Аврамовски: Неопходни се посилни инспекции, ревизија на законите за отпад и изградба на институционални капацитети

БизнисРегулатива | 10.04.2019

Водењето на преговори за членство во ЕУ за поглавјето 27 кое се однесува на животната средина ќе биде едно од најголемите предизвици за Северна Македонија. Потребно е да се заврши проектот за функционирање на регионалните депонии, како и да се зголеми степенот на рециклирање на отпад, преку соодветно третирање и селектирање. За предизвиците со животната средина и заканите од загадувањето, како и за улогата на приватниот сектор и експертите разговараме со Љупчо Аврамовски кој беше дел и од владата во ресорот за животна средина, го управуваше и Фондот за животна средина, а по преминот во приватниот сектор е основач и управител на консултантската куќа Enviroresources во 2006 година, како и дел од тимот на Еуро Екопак кој во 2011 стана вториот колективен постапувач за управување со пакување и отпад од пакување.

 

Со каков предизвик се соочивте кога ја основавте Enviroresources како консултантска компанија од областа на животната средина и како е денес да се води ваков вид на бизнис, има ли доволно проекти кои се развиваат со помош на домашните експерти, меѓународно искуство и поддршка, како и пристап до финансии, можности и услови?

 

Во почетокот водењето на бизнисот беше порелаксирано, пред се, заради следното. Соработката со американските партнери ги отвори вратите до финансиските институции и значеше стекнување на неизмерно големо искуство за водење на бизнис. Владините институциите беа кадровски екипирани и посветени на поддршка во реализација на проектите. На пазарот на трудот беа достапни квалитетни кадри, и имаше финансиска дисциплина на пазарот. Полесно се обезбедуваше локална контрибуција, како еден од условите за користење на средствата од меѓународните финансиски институции. Законските прописи беа во насока на реална поддршка на развојот на бизнисите. Социјалната политика беше во функција на пазарот на трудот. Не постоеше нелојална конкуренција со таков интензитет како што е присутна денес на пазарот. Цените на услугите беа реално вреднувани. Постоеше деловна етика и развиен еснафски однос помеѓу компаниите. Тендерската законска регулатива во праксата обезбедуваше развој на реалниот пазар и економски амбиент. Генералната комуникација со владините и јавните институции беше полесна. Не постоеше подвоеност по партиска основа во водењето на бизнисот во мера како што е денес на пазарот и сл.

 

Во денешни услови проблемите се сè поизразени поради следните причини. Имаме пазар кој во одреден дел е под политичко влијание, постои нелојална конкуренција, економска миграција и недостаток на квалитетни кадри на пазарот на трудот. Поддршката и отвореноста на владините институции, како и нивниот кадровски капацитет не соодветствува на потребите на водењето на бизнис и подготовка на бизнис стратегија. Законската регулатива е подлежена на чести и брзи измени без поголема и детална консултација со бизнис заедницата. Не постои пракса на подготвување и објавување на пречистени текстови на закони, со што се јавува неможност на следење од страна на бизнис заедницата на брзите измени, кои често не се во функција на развој на економскиот амбиент, туку преовладува политичката логика. Има ниски цени и несоодветното вреднување на консултантските услуги. Постои финансиска недисциплина по однос на одвивањето на платниот промет, компаниите се доведени во состојба на редовно плаќање на даноци по основ на доставени, а нереализирани фактури, има големи должнички односи помеѓу компаниите и обиди да се решат со некомпатибилни компензации. Пазарот на трудот не е во функција на отворање и развивање на бизнис, има недостаток на квалитетни кадри и незаинтересираност за работа во домашни компании. Присутна е и појава да вработени во институциите располагаат со фирми на туѓо име и реализираат бизнис, кој е во дел на нивниот ресор и надлежност и преставуваат нелојална конкуренција. Во делот на законската регулатива недостасува имплементација во праксата.

 

Реална даночна политика треба да биде во функција на создавање на реален економски амбиент, а не политика на субвенции без гарантирана цена и гарантиран откуп, како пример во земјоделството. Даночната политика треба да биде во функција на развивање на бизнисот и стимулирање на отворање на нови бизниси, а не во функција на купување на социјален мир.

