Миро Крстевски: ИТ компаниите очекуваат доследно применување на Законот за јавни набавки

Миро Крстевски: ИТ компаниите очекуваат доследно применување на Законот за јавни набавки
БизнисРегулатива | 01.03.2019

Бизнис заедницата даде огромен придонес во креирање на новото законско решени за јавните набавки, со надеж дека сите недостатоци кои ја нарушуваа конкуренцијата и оставија простор за корупција и нетранспарентност ќе бидат надминати. Според Миро Крстевски од DDS Computers член на комората МАСИТ, ИТ компаниите се залагаат за доследно спроведување на новиот Закон за јавни набавки, но и да се воспостави правилно користење на критериумот економски најисплатлива понуда која ќе биде базирана на реални потреби за набавка на договорниот орган, бидејќи во прашање е трошење на буџетските пари собрани од даночните обврзници. Крстевски исто така смета дека Законот може да се подобри со повеќе подзаконски акти.

 

БизнисРегулатива: Какви беа досегашните искуства на ИТ компаниите со законските решенија за јавните набавки и дали сметате дека со новиот Закон за јавни набавки сите забелешки, недостатоци и пропусти од минатото ќе се надминат?

 

Крстевски: ИТ компаниите не беа задоволни од досегашното законски решение за јавни набавки од повеќе причини. Старото законско решение промовираше нерационално трошење на средствата на даночните обврзници, критериумот „најниска цена“ креираше нелојална конкуренција, генерираше сива економија, договорните органи немаа можност да изберат економски најисплатлива понуда. Во делот на интелектуални права и сопственост немаше регулација со која ќе се заштитат ИТ компаниите и договорните органи.

 

Исто така во старото законско решение имаше еден фамозен збор „ЕКВИВАЛЕНТНО“ кој никој не го дефинираше до крај и покрај нашата упорност законодавецот да даде целосно толкување. Под тој збор се провлекуваше неквалитет, фалсификувани производи, се кршеа патентни права и интелектуална сопственост  што  во ИТ сегментот предизвика комплетен хаос. Од тие причини големите ИТ компании кои имаа отворено свои представништва во Република Македонија ги затворија истите со образложение дека Македонија е несериозен пазар. Новото законско решение во овој поглед  ги надминува овие недостатоци, но да почекаме да видиме како ќе се реализира во пракса.

 

БизнисРегулатива: Законот за јавни набавки на сила ќе стапи на 1 април годинава. Дали имаше доволно време за јавноста, компаниите и сите заинтересирани страни доволно да се запознаат со предвидените измени и дали за истите ќе бидат потребна дополнителна едукација или обуки?

 

Крстевски: МАСИТ како комора на ИТ идустријата константно била и е во комуникација со ресорните институции во поглед на Законот за Јавни набавки, континуирано одржуваше работни средби на кои укажувавме на проблемите и нудевме предлог решенија за подобрување и надминување на слобостите на стариот Закон за јавни набавки со минимален успех. Бидејќи имавме континуирана активност ИТ компаниите членки на МАСИТ се запознаени со измените во новиот Закон за јавни набавки. Едукација и обуки никогаш не се доволни, она што МАСИТ инсистира до почетокот на примената на Законот за јавни набавки ресорните институции да донесат подзаконски акти, правилници за прецизна примена на законот, од причина што секоја стопанска гранка има свои специфики. Ние предлагаме да се изработат посебни правилници за набавки од  следните област:

 

ИТ, здравство, градежништво, прехрана, услуги итн... Ние како комора стоиме на располагање да помогнеме  во изработка на истите.

 

БизнисРегулатива: Гледате ли можност за дополнително прецизирање на новиот Закон за јавни набавки преку правилници и други видови на подзаконски акти за обезбедување на поголема јасност на критериумите и постапките?

 

Крстевски: Секако, тоа се нашите настојувања, подзаконските акти ќе допринесат за лојална конкурентност, ќе го стеснат просторот за манипулации, економската оправданост на набавките  ќе биде за многу скалила повисока. Критериумите ќе бидат јасни и треба да се обезбеди транспарентност на постапките, сепак се работи за средства собрани од даночните обврзници и истите треба рационално се трошат и да се во функција на подобрување на серисите кон нив. На мнение сме дека економичноста, ефикасноста и ефективноста на користењето јавни средства ќе биде на највисоко ниво.

 

Тука треба да се напомене дека критериумот „најниска цена“ не треба да се злоупотребува и да се користи секаде, ако договорните органи продолжат да го користат овој критериум тогаш новиот Закон за јавни набавки нема да има смисла. Методологијата на распределба на бодовите за економски најсплатлива понуда треба да бидат реални и да одговараат на предметот на набавката и потребите на договорните органи.

 

БизнисРегулатива: Што според вас е потребно за успешно спроведување на тендерите, какви механизми на контрола треба да се постават и да се обезбеди гарантирање на начелата на еднаквост и конкурентност во јавните набавки, можни ли се подобри ИТ решенија?

 

Крстевски: Од ИТ аспект системот ЕСЈН кој го менаџира Бирото за Јавни набавки е одлично, прегледно и функционално решение, самиот систем неможе да обезбеди гарантирање на начелата на еднаквост и конкурентност во јавните набавки тоа се постигнува преку Законот за јавни набавки и подзаконските акти. Останува отворено како ќе се реализираат новите видови на јавни набавки, електронскиот пазар на набавки од мала вредност, е-каталог  и динамичниот систем на јавни набавки. Мора да се внимава на стабилноста на системот и негово континуирано одржување и надградување.

 

БизнисРегулатива: Може ли да ни опишете одблизу што очекуваат ИТ компаниите во јавните огласи за интелектуални и советодавни услуги и како истите ќе спроведуваат со новиот Закон?

 

Крстевски: ИТ компаниите очекуваат доследно применување на членот 99 алинеја 5 од Законот за јавни набавки, каде што цената нема да биде единствен криериум туку низ темелна евалуација ќе се дојде до избор на економски најисплатливо решение, овде инсистираме  ИТ компаниите да имаат можност на презентација на своите софтверски услуги и решенија во процесот на евалуација. Договорните органи мора да создадат услови, простор и време за презентација на решенијата.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ



Сподели