Иницијатива за изменување и дополнување на Законите за данокот на добивка и на личен доход

БизнисРегулатива | 13.03.2019

Проектот поддржан  од УСАИД, Партнерство за подобра бизнис регулатива, преку работната група составена од претставници на имплементаторот ЕПИ Центар Интернационал, како и на четирите партнери Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојузот на Стопански Комори на Македонија изработи позиционен документ како заеднички став со што се покренува иницијатива за измени и дополнување на Законите за данокот на добивка и на личен доход.

 

Проектот како дел од јавно-приватниот дијалог потпиша Меморандум за соработка со Владата на Република Македонија на 09 мај 2018 година, по што редовно се спроведуваат активностите во насока на подобрување на бизнис регулативата и создавање на поволен деловен амбиент за работење на стопанските субјекти.

 

Затоа при направените анализи на последните измени и дополнувања на Законот за данокот на добивка  и на новиот Закон за данокот на личен доход, се донесе заклучок да се покрене Иницијатива за изменување и дополнување на член 4-а од Закон за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија” број 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18) и за дополнување на член 12 од Законот за данокот на личен доход  („Службен весник на Република Македонија“, бр. 241/18 година), со цел рамноправен даночен третман на непрофитните организации.

 

Позициониот документ е испратен до министерот за финансии Драган Тевдовски. Во продолжение ви ги претставуваме доставените предлози за законски измени со соодветно образложување.

 

I.              Предлог за изменување и дополнување на Закон за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија” број 112/14, 129/15, 23/16190/16 и 248/18)

            

Со последните измени и дополнувања на Законот за данокот на добивка објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 248/18 од 31 декември 2018, во Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија” број 112/14, 129/15, 23/16 и 190/16)се додава нов член 4-а, кој гласи:

„(1) Здруженијата на граѓани, фондациите, сојузите, како и секој организационен облик на странска организација, како и друга форма на здружување (во натамошниот текст: организации), регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации, не се обврзници за данок на добивка.

(2) Како неоданочиви приходи за организациите од ставот (1) на овој член се сметаат: приходи од членарини, доброволни прилози, донации, грантови, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, приходи од дивиденди од трговските друштва основани со средства на здружението, и приходи од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на град Скопје врз основа на претходно изготвени програми (проекти) одобрени од Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на град Скопје.

(3) Организациите од ставот (1) на овој член кои остваруваат приходи од вршење стопанска дејност во рамките на нивното непрофитно делување, заради избегнување нелојална конкуренција со субјектите на кои добивката остварена од вршење стопанска дејност им се оданочува, стануваат обврзници за пресметување и плаќање данок на вкупен приход, доколку вкупниот годишен приход од стопанската дејност е поголем од 1.000.000 денари.

 

Согласно Закон за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/10,135/11 и 55/16) правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон.

 

Овие организации имаат правен субјективитет  и  не можат да се основаат за стекнување со добивка, односно ако во работењето на организациите се оствари добивка таа мора да биде употребена за остварување на целите утврдени со статутот. Организациите средствата за финансирање ги стекнуваат од членарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии и закупнини, како и приходи од инвестиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со статутот.

 

Согласно Закон за стопанските комори („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2011), комората е независна и самостојна организација со својство на правно лице која се основа за унапредување на стручните и деловни обичаи и норми, како и за застапување и заштита на интересите на стопанските субјекти на територијата на Република Македонија.  Комората е непрофитна организација, а доколку оствари добивка по кој било основ, таа мора да биде употребена исклучиво за поддржување и остварување на целите и задачите заради кои е основана. Според Закон, Комората се финансира од: членарина, наплата од извршени услуги, донации и други извори.

 

Имајќи ги предвид одредбите од претходните закони, може да се заклучи дека начинот на финансирање е идентичен како за здруженијата и фондациите, така и за стопанските комори. Исто така, како и здруженијата и фондациите, така и стопанските комори се непрофитни организации.

 

Сепак, при донесување на посоченото решение во членот 4-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија” број 248/18 од 31 декември 2018) истото не било земено предвид. Така, покрај тоа што стопанските комори имаат идентичен статус на непрофитни организации не се наведени во членот 4-а како субјекти кои не се обврзници за данок на добивка, со што се ставени во нерамноправна положба во однос на другите организации  регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации.

 

Во прилог на претходното укажуваме дека во фазата на подготовка, а пред донесувањето на посочениот Закон, на 23.11.2018 година на страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија (ЕНЕР) објавен е Нацрт-закон на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, во кој се предложени сосема поинакви одредби кои се однесуваат на тоа кои непрофитни организации не се обврзници за данок на добивка.

 

Надлежното регулаторно тело - Министерството за финансии во Извештајот за проценка на влијанието на регулативата констатирало дека: „Во пракса, често, а особено непосредно пред рокот за доставување на годишната сметка, дел од непрофитните организации доставуваа барање на мислење дали истите се обврзници за плаќање на данокот на добивка и дали имаат обврска да достават даночен биланс до Управата за јавни приходи.“ Затоа во посочениот Нацрт - закон на Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, надлежното министерство предложи прецизно решение кое ги надминува нејаснотиите во делот на оданочување на добивката на непрофитните организации, вклучително и на стопанските комори како такви. Со оглед дека со тоа решение се надминуваа нејаснотиите и истото беше прифатливо за стопанските комори, не се доставија коментари по истото.