 

Потребно е градење на комерцијални односи на пазарот на финансиите преку учество на нашите банки со финансиски средства на пазарот и на таа основа реализирање на заедничка политика на пласирање на средствата во проекти за подобрување на бизнис климата со партнерски однос со меѓународните финансиски институции, како финансиски партнери, а полека да се напушта политиката на грантови, што е надвор од логиката на пазарната економија.

 

Подготовка на квалитетни проекти треба да се прави согласно европските стандарди и барањата на финансиските институции, како основ за аплицирање и искористување на финансиските средства од меѓународниот финансиски пазар. Потребен е поголем степен на развивање на Јавното Приватно Партнерство (ЈПП) со учество на домашни и странски компании. При планирање на инвестициите во инфраструктурата да се подготвуваат целосни проекти со финансиски анализи за да се избегне појавата на реализирање на капитални објекти во областа на комуналната инфраструктура, кои потоа заради недостаток на финансиски средства за нивна операционализација и одржување се надвор од функција и се изложени на пропаѓање.

 

Законската регулатива да биде поткрепена со висока казнена политика за доследно реализирање на законските решенија во праксата. Да се обезбеди од страна на владините институции локална контрибуција во реализација на инфраструктурните проекти, како услов за привлекување на инвестиции (KFW bank и други меѓународни финансиски институции за нивно инвестирање, услов е обезбедување на локална контрибуција).

 

 

Што недостасува во сегашната пракса на носење на нова регулатива која го засега бизнис секторот и колку трката за усогласување со европските директиви придонесува за предвидливост во состојбите, како и потребна временска рамка за исполнување на законските измени?

 

Со оглед дека ваквите процеси се одвиваат бавно заради нашата неекипираност и подготвеност, што беше пракса и во другите земји, потребно е да се дефинира динамичен план за реализација и имплементација на европските директиви со реални рокови согласно нашиот капацитет. Во поинаков случај не само што не ќе можеме да ги запазиме роковите, туку и ќе имаме документи по таа основа кои не ќе можат да се имплементираат во праксата.

 

Вие исто така сте дел од Еуро Екопак, вториот колективен постапувач со отпад од пакување. На кој начин придонесувате во исполнување на зацртаните национални цели, како оваа гранка се развива кај нас во изминатите години и што може да се подобри?

 

Воспоставување на системот на градење на одржлив интегриран систем на управување со пакување и отпад од пакување не се одвива со соодветна динамика заради неспремноста на институциите, кои треба да бидат партнери во реализирањето на системот, а тоа се општините, јавните комунални претпријатија и капацитетот на лиценцираните правни субјекти за управување со отпад. Законот за управување со пакување и отпад од пакување е донесен во 2010 година и во него се утврдени цени за одделни фракции на цврст отпад од пакување (пластика, хартија, стакло и сл. ), кои се берзански стоки, што значи подложни на измени, а истите до денес во законот не се изменети. Донесувањето на законот не беше проследено со детална анализа на состојбите и во таа насока со него се утврдени проценти за реализирање на Национални цели за рециклажа по фракции, без да се направи анализа колку отпад од пакување се генерира на годишно ниво во државава, што законот го прави неприменлив и нефункционален. Се калкулира со паушални количини на генериран отпад од пакување без да се направи студија, а тоа е главниот репер за исполнување на законски утврдените Национални цели.

 

Утврдување на вкупните количини на отпад по фракции (пакување, батерии и акумулатори, електричен и електронски отпад) кои годишно се пуштаат на пазарот во Р. С. Македонија. Истото треба да се направи со транспарентна и усогласена методологија, со што ќе се утврдат реалните количини отпад по фракции, како континуиран процес и истите да бидат објавени во Службен весник. Ова е неопходно од причина што сите колективни постапувачи имаат исти цели поврзани со пазар удел, за што се потребни референтни и релевантни количини за вкупниот отпад по фракции кој е пуштен на пазарот.

