Интервју со Билјана Прличкова, оперативен директор на МАСИТ: Целта на МАСИТ е македонската ИКТ индустрија да биде конкурентна и препознатлива!

Интервју со Билјана Прличкова, оперативен директор на МАСИТ: Целта на МАСИТ е македонската ИКТ индустрија да биде конкурентна и препознатлива!
БизнисРегулатива | 19.09.2018

На 27 септември МАСИТ организира конференција на тема: „Дигитална трансформација во Македонија, предизвик или реалност?“. Целта е да се најдат конструктивни решенија за здрава и ефикасна дигитализација на сите бизнис и општествени процеси во државава, со оптимално следење на глобалните текови. Internet of things, Cloud services, Cyber Security … во правец на подобро позиционирање на македонскта ИКТ индустрија на светскиот пазар и зголемување на можноста за уште поголем извоз на ИКТ услугите. Конференцијата е повод Иновативност да направи интервју со Билјана Прличкова, оперативен директор на МАСИТ.

 

Зошто токму оваа тема – дигитална трансформација ја одбравте за вашата конференција?

Дигиталната трансформација е термин кој е глобално актуелен веќе неколку години. Дигиталната трансформација претставува интеграција на дигиталните технологии во сите аспекти од бизнисот со цел да се направат фундаментални промени на начинот на работење и начинот на креирање на вредност за крајните корисници. Таа вклучува поттикнување на иновации и нови бизнис модели кои во себе го инкорпориираат користењето на технологии со цел подобрување на работењето на организацијата од сите аспекти. Дигиталната трансформација е неопходна за бизнисите кои сакаат да останат конкурентни и релевантни во светот кој станува се повеќе дигитален. Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, работејќи во насока на интересите на македонските ИКТ компании, постојано ги следи актуелните и светските трендови па оттука сметавме дека оваа тема треба посебно да ја адресираме преку нашата годишна конференција со цел да ги собереме на едно место компаниите, креаторите на политики и сите релевантни засегнати страни да дискутираат на оваа тема и  да ги доближиме проектите и успешните приказни на македонските ИКТ компании до пошироката јавност.

 

Кој се ќе зборува на овие и секако на други теми конференција на МАСИТ со тема: Дигитална трансформација во Македонија, предизвик или реалност?

Конференцијата ќе биде отворена од страна на претседателот на МАСИТ Горан Попоски, кој ќе ја истакне улогата на МАСИТ и значењето на ИКТ компаниите во Македонија во процесите за дигитална трансформација, по што министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ќе ги претстави плановите и активностите на МИОА на оваа тема. Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија Вилем Ваутер Пломп ќе се обрати пред присутните со активностите и поддршката на Амбасадата за бизнис секторот а клучниот говорник Франк Зервос, претставник од Oracle, ќе зборува на темата “Digital Disruption and Innovation – Next is Now”. По официјалното отворање на конференцијата ќе следи презентација на анализа на ИКТ пазарот во Македонија (истражување спроведено од PWC Македонија со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија) со цел да им овозможи на заинтересираните компании сеопфатни, ажурни и релевантни податоци за ИКТ секторот на Македонија.

Во рамки на трите сесии Internet of Things, Cloud computing cyber security, компаниите ќе ги претстават своите активности, проекти и успешни приказни на овие теми.

 

Паралелно со конференцијата ќе се одржи и форум со тема: ,,Како да се подобри бизнис опкружувањето во Македонија? на кој што ќе зборувате за влијанието на даноците и кадрите за развој на ИКТ индустријата. Може ли да ни кажете повеќе за улогата на овие два фактори врз развојот на индустријата?