 

Но, во понатамошната фаза на усвојување на законот предложеното решение во Нацрт-законот кое беше достапно за коментари, е заменето со посоченото во членот 4-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија” број 248/18 од 31 декември 2018), со што и понатаму останува спорен третманот на оданочување на добивката на стопанските комори, како и на останатите неопрофитни организации.

 

Оттаму, со цел обезбедување на рамноправен даночен третман на непрофитните организации цениме дека треба да се пристапи кон измени и дополнувања на Закон за данокот на добивка („Службен весник на Република Македонија” број 112/14, 129/15, 23/16, 190/16 и 248/18) и тоа со следниот предлог:

 

Членот 4-а да се менува и да гласи:

„Член 4-а

(1) Здруженија на граѓани и фондации како и нивните сојузи и други облици на здружување или поврзување, стопанската интересна заедница, политичките партии, верските заедници, религиозните групи, Црвениот крст на Република Македонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите, коморите и други правни лица основани со посебни прописи од кои произлегува дека се непрофитни организации, за остварените: приходи од членарини, доброволни прилози, донации, подароци (во пари, добра, имотни права), завештанија, легати и слично, приходи од дивиденди на трговските друштва основани со средства на здружението  и приходи од Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и Буџетот на Град Скопје врз основа на претходно изготвени програми (проекти) одобрени од  Владата на Република Македонија, односно надлежните министерства, советите на единиците на локалната самоуправа и Советот на Град Скопје, не се обврзници за  данок на добивка.

(2) Непрофитните организации од став (1) на овој член коишто остваруваат приходи од вршење стопанска дејност во рамките на нивното непрофитно делување, заради избегнување на нелојална конкуренција со субјектите на кои добивката остварена од вршење стопанска дејност им се оданочува, стануваат обврзници за пресметување и плаќање на данокот на добивка,  доколку вкупниот годишен приход од стопанската дејност е поголем од 2.500 евра во денарска противвредност.

(3Управата за јавни приходи води посебен регистар за лицата од став (2) на овој член.

            

По членот 4-а да се додадат членови 4-б, 4-в и 4-г, кои ќе гласат:

 

„Член 4-б

(1) Основа за пресметување на данокот на добивка за лицата од член 4-а став (2) од овој закон е остварениот вкупен приход остварен во годината од вршење стопанска дејност.

(2) Основата за пресметување на данокот на добивка за непрофитните организации од член 4-а став (2) од овој закон се утврдува во даночен биланс на непрофитни организации – образец „ДБ-НП/ВП“.

(3) Формата и содржината на образецот од став (2) на овој член ја пропишува министерот за финансии.

Член 4-в

Даночните обврзници од член 4-а став (2) од овој закон имаат право на даночно ослободување во висина до 2.500 евра во денарска противвредност утврдена по среден курс на Народна банка на Република Македонија на 31 декември.

Член 4-г

Данокот на вкупен приход за непрофитните организации  од член 4-а став (2) од овој закон се пресметува во висина од 1% од износот на остварениот вкупен приход од вршење стопанска дејност намален за износот на даночното ослободување од член 4-в од овој закон.“

Поради горенаведените причини, потребно е да се пристапи и кон дополнување на член 12 од Законот за данокот на личен доход  („Службен весник на Република Македонија“, бр. 241/18 година).

 

II.            Предлог за дополнување на Законот за данокот на личен доход  („Службен весник на Република Македонија“, бр. 241/18 година).

 

Во член 12 од Законот за данокот на личен доход  („Службен весник на Република Македонија“, бр. 241/18 година) дефинирани се надоместоците на кои не се плаќа данок на доход. Во истиот член, во ставот 1, во точката 41, како надоместоци на кои не се плаќа данок на доход дефинирани се надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на организацијата основана согласно со Законот за здруженија и фондации, утврдени врз основа на документи за направените трошоци. Исто така, во точката 42 како надоместоци на кои не се плаќа данок на доходдефинирани се надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за членови на синдикатот за активности во рамки на синдикатот, како и примања на членови на синдикатот од средствата на синдикатот согласно Статут, програма и одлуки на органите на синдикатот, врз основа на документи за направените трошоци, освен исплатени надоместоци на членови на синдикатот по основ на повремено или привремено вршење услуги.

 

Во рамки на овој Закон, како надоместоци на кои не се плаќа данок на доход издвоено не се дефинирани надоместоците на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на стопанските комори во Република Македонијакои се основани согласно Закон за стопанските комори  („Службен весник на Република Македонија“ бр.17/2011) и на другите непрофитни организации, а во суштина основните начела на непрофитност и начин на финансирање, независноста, јавноста и транспарентноста  во работењето, како и непартиско дејствување се заеднички за здруженијатафондациитеи синдикатите од една и стопанските комори и другите непрофитни организации од друга страна.

 

Затоа, а со цел обезбедување на рамноправен даночен третман потребно е да се дополни членот 12, став 1 од Законот за данокот на личен доход  („Службен весник на Република Македонија“, бр. 241/18 година), со нова точка 45, која ќе гласи:

 

„45) надоместоци на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани, организирани во рамки на активностите на стопанските комори основани согласно со Законот за стопански комори, утврдени врз основа на документи за направените трошоци.“

 

Добиениот одговор од надлежниот орган ќе биде објавен на веб сајтот biznisregulativa.mk.