Средба Анѓушев-Биркл: Соработката меѓу Македонија и УСАИД ќе продолжи да се унапредува

БизнисРегулатива | 30.01.2019

Соработката меѓу Македонија и УСАИД ќе продолжи да се унапредува, за што постои голема волја, како и заеднички интерес, оценија на прва заедничка средба вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и новата директорка на Канцеларијата на УСАИД во Македонија, Гречен Биркл

 

На средбата, на која присуствувал и американскиот амбасадор Џес Бејли, како што информира прес- службата на македонската Влада, се разговарало за досегашната соработка која се однесува на економскиот развој и за соработката во енергетскиот сектор.

 

Вицепремиерот Анѓушев изразил благодарност за добиената поддршка при подготовката на новиот Закон за енергетика и за помошта во креирањето на подзаконските акти, како и за севкупната поддршка од американскиот народ во изминатиот период. Анѓушев потенцирал дека донесувањето на Законот за енергетика придонел Енергетската заедница да нотира значителен напредок во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор.

 

Новата директорка на Канцеларијата на УСАИД паралелно ќе ја извршува и функцијата на заменик на помошникот директор на Бирото за Европа и Евроазија на УСАИД. Претходно, Биркл работела во Меѓународниот Републикански Институт (International Republican Institute) и во Бирото за демократија, човечки права и труд во Стејт Департментот.



Сподели