Реџепи: Ако на младите им се реши станбеното прашање и брзо се вработат ќе се намали иселувањето

БизнисРегулатива | 05.04.2019

Во процедура е носење на нов Закон за работни односи кој треба да ја промени и подобри регулативата за пазарот на труд како во делот на понудата, така и на страна на побарувачката. Сепак, експертите како и претставниците на приватниот сектор оценуваат дека се потребни пообемни промени, особено во образованието за креирање на разновидни кадри кои ќе имаат модерни вештини и способности, подготвени да влезат на пазарот на труд. Со професорот Гадаф Реџепи од Универзитетот на Југоисточна Европа анализираме какви реформи се потребни во високото образование, за соработката со приватниот сектор кој има своја улога во креирање на нови работни места, како и за одговорностите на државните институции, со цел да се намали невработеноста и да се спречи масовното иселување на млади и квалитетни кадри во кои е вложено многу за да се стекнат со дипломи и компетенции.

 

БизнисРегулатива: Неодамна се одржа Форумот за работна сила организиран од Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива со учество на приватниот сектор, академската фела, власта и странски експерти. Меѓу заклучоците беа дека се потребни промени во образовниот систем, особено во средното стручно и во високото образование со цел да се создаде технички кадар кој ќе одговара на потребите на македонскиот пазар на труд. Што според вас како професор на Универзитетот на Југоисточна Европа може да се преземе?

 

Реџепи: Големите проблеми најчесто имаат мултидимензионални извори, но образованието е често еден од најглавните. Во последниве две години се почесто слушаме изјави за недостиг на работна сила што имајќи ја предвид големата стапка на невработеност е несфатливо зошто компаниите од оваа фаза се соочуваат со недостиг на работна сила. Во контакт со бизнисмените увидовме дека овој проблем извира од се поголемиот број на луѓе кои заминуваат од Македонија (работници кои веќе се вработени) но, иако се уште имаат голем број на апликанти за нови позиции голем број од нив немаат соодветни способности. Ова покажува дека образовниот систем во Македонија или тоа што таа го продуцира не содејствува со потребите на реалниот сектор. Ова беше потврдено и на форумот кој беше одржан.

 

Тоа само го потврдува повикот од многу експерти дека на Македонија и е потребен целосно нов пристап кон образованието на сите нивоа високо, средно и основно образование. Постојано се зборува за дуалното образование кое секако дека ќе даде свој придонес но, имајќи ги предвид околностите во кои функционираме тоа ќе биде тешко да се реализира квалитетно. Ние како Универзитет веќе имаме искуство и најчесто на студентите им било дадено да извршуваат работи кои не придонесуваат кон професионалниот развој или пак им биле дадени потврдите без воопшто да присуствуваат. Решението мислам дека би требало да се бара во германскиот и швајцарскиот систем на образование каде од основно образование ќе биде определено кој ученик за каков профил треба да биде подготвен и тој реално понатаму преку дуалното образование да биде трансформиран во професионалец од таа област. Масовноста на високото образование беше почеток на уништување на и така не толку добриот систем на образование кој беше насочен претежно кон теоретска настава. Пример студент кој завршил економски факултет правец маркетинг никогаш не учествувал ни во некакво истражување на пазар или подготвување на некоја реклама за фирма.

 

Затоа, сметам дека создавањето на специјализирани универзитети (универзитетски кампуси) во смисла еден или максимум два универзитети да бидат насочени кон природните науки, општествените науки и на техничките науки. Вака ќе се концентрира и кадарот но, и финансиските средства со што ќе се придонесе кон подобрување на квалитетот на наставата но и истражувањата.

 

 

БизнисРегулатива: Како ја гледате состојбата со пазарот на труд, меѓу понудата и побарувачката, како и со политиките на вработување и регрутирање на кадри, законската регулатива која допрва ќе се менува?

 

Реџепи: Ако се анализира невработеноста во Македонија веднаш ќе забележите дека во постои структурна невработеност т.е постои огромна разлика во стапката на невработеност во различни професии. Ова е пред се како резултат на тоа дека никој не направил стратегија базирана на истражување на потребите на пазарот и тоа што се нуди како студии. Имајќи предвид тоа што слушнавме и од присутните на форумот може да заклучиме дека постои јаз помеѓу тоа што се нуди на пазарот на работна сила и реалните барања на работодавачите.

 

Затоа е потребно да се направи темелна анализа на тоа што во моментот бара пазарот на работна сила и да се стимулираат истите за преквалификација кои ќе бидат соодветни на потребите на пазарот. Исто така да се интервенира многу брзо со промените во системот на образование.

 

БизнисРегулатива: Какви реформи и мерки се потребни за да се намали иселувањето на младите високо образовани и стручни кадри кои бараат подобри шанси во западноевропските земји. Една од причините за миграцијата е амбиентот во државата и несигурноста, а од друга страна и самата понуда на работни места, што може тука да се подобри?

 

Реџепи: Освен гореспоменатите интервенции, првин мислам дека треба да се стимулираат младите за иновативни проекти и истите да бидат помогнати, понатаму поттикнување на соработка на Универзитетите и приватниот сектор преку што ќе се овозможи на студентите да добиваат понуди за работа додека се четврта година. Понатаму приватниот сектор како и државата исто така треба да обезбедат што е можно повисоки плати но, и соодветни работни услови кои подразбираат одлична работна инфраструктура, како и да се размислува за давање на бенефиции (реални) на младите да можат да го решат станбеното прашање. Исто така мислам дека голема улога има и постоечката инфраструктура која е многу лоша во населените места.

 

БизнисРегулатива: Постои ли едноличност во понудата на приватните и државните универзитети во поглед на обезбедување на модерни вештини, компетенции и знаења кои ќе одговараат на денешните трендови во науката, технологијата, техниката и современите пазарни движења.

 

Реџепи: Како што споменав сметам дека универзитетите нудат речиси идентични програми и сите се конкурираат речиси со исти предмети во рамките на тие програми. Дури и новите универзитети кои се создаваат ги нудат истите програми како постоечките, а се финансирани од државата. Владата како финансиер на високото образование сама може да одлучи кои програми ќе ги финансира засновајќи се на потребите кои нејзината економија ги има.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ



Сподели