Да се создаде подобар амбиент за работа на компаниите со сузбивање на сивата економија

БизнисРегулатива | 13.05.2019

Денес се одржа првиот дел од Форумот посветен на „Механизмите за елиминација на сивата економија, имплементација и очекувани резултати“ во Велес, на кој присуствуваа претставници на бизнис заедницата, домашни и странски експерти, како и предводници на стопанските комори, со цел да се најдат заеднички решенија кои ќе бидат претставени пред надлежните институции.

 

 

Тамара Тодоровска од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал потенцираше дека четирите најактивни комори работат под заеднички центар за подобро да ги застапуваат интересите на бизнис секторот. Исто така сивата економија е еден од најголемите проблеми кој постојано се истакнува во годишните истражувања на бизнис средината преку Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива финансиран од УСАИД. Затоа преку заеднички барања ќе се залагаме за наоѓање на решение со институциите, дополни Тодоровска.

 

„Да се создаде подобар амбиент за работа на компаниите со сузбивање на сивата економија која изнесува над 30% од БДП. Најмногу на удар се малите и средните компании кои се двигател на домашната економија. Заедничко барање е справување со сивата економија кои се поконкурентни затоа што не плаќаат соодветни давачки“, изјави Александар Милошевски потпретседател на Сојуз на стопански комори.

 

 

Александар Андреески од УЈП истакна дека се спроведуваат мерки за спречување на одлив на средства од буџетот. Со стратегија се нанесува удар врз сивата економија во делот на готовинските плаќања, исплата на плата во плик, ќе се води национална кампања за фискализација, и ќе има подобрување на услугите на институциите преку проекти на МИОА.

 

Ардита Секнај експерт од Албанија говореше за искуствата во соседната држава со справувањето со сивата економија, односно неформалниот сектор.

 

„Во 2015 стартуваше програмата за намалување на неформалниот сектор преку посебни даночни купони во трговијата за регистрирање на субјектите како правни лица за да влезат во системот. Потоа програмата продолжи и во останатите економски сектори, а допрва ќе следи и во градежништвото каде има најголема застапеност на сивата економија“ рече Секнај.

 

„Секој вработен треба да го знае износот на бруто плата како концепт наместо само нето износот. Самите вработени нема да дозволат да бидат неформално ангажирани. Во овие планирани системски измени треба да се ослободи товарот врз малите и средните претпријатија, туку инспекторатот да ги таргетира тие кои се нерегистрирани и се нелојална конкуренција“ посочи Сотир Ампов претседател на индустриска комора.

 

 

Форумот е во организација на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива кој е финансиран од страна на УСАИД, а имплементиран од консултантската компанија ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал, во партнерство со четирите стопански комори: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија, и Сојуз на стопански комори на Македонија.

 

Главните резултати кои се постигнати во досегашната имплементација на проектот се однесуваат на промената на механизмите и перцепцијата на каналите за комуникација, преку кои бизнис заедницата и државните институции добиваат своја улога во креирањето на националната бизнис регулатива. Затоа и ова партнерство се заснова на клучната визија најактивните 4 стопански комори во државата да дејствуваат под еден чадор и со заеднички залагања да ги застапуваат интересите на компаниите.

 

На самиот форум во Велес, претставниците на компаниите кои беа присутни ги изразија своите барања за намалување на негативните последици од сивата економија и одржувањето на нелојалната конкуренција преку промена на регулативата и подобро функционирање на инспекциските служби, како и олеснување на товарот кој се наметнува врз формалниот сектор.



Сподели