Дури 70% од невработените не се појавуваат на закажани интервјуа за работа

БизнисРегулатива | 12.04.2019

 Дури 70 отсто од невработените одбиваат да се појават на интервјуа за работа кои ги обезбедува Агенцијата за вработување, вели директорката на Агенцијата, Билјана Јовановска со што се согласи со констатацијата на Светска банка дека половина од населението ниту бара работа ниту сака да работи.
 
 
-Се соочуваме со проблем кога еден работодавач бара работна сила. Имаме ситуација кога од поканети невработени, 70 отсто не доаѓаат на интервју бидејќи не е задолжително, односно законот не вели дека тие ќе бидат избришани или тргнати од евиденција. Од 30 отсто што ќе  дојдат на интервју, се упатуваат кај работодавачот, половина одат на интервју и најчесто ја одбиваат понудата за работа и тоа од најразлични причини. Невработените лица наведуваат дека не им одговара местото, смената, платата – рече директорката.
 
 
Најголем процент од долгорочно невработените се со основно образование и тие се потешко вработливи. Јовановска додава дека бројот на невработени лица е околу 190.000.
 

-Половината од нив се пасивни баратели, нивна обврска е да се јавуваат во Агенцијата на секои 6 месеци. Агенцијата работи само со активните баратели. Оние кои што сакаат да учествуваат во активностите на Агенцијата, во активните мерки и кои сакаат да бидат повикувани на интервју кај работодавачи – нагласи Јовановска.
 
 
Директорката кажа дека Оперативниот план за вработување годинава опфаќа 8.500 лица преку неколку мерки. Иако потребата од квалификуван кадар е еден од најголемите проблеми за работодавачите, за мерката која предвидува обуки за преквалификација интересот засега не е многу голем. Од 4.740 лица колку што е предвидено да бидат опфатени годинава, засега интерес да ја сменат професијата покажале 1.300 лица, од кои 500 млади. За преквалификација тие добиваат месечно по 150 евра од Агенцијата за вработување.


Сподели