ЗАКЛУЧОЦИ ОД 5. САМИТ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ВО ВИЕНА – ПОДДРШКА НА АКТИВНОСТИТЕ НА КОМОРСКИОТ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОРУМ

БизнисРегулатива | 05.07.2018

На состанокот на министрите за економските ресори, кој се реализираше во рамките на Петтиот Самит за Западен Балкан, на 4 јули 2018 година во Виена, беше разгледуван и придонесот на Коморскиот инвестициски форум во процесот на воспоставување на дијалогот помеѓу бизнис заедницата од регионот и европските институции, со цел да се олесни работењето на компаниите од регионот на Западен Балкан.

Коморскиот инвестициски форум, предводен од Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, работи на маркирање на проблемите со кои се соочуваат компаниите од регионот на Западен Балкан, и со поддршка на Европската унија се работи на што побрзо отстранување на препреките за работење и инвестирање во регионот.

Во Заклучоците од состанокот кој се реализираше во рамките на Петтиот Самит за Западен Балкан, особено беше потенцирана улогата која Коморскиот инвестициски форум преку својот Секретаријат во Трст ја имаше во развивањето на јавно-приватниот дијалог и унапредувањето на конкурентноста на регионот на Западен Балкан, залагањето за отстранување на бариерите за меѓусебна соработка и креирањето на поволно деловно опкружување за поттикнување на странски инвестиции. При тоа, беше поздравено лансирањето на инвестициската платформа (http://investinsee.com/), која го претставува регионот како единствена инвестициска дестинација, и функционира како централна точка од која потенцијалните инвеститори ги добиваат сите потребни информации за инвестирање во земјите од Западен Балкан, вклучувајќи пристап до база на податоци за макроекономските показатели, правната рамка, пазарот, финансиските и други стимулации, потенцијалните партнери и добавувачи, како и конкретни проекти во кои може да го вложат својот капитал.

Коморскиот инвестициски форум, преку својот Секретаријат и мрежата од комори-членки, кои претставуваат повеќе од 350.000 компании во регионот, упати апел  до сите засегнати страни - влади од ЗБ6, Европската комисија, земјите-членки од ЕУ во „Берлинскиот процес“, Советот за регионална соработка и сите други заинтересирани страни да бидат земени предвид следниве препораки:

- Заеднички да се работи на зголемувањето на конкурентноста на регионот при привлекувањето на странски директни инвестиции, како и да се поттикнуваат интрарегионални инвестиции, преку отстранување на бариерите и поедноставување на постапките и регулативите.

- Да се предвидат пречките за имплементација при креирањето на политиките и стратегиите, со цел да се намали времето меѓу дефинирањето на политиките и нивното целосно спроведување.

- Да се овозможи побрза трговија со добра со намалени цени во регионот и да се елиминираат долгите редици од камиони на граничните премини преку отстранување на сите нетарифни бариери, преку заемно признавање на сертификатите и забрзување на процесот за усвојување на стандардите на ЕУ, како и воведувањето на можностите за добивање на потребните документи по електронски пат.

- Да се овозможи подобар и полесен пристап до финансии за малите и средни претпријатија во регионот, со цел обезбедување побрз раст и отворање на нови работни места. При тоа,  треба да се работи на отстранување на бариерите за пристап до заеми од банките и на унапредување на алтернативните форми на финансирање.

- Да се продолжат активностите за реализација на дигиталната агенда, да се обезбеди квалитетно образование кое ќе биде пристапно за сите, вклучувајќи го особено стручното образование и обуки, и да се обезбеди мобилност на луѓето за да се овозможи високо образуваните кадри да останат и да работат во регионот.

д-р Татјана Штерјова


Сподели