Мила Царовска: најновите законски измени се во насока на креирање стручна, флексибилна и динамична работна сила!

 Мила Царовска: најновите законски измени се во насока на креирање стручна, флексибилна и динамична работна сила!
БизнисРегулатива | 20.03.2019

 Бизнис заедницата постојано укажува на проблеми во примена на Законот за работни односи во насока на подобрување на деловната клима. Во тек е подготовка на нов закон. Со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска разговаравме за новиот закон за работни односи кој се уште е во работна верзија, за Законот за пратиканство и можностите кои ги нуди и за компаниите и за младите луѓе, како и за формите на поддршка на младинското вработување во земјава

 

-       Министерке Царовска, за почеток може ли да ни кажете кои се клучните новини во новиот закон за работни односи, за кој многу се заинтересирани компаниите? 

 

Новиот предлог закон за работни односи е во фаза на подготовка и истиот ќе се сподели со сите стопански комори. Тие ќе треба сите забелешки да го достават до работната група и нема да има никаков проблем да ги интегрираме оние што се прифатливи.

Забелешките можат да се достават веднаш или после првиот драфт, кој ќе биде јавно достапен и ќе има период на јавна дебата.

 

-       Законот за практикантство е во завршна фаза. Кои се клучните новини и придобивки од овој закон?

 

Законот за практикантство е во Собранието. Како што знаете беше подготвен во соработка со четирите стопански комори вклучени во проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“  и сметам дека е многу добар закон, затоа што конечно ќе даде основа младите да се стекнат со потребното искуство и практично знаење и ќе се зголеми нивната вработливост.

Законот помина на Влада и сега е во Собрание, поминати се одредени комисии, усогласени се и опозиција и позиција по однос на овој закон и очекувам многу бргу Собранието да го усвои.

Во нашата држава за прв пат се носи ваков закон и клучната придобивка ќе биде стекнување на практично искуство и знаење. Секое младо лице по завршување на средно или основно образование ќе може да ги добие овие вештини и да стане повработливо. Законот предвидува воведување на менторска програма, што значи дека точно ќе се знае за која работна задача се оспособува едно лице и во во следната фирма во која што ќе аплицира за работа ќе може тоа да го покаже како доказ. Ќе има верификација за истото и потпис од ментор. Со тоа фирмите ќе можат да си обучуваат кадар за сопствени потреби,а од другата страна и помагаат на целата економија да имаме поостручен кадар. 

 

-       Дали ова се надоврзува на практикантството кое го имаме кај високото образование?

 

Не, тоа е различно. Практикантството кое го предвидува овој Закон и праксата во образование се два различни процеси. Тие не се косат еден со друг, туку се надополнуваат. Праксата која е задолжителна, особено за некои струки во средно и во високо образование е една работа, додека ова е пракса по завршување и комплетирање на образованието со која ќе се добијат дополнителни компетенции и практични  вештини.

 

Во моментов практикантсвото е активна мерка за вработување, но фирмите можат да ангажираат практикант само преку Оперативниот план за вработување. Во спротивно, ако инспекцијата затекне практикант кој нема регулиран работен однос во една фирма (а немате право да го наречете практикант), тогаш тоа се смета за непријавено лице. Во таква ситуација државниот инспекторат за труд ќе изрече казна. Со новиот Закон ја менуваме оваа ситуација и воведуваме можност за практиканство кое би траело најмногу шест месеци.

 

 

-       Што ако оваа законска можност се злоупотребува и компаниите постојано ангажираат нови и нови практикансти наместо да ги вработуваат?

 

Практикантството е потреба и на бизнис секторот и на државата. Ако во сите огласи за вработување се бара работник со искуство, а ние немаме систем каде младите да се стекнат со тоа искуство, тогаш сите сме во маѓепсан круг. И да не се вработи лицето-практикант и една фирма постојано да ангажира практиканти,  таа и прави услуга на државата затоа што оспособува и остручува кадри. Работа на  инспекторатот е да контролира како се спроведува менторскиот систем внатре во фирмите.

