Ако не се превенира нелојалната конкуренција, сивата економија ќе расте

Ако не се превенира нелојалната конкуренција, сивата економија ќе расте
БизнисРегулатива | 17.05.2019

По одржаниот Форум за намалување на негативните последици од сивата економија произлегоа повеќе идеи од претставници на приватниот сектор кои имаа можност директно да ги пренесат своите ставови. Во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија преку Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива финансиран од УСАИД, се разви дебата за решенија за нелојалната конкуренција која произлегува од сивата економија, а свој придонес дадоа домашни и странски експерти, како и владини претставници од надлежните сектори. Целта е преку овие јавни дебати да произлезат решенија од бизнис заедницата, како и да се пренесат заложбите на државните органи, нивните актуелни акциони планови и мерки кои ги преземаат во делот на справување со неформалната економија.

 

Според Данела Арсовска претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија, овие предизвици се заеднички за сите сектори на стопанството, па затоа се потребни конкретни чекори од страна на институциите како носители на механизмите за справување со сивата економија која моментално е над 33 проценти од севкупната економија.

 

 

„Предложени мерки се имплементација во пракса на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со што би се регулирало работењето во сивата зона, но и здружена акција на граничните премини за спречување шверц. Да се отпочне на постапка за доброволна регистрација во прва фаза за нерегистрираните субјекти, доколку одбијат да се регистрираат да се применат репресивни мерки со изрекување на значителни глоби, бидејќи доколку не се превенира оваа нелојална конкуренција се ризикува и регистрираните да преминат во сивата зона но, и да се дестимулираат и да не се регистрираат претприемачите и сите оние кои се охрабриле да се самовработат“, изјави Арсовска.

 

 

Во последните три години е забележано пораст на процентот на тие кои влегуваат во сивата економија, тврди Габриела Кулебанова потпретседател на Сојуз на стопански комори на Македонија. Во рамки на едно европско истражување главниот фактор е недовербата во институциите, потоа сложеноста на административните процеси и избегнување на плаќање даноци, истакна Кулебанова.

 

Непријавените работници се едни од најчестите проблеми на неформалната економија. Во последно време фирмите не можат да најдат работници па затоа овој проблем се намалува. Сепак останува проблемот со почитување на обврската за плаќање на прекувремена работа и К-15, смета Хавзиу, директорот на Државниот инспекторат за труд.

 

 

„Апелираме до сите работодавачи и вработени да склучуваат договори за вработување и да бидат пријавени во системот. Ако најдеме непријавени работници можеме да го затвориме објектот на 30 дена. Сега немаме проблеми со исплатата на минималната плата, додека пак исплатата на прекувремена работа и натаму е проблематична. Регресот за годишен одмор може да се плати и во текот на летото, а не само до крајот на годината“ изјави Хавзиу на дебатата.

 

 

„Негативните ефектите од сивата економија ги чувствуваме веќе неколку декади, но веројатно сите присутни овде – компании, институции, владини претставници, би се согласиле дека заедно треба да најдеме решение и стимул како неформалното делување ќе се канализира во формалната економија, истакна Љубомир Димовски директор на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива финансиран од УСАИД.

 

Највисокиот владин претставник, Зоран Шапуриќ, министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија, говореше за тоа што досега е направено од страна на надлежните органи.

 

 

„Институциите на Република Северна Македонија се координирани во изнаоѓањето начини за искоренување на сивата економија која според проценките на Светска Банка достигнува до 20-25 %. Она што можам да го кажам е дека во земјава нема тренд на дерегистрација на фирми. Како една од мерките која ја преземаме во оваа насока е условот сите државни субвенции и други исплати кон домашните фирми и странски инвеститори да се вршат откако ќе се утврди дека се подмирени сите давачки кон државата“, изјави Шапуриќ.

 

 

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива го спроведува „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ во партнерство со Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија. 



Сподели