Интервју Исени: Борбата со сивата економија приоритет во реформите за бизнис секторот

БизнисРегулатива | 11.02.2019

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива веќе трета година го води истражувањето за оценка на бизнис климата во Македонија од кое може да се извлечат заклучоци кои се приоритети за подобрување на условите, но и каков е ставот на компаниите по многу области и прашања кои директно влијаат врз нивното работење. Разговараме со Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, една од четирите стопански комори партнер на проектот за подобра бизнис регулатива кој во 2018 година поднесе повеќе иницијативи за подобрување на законската рамка. Сега на почетокот на 2019 се поставуваат насоките и приоритетите кои бизнис секторот очекува да бидат спроведени од страна на владините партнери во реформската програма и годината која беше ветено дека ќе биде посветена на економијата.

 

БизнисРегулатива: Веќе трета година се спроведува Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, а сега ја имаме и анализата на бизнис климата за 2018 година преку анкетата која исто така се спроведува трета година по ред. Како овие резултати ја рефлектираат состојбата на бизнис секторот во Македонија и како истите може да послужат за нејзино подобрување?

 

Исени: Анализата која се спроведува преку проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива финансиран од УСАИД, ја анализира бизнис климата во Македонија веќе трета година по ред и е единствената од ваков вид, т.е реална и релевантна бидејќи се спроведува од четирите најголеми стопански комори кои ја претставуваат најголемата мрежа на компании присутни на пазарот. Оваа анализа се прави врз основа на анонимна и непристрасна анкета преку која компаниите ја оценуваат бизнис климата и даваат нивни согледувања во однос на областите каде постојат проблеми и каде би требало да се направат напори и интервенции за создавање на подобра бизнис клима во земјата. Затоа, овие резултати ја рефлектираат реалната состојба со која се соочува бизнис секторот во земјата.

 

Што се однесува на делот на подобрување на состојбата во бизнис секторот наодите од анкетата налагаат превземање на неколку краткорочни и долгорочни мерки со цел на создавање на подобра бизнис клима која ќе создава простор со поголеми можности особено за микро, малите и средните претпријатија, кои се најмногу претставени во нашата земја.

 

БизнисРегулатива: Пред нас е година во која се очекуваат повеќе реформи, нови закони и поголема посветеност на државните институции за економијата. Како стопанските комори ќе учествуваат во процесот на јавно-приватен дијалог со Владата и на што ќе биде ставен фокусот?

 

Исени: Компаниите, како и секогаш се многу заинтересирани за градење на партнерски односи со државните институции сè со цел да се поголеми ефикасноста и ефективноста во спроведување на реформите, а кои реформи имаат намера да создадат подобри услови за водење бизнис, како и подобрување на капацитетите на приватниот и јавниот сектор за европскиот пазар и европските вредности.

 

Коморите веќе долго време имаат многу слични барања од областа на инфраструктурата, правната држава, пристапот до финансии, кои сè уште остануваат на маса, а како најважно ја сметаме легислативата и навремененото комуницирање и соработката бизнис-влада. Овие барања редовно биле адресирани до државните институции, вообичаено преку индивидуална комуникација.

 

А сега, за подобро претставување на овие барања ние како комори партнери во проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива имаме воспоставено Платформа за јавно-приватен дијалог и потпишано Меморандум за соработка со Владата на Република Македонија, каде од една страна коморите заеднички настапуваат како претставници на бизнисот и од другата страна Владата како партнер на стопанството. Целта на Платформата е обезбедувањето на поголема вклученост на коморите т.е. приватниот сектор во изготвување на новите потребни решенија во законската регулатива која го засега бизнисот.

 

БизнисРегулатива: Кои области според вас треба да се подобрат за бизнис заедницата да почувствува дека е подобрена бизнис климата во Македонија?

 

Исени: Што се однесува на подобрување на бизнис климата ние како проект имаме доставено неколку предлози за промена во бизнис регулативата кои ги изготвуваме како предлог политики во различни области како што се: даноците, работните односи, градежништвото, земјоделството, туризмот, царинските постапки и друго. Во овој дел очекуваме од државните институции да направат напори за промени што ќе влијаат во создавањето на подобра бизнис клима во земјата. Во однос на конкретните мерки кои треба да се преземат од институциите за подобрување на бизнис климата се: подобрувањето на начинот на информирање на компаниите за промените во законската рамка, креирање на јасна, лесно разбирлива и едноставна легислатива за компаниите и намалување на честите промени во законската рамка каде се предвидуваат обврски за компаниите. Овие се трите мерки кои се нагласени без разлика на големината на компаниите.

 

При анализа на податоците на истражувањето за трите години по ред како основни заклучоци за приоритетите за подобрување на бизнис климата се борбата против  сивата економија и корупцијата, воспоставувањето на ефикасно правосудство и присилното извршување на договори. Реформите во овој дел никогаш не завршуваат и секогаш има простор за подобрување зависно од економската ситуација и можностите, но сепак неколку итни мерки треба да се преземат во овие области.

 

Реформските процеси за подобрување на условите и бизнис климата во секоја прилика треба да се направат преку усогласување и слух кон бизнис заедницата која секогаш има намери на создавање на подобри услови за водење бизнис и економски раст и развој во државата. Партнерството на Владата и државните институции со бизнисот може само да придонесе кон создавање на подобра бизнис клима која ќе доведе во подобри услови за водење биснис, подобрени животни можности и благосостојба во државата.

 

Автор: Христијан Станоевиќ