Дајте да ја затвориме дупката на злоупотреби без да го оспоруваме правото на практикантство кое во сите држави дава одлични ефекти. Впрочем, мерката за практикантство од Оперативните програми за вработување е најискористена што значи дека на пазарот на труд има ваква потреба.

Очекувам овој закон да даде бенефит за младите луѓе затоа што конечно ќе имаат како и каде на регуларен начин да стекнат одредена пракса и дополнително знаење што ќе ги води до вработување. 

 

-       Македонија е земја во која има голем број фриленсери, чиј што статус е нерегулиран. Ќе се креира ли некоја политика која е насочена кон оваа структура лица кои работат?

 

Во Македонија немаме флексибилност на работни места. Законот за работни односи  е многу ригиден и тоа прави проблеми особено кај фриленсерите кои работат и придонесуваат, но не се прифатени во системот. И ние ги водиме како невработени, а тие не се невработени лица. Сметам дека со поддршка на меѓународните организации, локалните експерти и стопанските комори новиот закон за работни односи што сега се креира ќе даде флексибилност на работните места и заштита на работниците. Законот за работни односи е еден од клучните системски закони, кој ако не е договорен со сите социјални партнери не може да биде добар закон. Така што со овој закон ќе видеме колку ние во Северна Македонија можеме да добиеме флексибилност и сигурност на работните места. Дури и оние кои што се на неформален пазар, кои работат како надворешни соработници за странски работодавачи треба да бидат заштитени. Тие во моментот не се заштитени, освен што имаат добри финансиски средства. Во случај на невработеност тие не добиваат никаква бенефиција. Треба да се направи баланс и тие влезат во системот на флексибилен начин. 


-       Дали тоа ќе се опфати со новиот закон?

Ако успееме да се договориме со социјалните партнери.

 

-       Кажете ни кои други мерки во моментов придонесуваат за намалување на младинската невработеност?

 

Младинската гаранција е една од мерките која дава резултати. Ние го користиме словенечкиот модел, затоа што по обем, менталитет и систем сме многу слични со нив. Младинската гаранција ја воведовме во 2018 година во три општини: Струмица, Гостивар и Скопје. Даде одлични резултати со вработување на млади луѓе. Во 2020 година очекувам да имаме законско решение. Едно младо лице штом ќе излезе од образовниот процес треба да биде профилирано, да знае што сака да работи и што државата може да направи за него. Сметам дека ако одиме чекор по чекор како досега со младинската гаранција, таа ќе ни помогне многу за профилирање и подбутнување на младите кон вработување. Со ова ќе ја вратиме довербата на младите луѓе во институциите.

 

-       Дали планирате нови решенија за поголемо поттикнување на социјалното претпримништво?

 

Тоа е нешто што помага многу во земјите каде што се воведува како политика. Иако тоа е нова политика, датира од 2009 година и има одлични резултати. Во Македонија јас имам задршка по однос на посебно законско решение за социјално претприемништво во моментот, зошто не е создаден еко простор. Но, се работи на стратегија, а законот е дел од стратегијата за социјално претприемништво. Да почекаме да ги видиме праксите на други земји. Бугарија на пример, сега чека да го имплементира овој закон во пракса.

Јас добро го познавам прашањето не само како министер, туку и како социјален работник, и се плашам дека од една страна може да постои злоупотреба ако го донесеме чисто како законско решение и се појават сестри фирми социјални претпријатија на големи фирми што може навистина да направи штета на социјалното претприемништво. Од друга страна, ако создадеме добар еко простор и во управувачката структура инволвираме ранливи луѓе, тоа ќе ги зајакне овие групи и ќе даде можност да се вработуваат. Дилемите се суштински, затоа одиме чекор по чекор и сакам социјалната економија во Северна Македонија да го види светлото на денот.

Првата верзија на стратегијата сакам да биде готова во јуни и потоа сите заедно да дискутираме како ова да создаде подобро општество.

Автор - Верица Јорданова 



Сподели