Александар Бузалков: Имаме европски закони за управување со отпад, но фалат средства за нивна реализација!

БизнисРегулатива | 12.03.2019

За третманот на отпад во земјава, за техничката и кадровска опременост на комуналнте претријатија и тешкотиите при спроведување на законите во оваа област разговаравме со Александар Бузалков од јавното комунално претпријатие Дервен од Велес, пред одржување на инфо-сесијата „Рециклирање на отпад – искуства, бариери, можности и предизвици за македонските компании“, која ќе се одржи во четврток (14 март) во Стопанската Комора на Македонија во 11 часот. 

 

БизнисРегулатива: Како генерално ја оценувате состојбата со третманот на отпад во земјава? Ваше генерално видување на состојбите.

 
Бузалков: Управувањето со отпад во нашата држава согласно ЕУ стандардите е на самиот почеток. Тоа значи дека сите закони, стратегии, планови и програми се донесени, но нивната практична примена изостанува. Државата се определи за регионален пристап во управувањето со отпад, на ниво на плански региони. Во таа насока регионите се движат со различна динамика па затоа е различно и нивото до кое се стигнати. Сите региони имаат донесено стратешки документи (Студии и Планови за управување со отпад), дефинирани локации за регионални депонии, cost-benefit анализи. Изработени се и основни проекти и тендерски документации за затварање и рехабилитација на општинските нестандардни депонии и за изградба на избраните инсталации за третман и отстранување на отпад, како и технички спецификации за набавка на опрема за собирање и транспорт на отпад.
 
Се работи за инвестиции од повеќе десетици милиони евра, а овие средства најверојатно ќе се бараат преку ЕУ фондовите или преку јавно-приватно партнерство.
 
Од друга страна, финансиската состојба во која се наоѓаат комуналните претпријатија не дозволува позначајни инвестиции во модернизирање на процесот на управување со отпад. Застарениот возен парк, недостаток на садови за собирање на отпад, воведувањето на руралните средини во системот со управување со отпад, управување со нестандардни и несанитарни депонии кои често се палат, примарна селекција која е на самиот зачеток, неформалните собирачи на отпад од пакување се најгорливите проблеми.
На крај, подигањето на свесноста за заштита на животната средина, за селектирање и рециклирање на отпад е област во која мора да се вложат повеќе напори и средства.
 
Според мое мислење, во секој регион, општина и комунално преtпријатие, невладини организации и Министерството за животна средина и просторно планирање постои критична маса на едуцирани лица кои можат да го понесат товарот на воспоставување на интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад според ЕУ стандардите.
Мора да започне час поскоро, бидејки во спротивно проблемите само ќе се зголемуваат, а со тоа и потребните финансиски средства за нивно надминување, а се ќе падне на товар на животната средина и квалитетот на животот.
 
БизнисРегулатива: Во последниве години е евидентно дека има поголем број на јавни кампањи за подигање на свесноста за заштита на животната средина, за селектирање и рециклирање на отпад, но од друга страна сликата ширум Македонија е поразителна. Дивите депонии и расфрланото ѓубре околу контејнерите е наша секојдневна слика. Која карика во синџирот на третман на отпад, според Вас, не функционира?
 
Бузалков: Јавните кампањи за подигање на свеста за заштита на животната средина, за селектирање и рециклирање на отпад го даваат својот резултат особено кај младата популација (децата од предшколска и школска возраст) и тоа мора да продолжи. Некои од нив се многу инвентивни и прилагодени на соодветната возраст и резултатот е задоволителен.
Повеќе загрижува однесувањето на повозрасната популација во делот на напуштање на некои стари навики кои не одат во прилог на надминување на проблемите.
 
Повеќе карики во системот не функционираат или само делумно функционираат и тоа:
1. Интегрирање на неформалните собирачи на отпад во системот на управување со отпад
2. Прилагодување на кампањите според целни групи и цели кои што треба да се остварат
3. Поставување на садови за отпад во секое домаќинство, на јавните површини и кај правните лица
4. Воведување на комунална редарска служба
5. Воспоставување на систем на наградување за граѓаните заради стимулирање за вршење на селекција на отпадот 
6. Воспоставување на принципот -  загадувачот плаќа
 
Поголем дел од правните лица кои се овластени постапувачи со отпад работат по принцип “дојди и ќе бидеш услужен” и не учествуваат во подигнување на јавната свест и не се партнери на општините во управувањето со отпад.
 
Важноста на соодветното управување со отпадот на национално ниво не е на скалило кое го заслужува. Имплементацијата далеку заостанува. Средствата кои се користат во делот на управување со отпад  не се ни оддалеку доволни да покренат поорганизиран пристап.   
 
БизнисРегулатива: Што според Вас и искуството од работа во комунално преторијатие е неопходно да се промени за да се подобри целокупниот систем за третман на отпадот во земјава? Дали се потребни законски измени и кои? 
 
