Нагавци: Косово и Северна Македонија заеднички да настапат на странски пазари

Нагавци: Косово и Северна Македонија заеднички да настапат на странски пазари
БизнисРегулатива | 31.05.2019

Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија со постојан раст во размената во изминатите години, а значајно е тоа што македонскиот извоз е во суфицит. Во последните месеци извозот е значително зголемен најмногу поради високите тарифи кои косовската влада ги наметна кон Србија, а тоа го искористија македонските компании. За подобар пласман во Косово, за освојување на потрошувачите на долг рок, како и за заедничките иницијативи и можноста за соработка меѓу бизнис заедниците на двете земји разговаравме со експертот Фатон Нагавци кој има огромно искуство пред се во областа на земјоделството.

 

 

Може да ни кажете нешто повеќе за можностите за соработка и трговска размена меѓу Северна Македонија и Косово, како овие процеси да се подобрат преку промени во регулатива, што е потребно да се преземе?

 

Верувам дека Македонија е многу понапред во однос на Косово кога е во прашање бизнис регулативата. Знам дека во Косово имаме проблем со почитување на договорите, како и нивно спроведување во делот на обврските. Трговците и фармерите потпишуваат договори. Но, потоа трговците или откупувачите ретко ги почитуваат сите договори што ги става во неповолна положба производителите на храна и фармерите бидејќи немаат многу механизми на располагање. Во Македонија состојбите се поразлични и многу подобри и од тоа Косово може многу да научи.  На ова поле може многу да соработуваме преку посети за размена, средби меѓу бизнисмените (B2B), размена на државните институции, но ако тоа го правиме треба да се направи во специфични сектори според производи и слично.

 

 

Вие најмногу имате искуство во земјоделството. Што мислите за македонските фармери, земјоделци и кондиторски брендови. Дали има простор за зголемување на нивната продажба во Косово и што е потребно за поголем пласман?

 

Македонските производители на храна и брендови веќе се многу присутни на пазарот во Косово. Трговците од Косово, повеќето од нив имаат одлични врски и набавуваат роба од вашата земја. Тоа може значително да се забележи на Кванташкиот пазар во Скопје кој е еден од најголемите. Косовските трговци постојано вршат набавки таму, но и состојбите на Кванташкиот пазар, особено при промената на цените имаат големо влијание кај нас. Така ако дојде до промена на цената веднаш има корекции и во цените кај косовските земјоделци. Мора многу поблиску да работиме заедно на развојот. Македонските земјоделци имаат поголемо производство и во повеќе области, додека пак косовското земјоделство по обем е помало, но во одредени сектори има поразвиена технологија. Затоа сметам дека можеме заеднички да настапиме на странски пазари со што би исполниле одредена количина и квалитет со компетитивна цена.

 

 

Во последниот период македонскиот извоз на Косово значително е зголемен за околу 40%, а тоа се должи и на зголемените тарифи кон српските производи. Дали оваа состојба на пазарот е одржлива или ќе се промени, што можат да направат македонските компании за да ја задржат и подобрат својата позиција во Косово?

 

Присуството на српските производи на косовскиот пазар не е поради нивниот врвен квалитет и добрата цена, туку повеќе поради тоа што долго време се тука и купувачите се навикнаа на нив. Во овој период косовските потрошувачи купуваат и нови производи, секако меѓу нив се и македонските. Со цел македонските брендови да се задржат на косовскиот пазар на долг рок мора да обезбедат квалитет. Ако цената и понудата се добри тогаш за нив ќе има интерес. Компаниите мора да работат на задржување на квалитетот, но и да ја зголемат комуникацијата со купувачите. Потребно е да се информираат потрошувачите на различни начини, преку интернет, социјални мрежи и слично за понудениот квалитет и гаранциите кои ги имаат. На пример за месните производи сите купувачи се интересираат дали се безбедни.

 

Кои се перспективите за иднината, кои се најклучните проекти во инфраструктурата кои треба да се завршат и како бизнис заедниците на Косово и Македонија треба да продолжат да соработуваат?

 

Од косовска страна е завршена изградбата на автопатот „Арбер Џафери“ со кој се врши директно поврзување. Преостанува и делот од автопатот кој треба да се доизгради на македонска страна кој е многу пократок и изнесува околу 20 километри. Потребни се инвестиции и во железничката инфраструктура. Македонија и Косово се мали земји, секогаш има простор за соработка и учење едни од други. Доколку успееме да извезуваме заедно ќе освоиме многу поголем удел на пазарот со поголеми количини.



Сподели