 

Укинување на постоењето „мал производител“ со цел да се спречи можноста за евазија на оваа давачка од страна на производителите кои се декларираат како мали производители без претходно да направат анализа и мерење на количините отпад кои ги генерираат со своите производи. На тој начин, и овие производители ќе бидат обврзани да станат дел од системот и да се грижат за отпадот што се генерира од нивните активности што ќе придонесе кон подобро спроведување на законите и нивно вклучување во системот на управување со вкупниот отпад по фракции, што ќе придонесе во создавањето на услови за зачувување на животната средина.

 

Верификување на точноста на податоците односно количините отпад кои производителите ги пријавуваат во колективните постапувачи. Се јавува потреба да се зајакне капацитетот на Управата  за животна средина со тим од обучени лица кои ќе имаат капацитет  да вршат контрола на точноста на пријавените количини отпад од производителите во системите на колективните постапувачи. Ваквиот тим би бил посебно фокусиран на имплементирање на трите закони за управување со селектиран отпад по фракции (1) пакување, (2) електричен и електронски и (3) батерии и акумулатори.

 

Креирање централна евиденција (софтвер) за собраните и рециклирани количини од страна на колективните постапувачи, а со цел да се спречи можноста за манипулација од страна на компаниите-собирачи и рециклатори. Со ова би се превенирала можноста исти количини отпад да се пријавуваат во два или повеќе колективни системи за управување со соодветна фракција на отпад. Пријавените количини, освен од колективните системи треба да се верификуваат и од крајните поседувачи на отпадот (рециклатори со дозвола за третман и преработка на отпад).

 

Дефинирање минимална висина на надоместок по тон отпад, под кој колективните постапувачи не смеат да наплатуваат од производителите. Тој минимален надоместок може да биде изразен како процент од надоместоците кои би ги наплаќала државата дефинирани во законите (чл. 40 и/или 41 во одделните закони). Висината на надоместоците би се ревидирала на годишно ниво. Со ова значајно би се подобрила конкурентноста на пазарот и би се зголемил квалитетот на услугата која колективните постапувачи ја нудат, со што ќе се подобри и економскиот амбиент на пазарот.

 

Изработка на упатства за еднозначно пополнување на формуларите/табелите во Годишните извештаи и поедноставување на истите. Преку подготовка на упатствата со кои целосно и детално ќе се регулираат сите релевантни елементи, кои треба да бидат дел од овие документи (формулари/табели) ќе се олесни  реализацијата на законските решенија.

 

Ревизија на Националните цели најмалку на три години и нивно објавување во Службен весник. Изработка на подзаконски акти со кои целосно и детално ќе се регулираат овие закони (согласно законите каде истите недостасуваат). И покрај тоа што, како и другите земји, како на пример  Хрватска која не може да ги запази роковите за остварување на целите дадени во проценти за рециклажа по фракции, така е и кај нас, а рокот е до 2020 година, потребно е да се направи динамичен план со реално прифатливи рокови, што ќе бидат прифатени од ЕУ. Ваква пракса постои во други случаи кај поедини држави. Во оваа насока треба да се истакне дека во фаза е измена и дополнување на законската регулатива, со која се подобруваат законските решенија, но основниот проблем е што се уште не е утврдено со студија колку отпад од пакување се генерира на ниво на држава на годишно ниво, што е основа за имплементација на законските решенија.

 

Само 30% од компаниите присутни на пазарот се вклучени во системот на колективните постапувачи за управување со пакување и отпад од пакување, и затоа треба напори за да се создадат можности за поцелосно вклучување на институциите и инспекциите за да се зголеми овој број и да се применат соодветни казни за тие кои не ги почитуваат правилата.

 

 

На Северна Македонија и престојат преговори за членство со ЕУ, а едно од најглавните и можеби најтешките поглавја ќе бидат токму по прашањата за животната средина, регионалните депонии, справувањето со отпадот. Што може да придонесе бизнис секторот и експертите по ова прашање, има ли соработка со државните институции?