Бузалков: Воспоставувањето на регионалниот интегриран и самоодржлив систем за управување со отпад, значи интегрирање на комуналните претпријатија во истиот и прифаќање на стандардите и принципите на работење на системот. Во вака предложениот начин на функционирање, комуналните претпријатија ќе продолжат да го вршат собирањето и транспортот (до депонија или трансфер станица) на комуналниот отпад. Од друга страна, системот ќе доведе до намалување на:
• Дисперзијата на отпадот при негово собирање и транспорт 
• Неконтролираното депонирање на отпадот на несоодветни локации и површини
• Несоодветниот третман на органскиот отпад кој предизвикува голема непријатна миризба
• Горење на отпадот
• Емисии од употреба на застарена механизација за транспорт која во голем дел се користи од општините 
 
За да можат комуналните претпријатија соодветно да одговорат неопходно е зајакнување на нивните технички и професионални капацитети. Неопходна е целосна модернизација на техничките капацитети, преку набавка на нови комунални возила, набавка и поставување на соодветен број на садови за собирање на отпад и селекција на самото место на настанување на отпадот (примарна селекција). Така ќе се овозможи поголема и поквалитетна достапност на услугите за собирање на отпад на целото население, намалување на негативните последици од неправилно или никакво постапување со отпадот, одделно собирање на рециклирилните материјали и на градинарскиот отпад. 
 
БизнисРегулатива: Кажете ни што е специфично за комуналното претпријатие во кое работите? Како Вие го третирате отпадот и со кои проблеми се соочувате во секојдневното работење?
 
Бузалков: Јавното комунално преторијатие ДЕРВЕН од Велес во текот на 2018 година менаџираше со отпад со површина од 33.489.920 м2. Од домаќинствата е изнесен отпад со површина од 24.953.738 м2, од претпријатијата со површина од 8.536.182 м2,  од индустрија се изнесени 12.524 м3 комунален отпад. 
 
За извршување на овие активности Одделението за износ на смет е опремено со седум специјални возила (авто смеќари) со вкупен капацитетод 56 м3, едно комбинирано специјално возило од 27м3, три специјални возила (авто подигачи) за транспорт на контејнери од 5-7м3 и три трактори со приколка со носивост до 3 тони кои служат за изнесување на отпадот од повисоките зони на градот каде улиците се тесни и сообраќајот се одвива отежнато. Во 2018 година набавевме едно специјално возило за изнесување на смет со капацитет од 22 м3 и два нови трактори со приколка за истата намена.
 
Превземањето на отпадот од примарната селекција се врши двапати месечно во сабота,  во текот на денот.Собраниот отпад се селектира, балира, складира и предава на овластен откупувач на отпад од пакување со кој ЈКП Дервен има склучено Договор за соработка. Во 2018 год.  предадени  се  73,572 т отпад од пакување ( хартија, пет амбалажа и најлон).
Во текот на 2018 год. постапено е по доставени барања од правни субјекти на територија на Општина Велес за предавање на отпадна електрична и електронска опрема. Количините на собран  отпад од електрична и електронска опрема се складираа во складот. Предадени се 4,35 т , од овој вид на отпад во 2018 год. 
 
БизнисРегулатива: Рециклирањето исто така е важен момент. Колкав дел од отпадот во земјава се рециклира? Кој отпад? Како тој процент да се зголеми? 
 
Бузалков: Законот за рециклирање (постапување со) на отпад од пакување стапи на сила во 2011 година. Законот ги обврзува сите производители и увозници кои се пласираат на македонскиот пазар, да организираат систем за собирање на отпадот од пакување што се создава од нивните производи, селектирање по видови и негово рециклирање. Тоа, пак, ќе овозможи дополнителен развој и стимулирање на фирмите за рециклирање во Македонија, од кои некои во изминатите години станаа водечки и во поширокиот регион (ПАКОМАК, ГРИНТЕХ Мк). Според експертите, овој закон, кој е во согласност со европските, ќе овозможи поголема заштита на животната средина од најразновиден, тешко разградлив отпад, а воедно и поголем економски бенифит и заштеда на електрична енергија.
 
Рециклирање отпад е скап процес кој во Македонија не функционира целосно. Земјата нема големи количини отпад за рециклирање, затоа тој главно се извезува. Од три до пет илјади неформални собирачи на отпад собираат 80 проценти од целокупниот отпад кој во Македонија се рециклира.
 
Дел од отпадот од Македонија се извезува директно без поголем третман, а дел поминува подолг процес на третирање и како таков се продава. На пример стакло, хартија и пластика се извезуваат во Хрватска, Бугарија, Романија и други земји и ова претставува голема економска дејност за повеќе фирми во Македонија кои остваруваат добри приходи.
 
Во моментов, рециклирачката индустрија во Македонија најмногу зависи од неформалните собирачи на отпад. Потребно е нивно интегрирање во системот на управување со отпад. На овој начин директно се влијае на вработувањето на овие категории, претежно социјално загрозено население.
 
ЈКП Дeрвен доби дозвола за дејност складирање и третман на отпад во април 2017 година и веднаш по добивањето, со заеднички напори со ЕЛС Велес направивме неколку обиди, со неколку можни сценарија,со повеќе групи за вклучување на неформалните собирачи во системот на управување со отпад. Се покажа дека најголем проблем е укинувањето на социјалната помош доколку се интегрираат во системот, неможноста за вклучување на малолетни лица во системот, како и ниските лични примања кои претпријатието може да им ги обезбеди (што наведува на заклучок дека годишната заработка од продажба на отпад е поголема од годишните лични примања).
 
Кај нас не е создадена стабилна и развиена бизнис клима која отпадот ќе го препознае како ресурс. Нема модерни технологии на селекција. Ниту општините, ниту јавните претпријатија немаат доволно кадар кој ќе се занимаваат исклучиво со оваа проблематика.