ССК: Новата ЕУ регулатива за заштита на личните податоци предизвик за македонските компании

БизнисРегулатива | 28.06.2018

Современите глобални трендови на дигитализацијата влијаат врз механизмот за заштита на личните податоци. Глобализацијата и дигитализацијата резултираат со сè поголемо вмрежено општество, брзо ширење на информациите преку интернет, обемна анализа на податоци, дигитална економија, „smart living“ – паметно живеење, бази на податоци кои се поврзани меѓу себе итн. Сето тоа резултира со зголемување на меѓународниот проток на податоци, дури и од лична природа, па така се создава потреба за современ и софистициран начин на заштита на личните податоци. Во таа насока, на 27 април 2016 година Европскиот парламент и Советот на ЕУ ја донесоа Општата регулатива за заштита на лични податоци ((ЕУ) 2016/679), за заштита на физичките лица во однос на обработката на личните податоци и движењето на таквите податоци, со примена од 25 мај 2018 година.

„Со влегување во сила на оваа регулатива, отпочна процесот на имплементација на одредбите со кои детално и унифицирано се регулира функцијата Офицер за заштита на личните податоци (ОЗЛП). Тоа ќе ја зајакне заштитата на податоците за сите поединци во ЕУ, без оглед каде се наоѓаат податоците. ГДПР поставува повисоки стандарди за заштита од досегашната легислативна регулација на истото прашање. Мора прецизно да се утврди идентитетот на  контролорот, како и третата страна која ќе биде вклучена во процесот на обработка на личните податоци, потоа, зошто се потребни тие податоци и што се планира да се прави со истите. Регулативата  е правно обврзувачка и директно применлива за сите земји членки на ЕУ. Иако Република Македонија не е членка (со статус на кандидат од 2006 година), основен интерес на земјата е да го усогласи националното законодавство со горенаведеното законодавство на ЕУ. Во таа насока, е изработен и нов предлог Закон за заштита на личните податоци“, изјави Михајло Евросимовски, член на Управниот одбор на Сојуз на стопански комори на Македонија.

Тој истакна и дека најважните новини кои произлегуваат од GDPR (релевантни и за Република Македонија) се ревидираниот пренос на лични податоци во земји надвор од ЕУ; нови права на субјектите на личните податоци и нови методологии за обезбедување усогласеност; зголемување на улогата и одговорноста на надзорните тела и слични мерки.

„Јавните власти и деловните субјекти чии основни активности се насочени кон редовна или систематска обработка на лични податоци, се должни да вработуваат Службеник за заштита на податоци (DPO-Data Protection Officer), кој е одговорен за управување со усогласеноста со GDPR. Деловните субјекти мора да пријават какви било прекршувања на податоците во рок од 72 часа ако имаат негативен ефект врз приватноста на корисникот. Неизвестувањето за прекршување во рамките на времето може да резултира со парична казна до 10 милиони евра или 2% од годишниот промет. Непочитувањето на ГДПР резултира со административни парични казни до 20 000 000 евра или до 4% од вкупниот годишен промет од претходната финансиска година”, изјави Евросимовски.

Заштитата на личните податоци се поставува високо на агендата во Европската Унија и во таа насока се гради тренд на зголемена заштита која и Република Македонија ќе ја воведе со новиот Закон за заштита на личните податоци.


Сподели


Пријави се