Да се надминат законските и институционалните бариери за да се реши проблемот со отпадот

БизнисРегулатива | 14.03.2019

Проектот на УСАИД - Партнерство за подобра бизнис регулатива отвори дебата посветена на рециклирањето на отпадот, со посебен акцент на текстилниот отпад и законските и институционални бариери кои треба да се надминат за поодржливо користење на ресурсите и заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Оваа инфо-сесија се организира во соработка помеѓу стопанските комори и Холандската Амбасада кои се едни од клучните актери во надминување на бариерите поврзани со менаџирање на отпадот во Северна Македонија, преку креирање решенија и изнаоѓање ефективни и еколошки практики за негова повторна ре-употреба.

 

„Првиот настан посветен на справување со текстилниот отпад – ТексРек се одржа во 2017 година, и драго ми е што во меѓувреме постигнавме напредок во третирањето на текстилните остатоци како ресурс наместо како отпад. Истовремено сум среќен што холандскиот „полдер“ модел кој подразбира вклучување на сите чинители и дискутирање за одредено прашање се додека не се најде взаемно прифатливо решение во овој случај се покажа како успешен. Останува уште многу работа, а ние сме подготвени да го ставиме на располагање холандското искуство и знаење во оваа област“ истакна амбасадорот на Холандија Ваутер Пломп.

 

Еден од најголемите предизвици на бизнис секторот претставува токму справувањето со отпадот, а иницијативите за подобри пракси и измени во регулативата може да создадат нови потенцијали за развој.

 

„Целта е да се зголеми уделот на рециклирање на отпадот, а со тоа да се заштеди во потрошувачка на нови суровини, енергија, вода, да се намали притисокот врз животната средина, да се отворат нови работни места и да се подобрат позициите на компаниите и зголеми конкурентноста на пазарот. За нејзино остварување потребни се институционални и законски измени, јакнење на капацитетите, иновативни решенија и соработка со научната фела“ истакна Славјанка Пејчиновска - Андонова, експерт за животна средина.

 

Според анализите, годишната количина на отпад која се генерира од текстилното производство изнесува околу 9.000 тони, додека вкупните годишни трошоци кои ги имаат компаниите за раздолжување и депонирање на отпадот се движат  и до 1,5 милиони евра. Дополнително обемните царински процедури, времето на чекање за уништување на отпадот и нередовното раздолжување на банкарските гаранции во голема мера влијаат на намалување на конкурентноста на компаниите.

 

Досега беа одржани два форуми за рециклирање на текстилниот отпад, при што истовремено е формирана и работна група за отпад во која се вклучени експерти од Министерството за животна средина и просторно планирање, Холандска амбасада, Царинска управа, претставници од бизнис секторот кои активно работат на решавање на проблематиките со управување и справување со отпадот. Преку остварената соработка со Холандската амбасада и Холандската комора, Царинската управа на Северна Македонија како и секторскиот партнер Текстилното Трговско Здружение - Текстилен кластер, Проектот досега значително влијаеше врз подигнување на свесноста за важноста на оваа тема и надминувањето на бариерите во пракса кои се однесуваат на раздолжувањето во текстилното ЛОН производство.

 

Во наредниот период бизнис секторот ќе продолжи да се залага за поедноставни царински процедури во делот на раздолжувањето на отпадот, создавање на нови рециклирачки центри, олеснување на процедурата за добивање на лиценци за рециклирање и назначување на фирми собирачи на отпад со цел заштита на животната средина и утврдување на подобри пракси за справување со отпадот. Крајната цел е да им се овозможи на компаниите надминување на законските и институционалните бариери и поефикасно искористување на средствата во насока на развој и стабилност на бизнис опкружувањето.



Сподели