Маневски: GDPR регулативата ќе донесе низа импликации за компаниите, но и нови можности

БизнисРегулатива | 12.03.2019

Македонските компании со новиот закон за заштита на личните податоци ќе имаат само една година за да извршат усогласување со регулативата, рок кој според повеќе претставници на приватниот сектор е премногу мал. Новиот Закон произлезе од европската GDPR регулатива која на сила во сите земји членки на ЕУ стапи во мај 2018, а беше подготвувана повеќе од две години. Бидејќи и Северна Македонија се обврзува да биде усогласена со европското законодавство, импликации ќе има и врз македонските компании, додека пак тие кои веќе настапуваат на европските пазари, или пак имаат мајка фирма од земја членка на ЕУ или партнер во Европа, веќе се соочуваат со построгата регулатива која заштитата на личните податоци ја издигнува на ниво на човеково право. За предизвиците со GDPR одредбите разговараме со Андреј Маневски, директор за продажба и маркетинг од компанијата СЕТТЕ.

 

БизнисРегулатива: Што очекувате како компанија од новиот Закон за заштита на личните податоци, дали сте доволно запознаени со предизвиците за усогласеност со GDPR регулативата?

 

Маневски: СЕТТЕ, како компанија и досега водеше исклучителна грижа за заштита на личните податоци кои ги користиме. Сепак, новиот предлог закон дава далеку поопсежна рамка во однос на тоа што се е личен податок и за начинот на заштита на тие лични податоци. Од една страна, законот може да се гледа како можност, како за компанијата така и за целото општество, целосно да се регулира оваа тематика и целосно да се заштитат личните податоци. Но сепак, од друга страна, мора да споменеме дека на прв поглед законот ќе донесе низа на импликации и потреба од дополнителни вложувања, и за големите компании, а уште повеќе за помалите. Рокот за имплементација на законот е многу мал, една година, а многу малку од компаниите се информирани и обучени за да го спроведат процесот на имплементација.

 

БизнисРегулатива: Задоволни ли сте од досегашниот дијалог со институциите, дали доволно се слуша гласот на приватниот сектор за начинот на кој треба да се изработи Законот?

 

Маневски: За разлика од другите закони, за кои беше спроведена поопсежна анализа и комуникација со бизнис секторот, наше мислење е дека за овој закон не постои доволно подготовка, ниту кај компаниите, а ниту кај регулаторното тело, односно сега Дирекција, а идна Агенција за заштита на лични податоци. За нас како компанија, оваа средба организирана од страна на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ беше прво соочување со новиот закон. Законот е навистина обемен и ќе треба да се вложат многу ресурси, како од страна на државата, така и од граѓанскиот сектор, за приватниот сектор подобро се подготви за имплементација.

 

БизнисРегулатива: Колку GDPR регулативата ќе влијае врз работењето на вашата компанија, дали досега сте презеле чекори за заштита на личните податоци и дали имате меѓународно искуство во делот на заштита на личните податоци?

 

Маневски: СЕТТЕ како компанија и до сега посветува големо внимание на делот на заштита на личните податоци. Сепак GDPR регулативата ќе придонесе за развој на процесот на заштита на личните податоци на доста повисоко ниво. Иако за овој процес ќе мора да се одвојат доста ресурси, како финансиски така и човечки, сепак ние го гледаме овој процес како влог во начинот на функционирање на компанијата и како дополнителна предност при склучувањето на договори за соработка, посебно со странски партнери.

 

БизнисРегулатива: Дали регулативата за заштита на личните податоци треба да содржи и подзаконски акти кои подетално ќе ги објаснат правилата и процедурите, односно за посебните потреби на различните компании и сектори?

 

Маневски: Според нас, законот ваков како што е предложен е доста општ и има доста работи за кои ќе биде потребно дополнително прецизирање. Исто така прилично е тешко да се имплементира соодветно во секоја индустрија. Јасна е потребата за дополнителни подзаконски акти и правилници со кои имплементацијата на законот би станала полесна. Исто така, гледаме потреба и во креирање на правилници кои би ја унифицирале имплементацијата по индустрија, што исто така би било од огромна помош за компаниите.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