка за спроведување на проектот.


Сподели