Овој форум се организира во рамки на Проектот на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, со за цел да ги идентификува главните предизвици со кои се соочуваат ИКТ компаниите од аспект на двете теми кои се идентификувани како многу значајни за развојот на ИКТ компаниите (даноците и работната сила), да отвори дискусија по истите и да се донесат заклучоци со цел понатаму во наредниот период, преку проектот истите да бидат адресирани до надлежните институции. Во рамки на Панел дискусијата за даночна регулатива ќе се зборува за најчестите проблеми, дилеми и предлози на компаниите во однос на Данокот на додадена вредност, Данокот од добивка и Персоналниот данок, при што како панелисти ќе се појават експерти од Македонија и Романија, претставници од надлежните државни институции и претставници од ИКТ компаниите. Дополнително, во рамки на Панел дискусијата за работна сила ќе се зборува на тема како да се зголеми обемот на достапна ИКТ работна сила преку активности за планирање и регрутација на работна сила, доквалификација и преквалификација на кадар, како и практикантство, а како панелисти на овие теми ќе зборуваат претставници од МАСИТ, надлежните државни институции и академската заедница. Исто така, во рамки на последната сесија ќе бидат претставени алатки за поддршка на компаниите и подобрување на бизнис опкружувањето во Македонија, при што ќе даде краток осврт на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ и ќе бидат претстави активностите на проектот. Тука посебно би го споменала и претставувањето на агрегатниот портал за информирање за законската регулатива – www.biznisregulativa.mk каде бизнис заедницата може да се информира за најновите настани и бизнис активности во државата, како и за промените во законската регулатива поврзана со секојдневното работење. Во рамки на оваа сесија ќе бидат претставени и иновативните алатки „Прашај експерт“ и „Листи за оценување на усогласеност“, каде компаниите за првпат ја имаат можноста самостојно, брзо и бесплатно да ја проверат усогласеноста на нивното работење со тековната регулатива, како и директно да поставуваат прашања до експерти од различни области. Настанот ќе биде заокружен со  претставување на Позициските документи кои беа развиени во рамки на проектот со цел подобрување на законската рамка во Р.Македонија, со посебен фокус на предлозите за подобрување на бизнис регулативата од областа на ИКТ, како и прирачникот за започнување и водење на бизнис развиен во рамки на проектот.

 

Која е крајната цел на МАСИТ со овие настани?

МАСИТ по петнаесетти пат традиционално ја организира својата годишна конференција, како успешен собир на сите ИКТ чинители од земјата и регионот, и во рамки на истата предвидено е да бидат присутни околу 200 учесници вклучувајќи ги: претставници од домашните ИКТ компании и компании од сите индустрии кои користат ИКТ решенија, претставници од државни институции и Министерства, претставници на донаторската заедница, професори и претставници на универзитетите кои образуваат ИКТ кадар, медиуми и други. Преку организација на овие настани МАСИТ има за цел да ги адресира најзначајните прашања и теми кои се од интерес на ИКТ компаниите, да им даде можност на компаниите директно да се вклучат во давањето на предлози за подобрување на бизнис регулативата а воедно и да ги претстават своите успешните проекти пред пошироката јавност. Со своите активности МАСИТ се обидува да овозможи раст на македонскиот ИКТ бизнис, негова препознатливост и имиџ како во земјата така и во странство, како и унапредување на македонската економија и просперитет со посилна, поорганизирана и прогресивна ИКТ индустрија.

 

На кои проекти работи МАСИТ во моментов?

Еден од најзначајните проекти на МАСИТ е секако веќе споменатиот Проект на УСАИД – Партнерство за подобра бизнис регулатива, во кој МАСИТ е партнер заедно со Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северо Западна Македонија, Сојузот на Стопански комори и ЕПИ Центар Интернационал, и кој има за цел да им помогне на микро малите и средни компании подобро да се усогласат со законската регулатива а воедно и да го зајакне дијалогот со надлежните институции со цел подобрување на законската регулатива.

Исто така, би го споменала и Проектот за преквалификација на ИКТ кадри преку кој е предвидено да се опфатат лица кои немаат соодветно ИКТ образование да се преквалификуваат преку интензивни обуки за најбараните ИКТ профили кои им се потребни на ИКТ компаниите со цел нивно потенцијално вработување. Еден циклус од овој проект беше веќе одржан за профилите Front-end web developer и NET developer, а веќе се работи во претстојниот период да се отпочне и со нов циклус на ваков вид на обуки за преквалификација.

Воедно, МАСИТ е дел од конзорциумот на проектот GIVE – Green Ict development заедно со 8 асоцијации од регионот, координиран од бугарскиот ИКТ кластер како водечкi партнер на проектот. Генералната цел на проектот е да се изгради стратешко партнерство во областа на паметните еко технологии меѓу трите значајни индустрии: автомобилската индустрија, обновливата енергија и ИКТ.



Сподели