 

Преговорите за поглавјето 27 за животната средина се едни од најтешките, така било за сите членки. Нас ќе ни бидат потребни странски експерти бидејќи кадровскиот капацитет на Министерството за животна средина не е доволен и компатибилен. Ние имаме регулатива за животна средина, но во пракса ни недостасува имплементација. Европските директиви најчесто се замаат целосно и само се преведуваат без да се прилагодат на локалните услови. Бизнис секторот, експертите и консултантите може да дадат свој придонес со своите знаења и искуства во процесот на преговорите за поглавјето 27, но сметам дека добро би било да најдеме соодветни странски експерти кои ќе бидат од голема помош.

 

Како според вас да се направи подигнување на свеста кај населението но, и кај компаниите за подобро третирање на отпадот, од селектирање до рециклирање?

 

Свеста може да се подигне само со економски бенефити. Треба се направи систем на кауција како на пример во Хрватска што кај нас се уште не се имплементира. Кога водев американски проект за пластична рециклажа еден килограм шишиња чинеше 5 денари, а по една година цената се издигна на 17 денари. Ако има економски бенефит ќе нема проблем и свеста секако ќе се подигне, што пак не е возможно кога имате висок степен на невработеност и низок стандард кај населението. А, дека нема голема свест ќе ви дадам конкретен пример. Ние минатата година имавме проект за привлекување на вниманието на јавноста при што дечиња изработуваа скулптури од отпад од Детскиот ликовен центар. Настанот речиси никој не го проследи од телевизиите и новинарите. Без оглед колку кампањи да правиме свеста можеби ќе проработи само кај дел од популацијата која има добри приходи. Приватните компании имаат проблем со собирање и селектирање на отпад поради неформалните собирачи на хартија и шишиња. Ние исто така имавме проект за вклучување на нелегалните собирачи кои се пред се од ромска националност во формалниот систем, но имавме проблем да ги интегрираме. Дел од компаниите кои се лиценцирани за откуп на отпад не се организирани преку пазар туку ги следат цените на светските берзи. Кога опаѓа цената на металите прават откуп на хартија или пластични шишиња, а останатиот отпад не се третира. Потоа јавните комунални претпријатија не смее да се занимаваат со селектирање на отпад, бидејќи тие се формирани за јавна чистота и комунални услуги, а бизнисот со отпад треба да се остави да се развива. Затоа овој процес од селектирање до рециклирање на отпад оди многу бавно.

 

Кои политики или мерки треба да се променат, подобрат или реформираат за создавање на одржлив систем за постапување со отпадот, без оглед дали станува збор за отпад од пакување, за мешан или комунален отпад, постапување со отпадни води или отпад од текстил и електрична опрема?

 

Треба да се направи најпрво ревизија на сите закони од сферата. Да се види во кои сегменти не функционира законот и не е одржлив за наши услови и потоа да се започне со иницијатива за нови законски решенија прилагодени на локалните услови кои нема буквално збор до збор да бидат препишани од некој европски закон. Ние имаме само една легална депонија која е изградена по сите европски стандарди, а останатите се ѓубришта. Треба да се зголемат и зачестат инспекциите и надзорот кој сега недостасува и да започне да се изрекуваат соодветни казни. Голем проблем е и тоа што не се одржуваат веќе изградените капацитети за третирање на отпад и на отпадни води. Водоснабдителниот систем е видлив за корисниците од кој имаат директен бенефит, но ако е пречистителна станица или систем за рециклирање на пример не се гледаат видливо придобивките иако со тоа се подобрува здравјето на луѓето, квалитетот на живот и се штити животната средина. Потребна е и подобра организација на јавните претпријатија во македонските општини, каде на пример едно претпријатие врши секаков вид на дејности, и е комунално претпријатие и водоводно и се бави со гробишта, паркови, зеленило и итн. Треба да се формираат три различни јавни претпријатија кои одвоено ќе се грижат за отпадот, за водоводот и комуналните или јавни услуги. Не може едно претпријатие да работи се.

 

Каква е состојбата со државните и општинските инспектори кои се надлежни за животната средина, што е потребно да се подобри во нивната работа?

 

Инспекторите треба да се ротираат од еден во друг град, од една локална единица во друга, бидејќи засега се многу неефикасни и трпат ургенции, притисоци и интервенции. Доколку еден инспектор покрене постапка на друго место каде не го познаваат ќе нема кој да врши ургенции.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ



Сподели