Советот на странски инвеститори и Стопанската Комора на Македонија организираат хуманитарен пикник

БизнисРегулатива | 06.06.2019

 

Големиот хуманитарен пикник во организација на Советот на странски инвеститори и Стопанската Комора на Македонија ќе се одржи на 9 јуни во Градскиот парк во Скопје!
 
Ова е еден од препознатливите настани на Советот на странски инвеститори кој веќе станува традиционална манифестација од хуманитарен тип, е и „Светскиот пикник“. Како интересна идеја, произлезена токму од самите компании, „Светскиот пикник“ претставува своевиден спој на забавни и општествено корисни содржини преку кои се запознаваме со странските инвеститори во земјата на неформален начин. По големиот успех од минатогодишните изданија на „Светскиот пикник“, продолжуваме да ја одржуваме идејата за промовирање на позитивните ефекти на странските инвеститори врз националната економија по пат на неформално дружење и претставување на културата на земјите од каде што потекнуваат преку најавтентичните рецепти од нивните национални кујни, како и другите културни обележја. Во суштина, најдобриот начин да се запознаат странските инвеститори е преку нивната традиционална храна, - истакна Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.
 
 
Оваа година „Светскиот пикник“ ќе се организира по четврти пат, на 9 јуни во Градскиот парк, зад споменикот на Гоце Делчев, со почеток во 12:00 часот, каде што граѓаните ќе имаат можност да ја вкусат традиционалната храна на дванаесетина земји од каде што доаѓаат странските инвеститори во земјава. Средствата собрани од организацијата на овој настан ќе се искористат за хуманитарни цели, односно оваа година ќе бидат донирани на ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас - Битола. 
 
 
На таков начин, придобивките за заедницата се повеќестрани и се состојат во приближување на странските инвеститори до граѓаните со нивната култура и традиција преку традиционалната храна на еден неформален начин, во релаксирана атмосфера, со музика, забава и анимирање на разни интересни групи на посетители, вклучувајќи ги и најмладите, претставниците од компаниите, медиумите и воопшто граѓаните, но исто така многу позначајна придобивка е хуманитарната димензија на овој настан, што ја покажува цврстата определба на странските инвеститори да бидат пример за општествено одговорно и грижливо работење, потенцира Штефан Петер, претседател на Советот на странски инвеститори.


Сподели