Интервју Илиески: Мора системски да се решат проблемите за бизнисот да вработува млади луѓе

БизнисРегулатива | 06.02.2019

Македонија се соочува со една од највисоките стапки на невработеност меѓу младите луѓе во регионот и на европско ниво. Решавањето на овој проблем мора да биде системски, смета Зоран Илиоски од Младинскиот совет Прилеп. Според него, подобрувањето на бизнис регулативата треба да опфати повеќе можности за младите преку нивно доквалификување во соодветни тренинг центри, потоа соодветни политики на Агенцијата за вработување на Република Македонија, создавање услови за професијата кариерен советник како и отворање на тренинг центри во компаниите и образовните институции. МСП во оваа насока ја креираше новата дигитална платформа WorkPetence која преку тест ќе ги направи првичните проценки за компетенциите на младите за тие полесно да се насочат кон поле на кариерна професија или пак да решат да се поврзат со кариерни советници или институции и организации кои работат на ова поле. WorkPetence содржи и прирачник за кариерно насочување и советување на млади работници.

 

 

БизнисРегулатива: Што претставува новата алатка WorkPetence и како ќе се користи на македонскиот пазар на труд?

 

Илиески: Алатката е од иновативен карактер, се однесува како на Македонија така и на земјите од Југоисточна Европа, земајќи во предвид дека во нејзината изработка учествуваа партнерските организации од Хрватска и Грција. Таа претставува мост кој што ќе го надополни празниот простор во пренесувањето на информациите и методите до младите, од една страна за насочување и советување и од друга за утврдување на нивните вештини, знаења и компетенции. Самата алатка WorkPetence овозможува нивно насочување за професионална кариера, од аспект на нивно вработување или за согледување на стручните квалификации со капацитетот кој го имаат во нив.

 

БизнисРегулатива: Дали оваа алатка е наменета само за младите лица кои го бараат своето прво вработување или бараат начин како да се преквалификуваат или пак истата ќе биде од корист за надлежните државни институции кои ги водат политиките за вработување, како и за приватниот сектор?

 

Илиески: Кога се креираше WorkPetence постоеја два основа. Прво, да им биде од корист на младите луѓе и второ, да биде достапна за институциите и организациите кои што се бават со кариерно насочување и советување. Таа е одлична за институциите бидејќи ако тие секојдневно работат на советување ќе имаат поголема можност за комуницирање со нивната целна група, а колку повеќе истата се користи толку повеќе ќе може да се подобри и да се откријат можни недостатоци. WorkPetence се базира на методологијата на Биланс на компетенции која советниците за кариерно насочување ја прават во живо или off-line со корисниците кои доаѓаат во центрите за советување. Со оваа методологија овозможивме on-line алатка со оглед на тоа што младите се повеќе поминуваат време на интернет и социјални мрежи, да можат било кога да направат проценка која што ќе им служи како чекор напред кога ќе треба да користат услуги од институциите.

 

 

БизнисРегулатива: Како организација која се бави со проблемите на младите, дали имате идеи и предлози како да се подобри бизнис регулативата со законски измени кои би им помогнале на компаниите да ја зголемат вработеноста на младите која инаку е најниска споредена со земјите од регионот и Европа?

 

Илиески: Многу е интересен трендот кога ќе направиме компаративен преглед на земјите од регионот бидејќи да, невработеноста кај нас е најголема, но според побарувачката на работна сила од страна на бизнис секторот имаме најголем процент. Последните две години нашите наоди покажуваат дека не постои бизнис во Македонија кој што нема потреба од нови вработувања. Имаме млади кои се невработени и кои се евидентирани како лица кои бараат работа и тие не пристапуваат во следен чекор бидејќи самите се чувствуваат изгубено и неподржано од институциите на системот. Неопходна е интервенција која треба да ја направат АВРМ, другите институции и организации кои работат на ова поле.

 

Треба системски да се реши прашањето на статусот на кариерните советници. Ние како држава се уште немаме универзитетско образование за професијата кариерен советник која треба да се интегрира во образовниот систем. Овој процес секако ќе одземе најмалку 5 до 10 години, но секогаш ќе имаме генериран кадар кој ќе одговара на потребите на бизнисите. Сега, и бизнис секторот може да направи многу силно влијание на владата за поврзување на политиките помеѓу нив и институциите кои се бават со вработување.

 

Во таа насока бизнис регулативата и олеснувањата треба да бидат насочените кон бизнисите за да ги отворат ширум вратите, за обезбедување можности за практиканство, доквалификација или преквалификација и отворање на тренинг центри. Со тоа регулативата ќе се прилагоди како за бизнис секторот така и за младите кои бараат работа.

 

Автор: Христијан Станоевиќ