Анета Пешева: ИКТ индустријата може да ја мапира Македонија како иновативна технолошка дестинација!

БизнисРегулатива | 25.04.2019

 Анета Пешева е жена претприемач, иноватор, ментор, филантроп....  Таа е основач и менаџер на компанијата Ултра, активен член во повеќе организации а од неодамна претседател на управниот одбор на МАСИТ. Разговаравме за приоритетите на нејзиниот мандат и за актуелните состојби во ИКТ индустријата

 
 
Разговараше – Верица Јорданова
 
Г-ѓа Пешева, од неодамна сте прв човек на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ. Кој беше Вашиот клучен предизвик и мотивација да го преземете кормилото со комората во која членуваат најголем дел од компаниите во ИКТ секторот?
 
Оваа позиција, претседател на единствената индустриски – специјализирана комора во Македонија и регионот за информатички и комуникациски технологии, е плод на повеќедецениски минат труд и сама по себе носи не само титуларна и статусна вредност, туку и тежина која подразбира низа на одговорности. Имајќи на ум дека ИКТ индустријата е перцепирана како една од носечките извозни гранки која при тоа генерира дополнителна економска вредност, ќе се сложите со мене дека ова кормило бара искуство, тим, одговорност и пред се отвореност за промени, за да биде соодветно насочувано. МАСИТ во последните неколку години заслужено порасна не само квантитативно – преку бројот на членки, туку и преку бројот на домашни и меѓународни партнери, проекти и соработки кои се заслуга на оперативниот и управувачкиот тим на комората, а јас сум повеќе од горда што следниве 3 години уште поинтензивно ќе работиме и соработуваме во таа насока.


Кои ќе бидат вашите приоритети во мандатот кој Ви претстои?
 
Приоритетите се веќе јасно дефинирани за претстојниот период. Имено, една од најгорливите теми периодов е одливот на ИКТ кадри од државава, па затоа преземаме проекти кои не само што ќе бидат обид за задржување на квалитетните постоечки кадри, туку и интензивно градење на нови ИКТ кадри преку едукација и преквалификација. Друг фокус ни се меѓународните мрежи преку кои им овозможуваме на нашите членки полесен пристап кон меѓународниот пазар, а преку тоа и побрз раст и подобра меѓународна конкурентност. Трет приоритет ни е инклузивноста и достапноста на едукации на социјално загрозени и потешко вработливи категории. Сето ова ќе го градиме со локални и меѓународни партнери, со Владата, чија поддршка веќе ја имаме и секако со помош на медиумите кои се важна алка во процесот на транспарентно пренесување на информациите. Досега соработката со различни меѓународни институции, како што се USAID, Холандската амбасада, GIZ, Швајцарска Амбасада, Британска Амбасада и фондовите на ЕУ, овозможија МАСИТ да ги реализира најважните проекти и се надеваме дека таа поддршка ќе продолжи и понатаму.
 
 
Непосредно по изборот за претседател на УП на МАСИТ изјавивте дека првенствено ќе се борите ИКТ индустријата да стане водечка индустрија во државава по примерот на некои европски земји. Дека од успехот на ИКТ индустријата и третманот на државата кон неа ќе зависи дали земјата ќе се придвижи во позитивен правец и ќе успее да ги задржи најбараните млади образовани кадри. Може ли да ни кажете како ќе делувате во оваа насока?
 
ИКТ индустријата кај нас и во светот органски сама по себе доминира и расте. Здравиот раст зависи делумно и од мерките на државата, преку третманот на кадрите и преку даночната политика. МАСИТ е вклучен во директни разговори со Владата на теми и одлуки поврзани со мерки, даноци и политики кои ја засегаат директно или индиректно ИКТ индустријата, но ценам дека има простор за уште поинтензивен дијалог. Во третманот на најбрзо растечката индустрија треба интегрирано и системски да се вклучат сите чинители: владиниот сектор, образованието, граѓански сектор и секако соработката меѓу самите компании, односно деловниот сектор. Токму за оваа интеграција и систем најсилно ќе се залагам како претседател. Ова е гранката што може да ја мапира Македонија како иновативна технолошка дестинација за што сметам дека имаме одлични предиспозиции.
 

Кои се најголемите потенцијали за раст на ИКТ индустријата? Во кои сегменти како земја имаме најголем простор за раст и развој?
 
Дигиталната трансформација на компаниите од секоја индустрија е ургентна, а тоа се постигнува преку технолошки решенија. Тука веќе говорам за промена на системи на работа, комуникација и пред се продажба во правец на дигитализирање и осовременување. Во делот на ИКТ индустрија, посебен сегмент на кој можеме да се насочиме е иновативноста и старт ап заедницата каде се ,,мрестат,, идеите, кои пак без искусните и возрасни компании и инвеститори не можат да се развијат и така доаѓаме до потребата од здружување и систем на мрежа преку кој ќе станеме дестинација на иновации. Тоа пак започнува уште во раните образовни системи. Затоа велам дека сите општествени страни се засегнати од ИКТ индустријата и ИКТ индустријата е засегната од сите општествени страни. Оттука, коморите играат важна улога при поврзувањето и процесирањето на таа интеграција.
 
 


Сподели