Господинов: Мора долгорочно да ги мотивираме младите професионалци со услови за градење кариера

БизнисРегулатива | 12.04.2019

Приватниот сектор се погласно истакнува дека потребни се реформи со кои ќе се овозможи младите професионалци, особено во техничките и технолошките области да останат и тука да ја градат својата кариера, наместо да мигрираат низ светот барајќи ја својата шанса за професионална реализација и подобри услови. ИТ секторот се издвојува како еден од најдобро платените, но освен финансиските бенефити таму гледаме и модерни заложби за создавање идеална атмосфера за вработените, кариерна и лична надградба и пријатно работно окружување. Затоа разговараме со Илија Господинов од компанијата Ендава за потребните измени во регулативата, соработката со државните и образовните институции, за подобрување на програмите за подготовка на кадарот и перспективите на македонскиот пазар на труд.

 

БизнисРегулатива: Што на вас како компанија ви е потребно за ангажирање на соодветна работна сила која ќе одговори на потребите за непречено работење, поголема продуктивност и конкурентност на пазарот?

 

Господинов: Со оглед на тоа што секторот на ИТ сервиси има константен раст во последните 10 години, постоењето на соодветна работна сила е од критично значење за продолжување на овој позитивен тренд. Мора да се нагласи дека станува збор за два очигледни аспекти – бројот на постоечки и нови ИТ професионалци, како и нивото на техничка експертиза во нивните избрани технологии и програмски јазици. Мора да констатираме дека пазарот на работна сила во моментов е многу ограничен, и дека е потребно подобрување на рамката за соработка помеѓу државните институции, образовните институции и приватниот сектор, со цел зголемено генерирање на нова работна сила со ИТ профил во која приватниот сектор ќе продолжи да инвестира. Потенцијалот на ИТ секторот е огромен, и треба да се искористи преку системска поддршка и соработка помеѓу сите засегнати страни.

 

БизнисРегулатива: Дали приватниот сектор недоволно вложува во соодветен менаџерски кадар кој ќе применува правилни политики на кариерно движење на вработените, ќе ги мотивира на соодветен начин и надградува со цел работното место да биде поатрактивно?

 

Господинов: Сметам дека во ИТ индустријата, приватниот сектор особено се грижи да применува модерни методи кои овозможуваат отворена комуникација, поддршка, развој и кариерно движење за вработените. Ова го покажува и фактот што голем број на работни позиции се отвораат за најмладите професионалци кои продолжуваат да ја градат својата кариера и да го нагласуваат растот на ИТ секторот. Мотивацијата не е еднострана – освен за финансиски надомест, константно се грижиме за унапредување на квалитетот на работната околина, бенефитите за нашите вработени, како и условите за професионален развој. Ова е од критична важност за желбата на нашите млади професионалци да продолжат да ја градат својата кариера во Македонија.

 

БизнисРегулатива: Како приватниот сектор може да се вклучи во образовниот процес бидејќи една од главните забелешки е дека се продуцираат образовни кадри со недоволни или несоодветни компетенции кои не се барани на пазарот на труд, има ли позитивни примери?

 

Господинов: Приватниот сектор веќе има опсежна соработка со повеќе факултети и други образовни институции кои образуваат и обучуваат професионалци со ИТ работни профили. Во динамичен сектор како нашиот, особено внимание мора да се даде на прилагодувањето на образовниот процес и квалификациите со кои се здобиваат нашите млади професионалци, со цел да бидат компетитивни на работниот пазар и што побрзо да започнат со директен придонес во секојдневните деловни процеси. Како што веќе нагласив, потребно е подобрување на рамката за соработка помеѓу државните институции, образовните институции и приватниот сектор, со цел зголемено генерирање на нова работна сила со ИТ профили која во моментов е најдобро платена работна сила во нашата држава. Ова значи и дека на основа на овие ИТ млади професионалци, нашата држава прима највисоки придонеси и даноци кои се неспоредливи со многу други деловни сектори.

 

БизнисРегулатива: Претстои носење на нов Закон за работни односи. Дали ќе се вклучите во претстојната јавна расправа кога и таа да се одржи и кои ќе бидат вашите главни барања како дел од приватниот сектор?

 

Господинов: Правната рамка која ја поставува Законот за работни односи е од исклучително значење за ИТ секторот. Секако ќе се вклучиме во претстојната јавна расправа, и ќе ги консолидираме нашите интереси преку нашата Стопанска комора за ИКТ – МАСИТ. Имаме интерес Законот да предвидува современи поставки за работа од дома, непречено практикантство, како и поголема флексибилност на периодот за отказен рок. Ова ќе ни овозможи уште повеќе да се приближиме до условите за вработени кои ги нуди западниот пазар, како и движење на работната сила.

 

БизнисРегулатива: Достапни се неколку активни мерки на Агенцијата за вработување кои треба да го олеснат посредувањето меѓу бизнисот и активната работна сила. Дали досега сте ги користеле, анализирале, и имате ли предлози што може кај нив да се промени или дополни, на пример конкретно за вашиот вид на бизнис?

 

Господинов: Секако дека сме ги анализирале мерките на Агенцијата за вработување. Освен оваа опција, активно учествуваме и во други слични проекти за квалификација и преквалификација кон ИТ работни профили. Сепак, постои ниво на некомпатибилност на достапната работна сила со побарувањата на ИТ индустријата, која најчесто бара високо квалификуван кадар во низа различни но, конкретни технологии и програмски јазици. Во оваа насока, стратешка определба на целиот ИТ сектор е да иницираме што повеќе соработка помеѓу државните институции, образовните институции и приватниот сектор, а со цел следните генерации млади професионалци да можат да сметаат на нивната иднина во Македонија.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ



Сподели